Достапни линкови

Тотално опуштање – Македонски андерграунд десперадоси


Тотално опуштање.
Тотално опуштање.

„А во слободно време“, е насловен петтиот студиски албум на ТОТАЛНО ОПУШТАЊЕ, една од перјаниците на македонската андеграунд сцена и составот кој со него ја заокружи втората деценија од своето субверзивно рокенрол делување.

Со пет албумски објави во изминативе две децении, ТОТАЛНО ОПУШТАЊЕ влегуваат во редот на ретките македонски бендови кои за целото време од своето постоење ја крепеле исконската идеја за рокенролот. Енергични во изразот, саркастични и горчливи во текстовите на песните, весели во настапот и со јасно дефинирана идеја дека од рокенролот на ова наше турбо-буниште не се живее, тројцата десперадоси ја возат сопствената приказна како „професионално хоби“ кое му дава поинаков квалитет на нивниот секојдневен живот.
Планираме да го баталиме рокенролот и да удриме на здрава исхрана и на редовен секс.
Марјан Китановски, Тотално опуштање.

Од таму, Марјан Китановски (гитара и вокал), Владимир Стојчевски (бас) и Ристо Јанковски Љак (тапани) и по обелоденувањето на актуелниот и славенички албум „А во слободно време“, нималку не заслужуваат да бидат ставени во кошарата „рок ветерани“ на постојната андерграунд сцена на која еднодушно и припаѓаат со целото свое битие. Впрочем, со објавата тие само го продолжуваат континуитетот зачнат со денес можеби култните изданија како „И ние сме за народ и забав“ и особено „Ритам и блуд“, колекции на стихови и рими во кои беше опеана нивната, нашата реалност и несовршеност. Само што во случајов, како што на свој шеговит начин знае да забележи Китановски (инаку автор на безмалку сите текстови), тој како „веќе возрасен и сериозен човек“ се нурнал во „океанот на љубовта“.
Ги покриваме поголемите градови, и во меѓувреме преговараме за настапи во регионот. Сега за сега сè е на ниво на договор и кога листата ќе биде заокружена веднаш ќе ја објавиме.
Владимир Стојчевски, Тотално опуштање.

„Јас конечно сфатив дека главниот двигател на светот е љубовта. Љубовта е една голема форма и себе си се пред сè се наоѓам во одделот секс. Како такви мислиме дека сега треба повеќе да обрнеме внимание на сексуалните љубовни задоволства и погледот кон младоста, што според нас е нормално. Забите не ни се паднати сè уште, но косата одамна побеле. Арно ама не се сите работи паднати, има некои кои сè уште стојат гордо исправени, па затоа мислиме дека иронијата и сарказмот не се полезни за здравјето на човекот и одлучивме дека со љубовта и насладувањето ни е поудобно и поубаво. Дури планираме да го баталиме рокенролот и да удриме на здрава исхрана и на редовен секс“, вели Китановски.

Насловот на албумот е извлечен од песната „Двајца се млади“ (обрнете внимание на разулавениот дисторзичен саксафон), во која патем се говори за „вљубен пар кој интензивно се занимава со теми како пропаста на светот, суштината на битието, љубовта и смртта, економската криза, глобалното затоплување...“. Не помалку енергични и стиховно возбудливи се и „Преку Тасета и преку Таса“, самопреиспитувачката „Старецот и морето“, „металската“ - „Espanjola Brava“, регионално-химничната „Со мојот камион“ (концертен фаворит), фолклорно обоената „Хризантема“ (нивна редовна практика) и конечно воведната моќна панк-потскокнувалка „Tres Hombres Desperados“.

Овој материјал, со селектирани парчиња од претходните изданија, промотивно беше претставен на предновогодишните славенички концерти во радио „Канал 103“ и во Младинскиот културен центар во Скопје, а серијата промотивни настапи треба да продолжи во периодов што следува.

„По ова се планира неколку концерти да се одржат низ Македонија, таму негде во пролетниот период. Стандардно обично свириме во Штип, Прилеп, Битола, Куманово. Ги покриваме поголемите градови, и во меѓувреме преговараме за настапи во регионот. Сега за сега сè е на ниво на договор и кога листата ќе биде заокружена веднаш ќе ја објавиме“, вели Владимир Стојчевски.

Наспроти ваквиот след на настаните, ТОТАЛНО ОПУШТАЊЕ наместо да ѝ се предадат на „славеничката атмосфера за 20 годишниот јубилеј“, во своето дувло – студиото „Кај Трајче“ веќе ги снимија демо-верзиите на своите две нови песни (со работни наслови „Разбеле се коса бела“ и „Видов човек со крила“), деновиве треба да биде комплетиран и видео спотот за насловната нумера „А во слободно време“, а згора на тоа ангажирани се и на документарецот за КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ во чија рокенрол-асоцијација и органски припаѓаат.

„Идејата произлезе од тоа што оваа година се одбележуваат 15 години од постоењето на КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ и како еден своевиден феномен на македонската сцена каде се собрани членовите од повеќе групи во еден заеднички проект мислевме дека би било интересно тоа да се одбележи со еден документарен филм каде што ќе бидат прикажани и останатите бендови кои што ротираат околу оваа рокенрол асоцијација. Филмот е снимен и сега се наоѓа во фаза на монтажа, така што во текот на 2014 ќе биде и неговата премиера“, дополнува басистот.

Инаку, свесни за тоа дека „од рокенролот нема да се обогатат “ и дека од продажбата на своите изданија во земја во која и да не постои дискографски пазар ќе можат да си приуштат само „по една ракија, месен нарезок, евентуално чорба и главица кромид“, ТОТАЛНО ОПУШТАЊЕ носачите на звук по симболична цена ги продаваат единствено на своите концертни настапи, а на верните приврзаници и останатите рокенрол фанатици им понудија бесплатно даунлодирање од нивната интернет страница.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG