Достапни линкови

Специјалните училишта преполни со Роми


Илустрација.
Илустрација.

Според извештаите на Народниот правобранител во три од вкупно 5 специјални училишта во Македонија половина од учениците се од ромска популација.

Децата од ромската популација честопати се дискриминирани во образовниот процес, но проблем е кога дискриминацијата е суптилна па родителите некогаш имаат проблем и да ја препознаат, вели поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Магарита Цаца Николовска. Таа вели дека загрижува фактот што дел од ромските деца се испраќаат да се образуваат во специјални или посебни паралелки или специјални училишта кои се наменети за деца со ментални пречки, а дел од родителите и не се свесни како тоа ќе влијае врз развојот на нивните деца.
Ние имавме родител којшто беше многу задоволен што неговото дете е згрижено. Тоа било петто одделение, а требало да го префрлат во некое одделение каде ќе учи описменување.
Магарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права.

„Ние имавме родител којшто беше многу задоволен што неговото дете е згрижено. Тоа било петто одделение, а требало да го префрлат во некое одделение каде ќе учи описменување. Дали ви е ова доволен пример за сето она што се случува?“

Во установите за ментално хендикепирани деца има многу Роми, нотира комесарот за човекови права на Советот за
Европа. Во неговиот извештај се вели дека тоа е лоша политика која е штетна за Ромите и за целото општество.

Според извештаите на Народниот правобранител во три од вкупно 5 специјални училишта во Македонија половина од учениците се од ромска популација.
Се уште е голем бројот на деца Роми кои не посетуваат училиште, особено изразено е кај децата на улица, според некои податоци дури 95 отсто од овие деца се Роми.
Вања Михајловска, Институт за човекови права.

Истражувањето на Институтот за човекови права за дискриминација на Ромите во образовниот процес, покажува дека често училишните власти ги советуваат родителите да ги пратат децата во специјалните училишта, а родителите најчесто не знаат да ги разликуваат потешкотиите на децата при совладување на училишниот материјал кое можеби е последица на непознавање доволно добро на јазикот и вистински ментални проблеми кај децата. Од друга страна, пак, во анализата е наведено дека дел од родителите ги запишуваат своите деца во овие училишта поради можноста да добијат помош од државата во случаи кога се има такво дете.

Аналитичарот Вања Михајловска од Институтот за човекови права вели дека во истражувањето освен проблем, нотирани се уште неколку други од различни аспекти. На пример квалитетот на законите од оваа сфера е задоволителен, но проблем претставува нивната имплементација.

„Се уште е голем бројот на деца Роми кои не посетуваат училиште, особено изразено е кај децата на улица, според некои податоци дури 95 отсто од овие деца се Роми. Од страна на многу наставници беше искажана загриженост што млади женски лица го напуштаат образовниот процес најчесто заради рано стапување во брак и тоа со поддршка на родителите. Фактот што многу ромски деца се уште не се запишани во книгата на родени, создава проблем за нивно запишување во училиште и продолжување на образованието.“

Подобрување условите за живот, донесување на политички одлуки за пристап до здраствената заштита, образованието и промовирање на идентитетот, културата и ромскиот јазик се дел од препораките на Советот на Европа за подобрување на животот на Ромите во земјва.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG