Достапни линкови

Путин: не сакаме распад на Украина, но Крим е руски


Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Москва и официјално побара од рускиот парламент да донесе одлука за присоединување на Крим и на Севастопол за составни делови на Руската Федерација. По заедничката седница на рускиот парламент, тој и кримските лидери и официјално ја потпишаа спогодбата за анексирање на Крим и на Севастопол.

Рускиот претседател Владимир Путин на денешната заедничка седница на двата дома на парламентот изјави дека Русија не сака распаѓање на Украина, но оти Крим мора да биде дел од Русија.

„Денеска врз основа на резулатите од референдумот на Крим, врз основа на волјата на народот, му предлагам на Советот на Федерацијата да разгледа закон за прифаќање на два региона во Руската Федерација, Република Крим и градот Севастопол“, рече Путин.

Денеска врз основа на резулатите од референдумот на Крим, врз основа на волјата на народот, му предлагам на Советот на Федерацијата да разгледа закон за прифаќање на два региона во Руската Федерација, Република Крим и градот Севастопол.
Владимир Путин, претседател на Руската Федерација.
Тој наведе дека Русија ги почитува сите етнички групи на Крим и оти таму ќе има три еднакви јазици, рускиот, украинскиот и на кримските Татари. Тој додаде дека Крим ќе биде дом на оние што се векови живееле таму.

Путин оцени дека Крим го потврди своето право на самоопределување и ситуацијата ја спореди со онаа на Косово.

Според него, на Крим не дошло до воена интервенција, односно дека не бил истрелан ниту еден куршум.

Путин рече дека ситуацијата во Укрина ја рефлектира меѓународната нестабилност во изминативе години.

Според Путин, американската надворешна политика била диктирана од правото на посилниот, наведувајќи дека Западот ја минал линијата околу Украина и дејствувал непрофесионално и неодговорно.

Владимир Путин оцени дека западните обиди за застрашување на Русија со санкции ќе бидат сметани за акт на агресија и оти Москва ќе одговори.

Рускиот претседател, како што соопшти неговиот кабинет, претходно го одобрил нацрт договорот со кој Крим може да стане дел од Русија.

До ова дојде веднаш откако Путин и официјално го информирал парламентот за барањето на Крим да и се приклучи на Русија.

Тоа е прв законски потег во согласност со рускиот устав во анексирањето на Крим од Украина.

Путин вчера го призна Крим за независна држава, што е во спротивност со ставот на Западот дека Крим и натаму е дел од Украина.

Според Путин, одлуката на советскиот лидер Никита Хрушчов од 1954 година да го одвои Крим од Русија и да го предаде на Укарина било кршење на уставните норми.

Инаку, и непризнатата државичка Приднестровие сака, по Крим, да стане дел од Русија. Медиумите во Москва јавија дека раководството на Приднестровие веќе и упатило на руската Дума барање за да се обезбеди таквата можност.

Приднестровие 50 години беше во составот на Молдавија, а по распадот на Советскиот Сојуз таа област се отцепи.

Со руска поддршка во 1992 година прогласи независност која не е призната од меѓународната заедница. На референдумот одржан во 2007 година, 97 насто од граѓаните се изјаснија за обединување со Русија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG