Достапни линкови

Висока невработеност, а гломазна администрација


Невработеноста во Македонија се уште е многу висока, јавниот сектор останува најголемиот вработувач, се вели во најновиот извештај на ЕУ за напредокот на земјата.

Невработеноста во Македонија се уште е многу висока, иако е забележан пад на 28,8 проценти во вториот квартал на оваа година, а јавниот сектор останува најголемиот вработувач, се вели во најновиот извештај на ЕУ за напредокот на земјата. Според извештајот, потребно е да се преземат поголеми мерки за долгорочни вработувања, за високата невработеност на младите, како и за ниското учество на жените на пазарот на трудот. Во него е наведено и дека спроведувањето на активните политики се уште се предизвик за Агенцијата за вработување, која започна долг процес на модернизација.
Барам, ама кај да барам ова е луда куќа, повеќе од дваесет години барам работа, ама џабе, сега на 60 години кој ќе ме прими на работа.
Анкетиран граѓанин.

Граѓаните кои ги затекнавме пред Агенцијата за вработување велат дека редовно се пријавуваат и дека со години бараат работа, но без успех. Некои од нив се снаоѓаат со тоа што работат на црно во приватни фирми.

„Нема никаква работа, приватно нешто подработуваме за да се снајдеме, инаку вака нема шанси.“

„Барам, ама кај да барам ова е луда куќа, повеќе од дваесет години барам работа, од 1989 сум без работа, се пријавувам прво секој месец, па на три, па на шест, ама џабе, сега на 60 години кој ќе ме прими на работа.“

„Јас сум пензионер, тука со внука ми дојдов, а зет ми е дипломиран економист и тој седи без работа.“
Се додека не го релаксира претпиемачот, а не да се чувствува угнетен од државата преку УЈП и преку други форми на инспекции, нема да има иницијативи.
Зоран Витанов, поранешен заменик министер за економија.

Поранешниот заменик министер за економија Зоран Витанов вели дека крајно ургентно е да се преземат пред се две мерки. Едната е да се врати претпиемачкиот амбиент во државата кој е изгубен, бидејќи во државата не гледа партнер и пријател, туку угнетувач. Другата е што македонската индустрија е неконкурентна, а токму најголем дел од луѓето можат да се вработат во извозно ориентирани фирми кај што има големо производство.

„Се додека Македонија не ја смени монетарната политика, да го релаксира денарот и се додека не го релаксира претпиемачот, а не да се чувствува угнетен од државата преку УЈП и преку други форми на инспекции, нема да има иницијативи, а креативните луѓе, најпросперитетните, лидерите по менталитет, ни бегаат надвор од државата, наместо да ги држиме овде и да си отворат бизнис, затоа во Македонија единствена алтернатива останува сите да се вработат во администрација и нормално е дека ЕУ на тоа укажува.“

Според извештајот учеството на пазарот на трудот е ниско, а вработувањата во сивата економија не се намалени.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG