Достапни линкови

Нека не победи „најдобриот“!


Марија Грубор, студентски активист.
Марија Грубор, студентски активист.

За да смениш нешто, требало прво да го прифатиш. Еве, јас ја прифаќам реалноста, ја прифаќам со две раце, прифаќам оти реалноста знае да смрди и тоа одвратно, пишува Марија Грубор, студентски активист, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Се разбира дека знам оти сѐ е околу пари. Се разбира дека знам оти е капитализам. Познато е дека најдобро ќе си поминат аморалните.

По некоја случајност читам за глобални активистички потфати во деведесетите, за начини на кои луѓето во Америка, Европа и Азија се поврзале во заедничка борба против експлоатацијата на работниците во Индонезија, експлоатацијата на природни ресурси во Нигерија, поддршката на диктатури од страна на мултимилионските компании, кршењето на основните човечки права – и тоа во земји толку далечни, толку чудни и туѓи.
Да, знам дека нема место за морал во светот на големиот бизнис. Знам дека сѐ се врти околу пари. Но ми пречи кога ова што го живееме го третираме како дадено од Бога, имале таков или не.

Со доаѓањето на ерата на интернет комуникацијата, тогашните активисти се поврзале и поддржале на дотогаш невидени начини, задале неочекувани удари на корпорациите кои биле недопирливи и никој не можел да ги натера да преземат одговорност за алчноста што уништила животи. Обични активисти успеале да се изборат за формирање на синдикати на шивачки на Филипини. Мрежа од загрижени обични граѓани организирале масовни протести пред стотици ресторани на Мекдоналдс со цел да информираат што повеќе луѓе за здравствените ризици на нивната храна, неетичниот однос кон вработените, производството на месото, загадувањето.

Студенти од Северна Америка успешно извршеле притисок врз администрацијата на своите универзитети да ги укине скапите договори и спонзорства со компаниите кои заработувале „крвави“ пари што поддржуваат брутални режими. Таму некаде, во чудни туѓи земји. Откриле дека нивните врсници на другиот крај на светот, работејќи прекувремено во одвратни услови и за трагикомични плати во услови на секаква злоупотреба, ги шијат и лепат производите кои ним некој им ги продава за стотици долари, уште и качени на пиедестал на престижен бренд.

И успеале. Во милион мали и големи битки. Не го уништиле Најк, брендот кој стана симбол за робовладетел на евтина работна сила, ама му задале тешки повреди на грижливо третираниот имиџ кој му ги прави парите и го натерале да преземе одговорност за работниците кои некогаш ги отфрлил како непотребен товар. И пак, големите имиња, Најковите и Кока-Колите и ним сличните, парадираат наоколу до ден денес. Имаат фабрики во сиромашните источни земји во кои е дозволено да се уништува човечкото достоинство до ден денес. Ама барем денес немаат образ да тврдат, како некогаш, оти тие биле само производители на одреден невин продукт, и не се криви за ништо.
Оти животот бил трка, трката била борба, а борбата е неправедна. Неправдата е реалност, неправдата е оправдана.

Можеби најважно достигнување во 90-тите било тоа што голем дел од „обичниот народ“ на планетава добил пристап до важни информации, за тоа што стои зад фамозниот збор глобализација, на пример, и каде се жртвите кои не ги гледале, а морале да постојат - системот личел на предобар за да е вистински.

Денешните бизнис експерти, кога ја адресираат етичноста како тема пишуваат статии за лекциите кои може да се научат од начинот на кој Најк, на пример, си ја истресе правта од задникот на почетокот на новиот милениум и го преобрати својот нарушен имиџ станувајќи борец за работнички права, и ги остави најтешките денови зад себе. Во светот на бизнисот, оваа приказна служи за лекција за тоа како се решаваат проблеми, и како пример на чиста генијалност кога се работи за останување на врвот по секоја цена.

А тоа е нели, најважно? Да, знам дека нема место за морал во светот на големиот бизнис. Знам дека сѐ се врти околу пари. Но ми пречи кога ова што го живееме го третираме како дадено од Бога, имале таков или не. Секако не сме учеле на школо да решаваме проблеми или да размислуваме многу надалеку, па едноставно тука сме кај што сме и штом е тоа така значи така требало да биде. Голем дел од младите луѓе го има прифатено тоа како непроменлива вистина. Подготвени сме да ги најдеме сите потребни рационализации и аргументи. Мојот омилен е оној еволуционистичко-дарвинскиот, што со своите мантри „ќе преживее најсилниот и најспособниот“ и „натпреварувањето и алчноста ни е во крвта“ во принцип испраќа порака дека поради егзистенцијални причини луѓето се помалку или повеќе створени „лоши“ и тоа им е впишано во гените. И кој си ти да избегаш од гените, и каде? Овој систем е скроен токму според димензиите на човечката природа.
Во сето тоа, јас сум сѐ уште „наивна“ и верувам дека сите имаме избор. Чувствувам и разбирам дека имаме избор. Наоѓам и лична смисла во ширење на знаењето дека имаме избор. И тоа не го гледам како мааната поради која утре нема да победам во неправедната борба и ќе ме прегазат идните бизнисмени.

Од таа порака се хранат многу ужасни замисли, како што се поделбите на чисти и нечисти нации, супериорни и обични индивидуи. Во ред е да има геноциди, зашто секако е судено да преживее најсилниот. Во ред е што Нигерија е пресиромашна, а нејзината нафта ги збогатила корпорациите; реално е да преживее најснаодливиот. Во ред е и што од раѓање доларчиња ни светкаат во очите, мора подготвени да влеземе во трката. Оти животот бил трка, трката била борба, а борбата е неправедна. Неправдата е реалност, неправдата е оправдана. Милиони митови, квази-истражувања, маркетинг и пропаганда, сила и репресија ја носат на плеќи. И што можеме ние против својата природа? Најгенијалниот трик од сите.

Иако повнимателно погледнувајќи, тоа воопшто не е пораката на Дарвин. Иако еволутивните теории зборуваат и за еволуциски развој на соработка и грижа, емпатија и алтруизам. Десетици различни механизми си одиграле своја улога во еволуцијата, и уште се менуваат. И на крајот, поговорката за доброто и злото куче вели дека она куче кое ќе го храниш, тоа ќе преживее.

Во сето тоа, јас сум сѐ уште „наивна“ и верувам дека сите имаме избор. Чувствувам и разбирам дека имаме избор. Наоѓам и лична смисла во ширење на знаењето дека имаме избор. И тоа не го гледам како мааната поради која утре нема да победам во неправедната борба и ќе ме прегазат идните бизнисмени. Затоа што сѐ е поинаку штом еднаш искрено пробаш да не го гледаш животот како борба, а луѓето како противници. Ниту таа мистериозна човечка природа, ниту тие антички гени, ниту отапувачката средина немаат статус на предодредувачи на судбина.

Глобализацијата од една страна, на многумина им овозможила задоволување на нивните морбидни амбиции, но од друга страна овозможи и луѓето да се поврзуваат, да се запознаваат помасовно и подобро, и да ги разменат своите искуства. И жално е во ова време на достапни информации, да формираме догматски ставови, да негуваме неразработени верувања, да голтаме неистражени факти. Жално е да останеме и понатаму конзервирани его-трипови, несигурни сештомразачи, сонувачи на брзи пари и слава, конформисти кои не прават нешто што го немало на телевизија, необразовани следбеници и незрели шовинисти, слепи чувари на антика и традиција, параноидни религиозни фанатици.

За да смениш нешто, требало прво да го прифатиш. Еве, јас ја прифаќам реалноста, ја прифаќам со две раце, прифаќам оти реалноста знае да смрди и тоа одвратно, на гнило и распаднато, на мртво и крваво. Но имаме избор кое куче ќе го храниме. Имаме избор каков генетски материјал ќе активираме. Имаме одговорност за сопствениот живот. А покрај тоа, и за влијанието врз туѓите.
XS
SM
MD
LG