Достапни линкови

Турција - владина реконструкција, протести


Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган изврши голема реконструкција на владата откако тројца министри поднесоа оставки поради корупцискиот скандал што ја потресува земјата. За Ердоган скандалот бил заговор на некои меѓународни сили.

По состанокот со шефот на државата Абдула Ѓул, премиерот Реџеп Таип Ердоган соопшти дека се решил да смени десет министри, односно скоро половината од неговиот кабинет.

Претходно, тој не сакаше да ги коментира оставките на министрите за внатрешни работи, за економија и за животна средина.

Тие поднесоа оставки, бидејќи нивните синови беа уапсени во рамките на истрагата за нелегално префрлување пари во Иран и за мито во некои градежни проекти. Министрите демантираа дека направиле нешто нелегално.

Ердоган го смени и министерот задолжен за односи со Европската унија Егемен Багиш, бидејќи и тој бил вмешан во скандалот.

„Некои од министрите побараа оставка поради сегашниот развој на настаните, некои од нив поради тоа што ќе учествуваат на локалните избори, а некои од смените се моја лична одлука“, изјави премиерот Ердоган кој повтори дека нема да толерира никаква корупција.
Се соочуваме со напад врз турскиот народ и турската република што се претставува како корупциска истрага. Сите се свесни дека ова не е корупциска истрага, туку очигледен заговор.

Посматрачите сметаат дека истрагата е дел од растечката политичка кавга меѓу Ердоган и неговиот поранешен сојузник Фетула Ѓулен, познат како Хизмет, или на турски јазик „услуга“.

Се верува дека овој исламски свештеник кој повлечено живее во Соединетите држави, имал моќни врски во турската полиција и судството.

Поддршката на Фетула беше клучна за победите на партијата на Ердоган на изминатите три избори по ред.

„Причината поради која нашата партија е успешна, причината поради која го презедовме лидерството и поради која владееме во оваа земја 11 години е нашата искреност, како и нашата посветеност и решителност да се бориме против корупцијата.“

Министерот за животна средина Ердоган Бајрактар, откако поднесе оставка, го повика и премиерот Ердоган да го стори истото.

Тој наведе дека голем дел од градежните проекти што се под истрага биле одобрени од самиот премиер. Меѓутоа, турскиот премиер целата истрага ја опиша како „валкана игра“.

Според него, ваквите обвинувања биле заговор на дел од, како што изјави, „меѓународни сили“ и одредени организации кои работат под маската на религијата.

„Се соочуваме со напад врз турскиот народ и турската република што се претставува како корупциска истрага. Сите се свесни дека ова не e корупциска истрага, туку очигледен заговор, местенка против турската политика и турскиот народ“, рече Ердоган. Во меѓувреме, во Анкара, Истанбул и Измир дојде до антивладините протести и судири со полицијата.

Имиџот на Ердоган беше многу нарушен откако нареди растурање на демонстрациите против неговата влада во јуни годинава во Истанбул.

Во изминативе 11 години тој ја раководеше земјата низ забрзан економски раст и покрај обвинувањата за авторитаризам и за обиди да го поткопа секуларизмот на турската држава.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG