Достапни линкови

Сирија во Конгресот на САД, „тешки убедувања“


По одлуката на американскиот претседател Барак Обама да побара дозвола од Конгресот за ограничен воен удар врз Сирија, и неговите демократи и републиканците се скептични. „Тешко ќе биде да се продаде резолуцијата за Сирија“, вели републиканецот Том Кол човекот за компромиси меѓу неговата партија и Белата куќа.

Претставници на Белата куќа имаат помалку од две недели да обезбедат поддршка во Претставничкиот дом и во Сенатот чии членови и покрај итноста на прашањето, нема да одржат пленарни сеници до 9 овој месец кога истекува летниот одмор.

Гласањето за резолуцијата се очекува кон средината на месецов. Како и да е, дебатата за одобрување на нападот почнува денеска кога пред сенатскиот Комитет за надворешни односи ќе сведочат државниот секретар Џон Кери и министерот за одбрана Чак Хејгел.

Конгресмените и од двете партии изјавија дека администрацијата понудила уверливи докази дека хемискиот напад го извршила сиријската влада. Но тие, како што пренесуваат американските медиуми, биле загрижени за тоа дали ограничените удари ќе бидат ефикасни, односно дали не ќе биде потребно подлабоко американско вклучување во граѓанската војна во Сирија.

Ако Конгресот ја отфрли резолуцијата откако претседателот на Соединетите држави веќе се заложи за акција, последиците ќе бидат катастрофални за кредибилитетот на оваа земја меѓу пријателите, а противниците ќе не распарчат и тоа нема да има импликации само врз ова претседателство, туку и врз идните.
Џон Мекејн, сенатор.
Републиканските сенатори Џон Мекејн и Линдзи Греем по состанокот со претседателот Барак Обама изјавија дека тој ќе мора да претстави цврсти аргументи доколку сака да го убеди Конгресот. Мекејн и со предупредување на катастрофалните последици доколку Конгресот не го одобри нападот.

„Ако Конгресот ја отфрли резолуцијата откако претседателот на Соединетите држави веќе се заложи за акција, последиците ќе бидат катастрофални за кредибилитетот на оваа земја меѓу пријателите, а противниците ќе не распарчат и тоа нема да има импликации само врз ова претседателство, туку и врз идните“, изјави Мекејн.

Несигурноста во голема мерка произлегува и од самиот Конгрес кој е длабоко поделен и нефункционален. Демократите го контролираат Сенатот, но републиканците во свои раце го имаат Претставничкиот дом и досега не успеале да ги приближат ставовите за скоро ниту едно поважно прашање.

Според аналитичарите, таквата атмосфера би можело да стане поотровна кога ќе се расправа за едно такво прашање како што е воената интервенција на Блискиот Исток.
американскиот носач на авиони „Нимиц“
американскиот носач на авиони „Нимиц“

Згора на тоа, Сирија доаѓа на дневен ред во момент кога Конгресот се соочува со проблеми околу федералните трошоци и барањето од министерството за финансии за покачување на границата на задолжување за да не дојде до прекин на функционирањето на владата.

Сојузниците на Обама во Конгресот велат дека најпрвин треба да се работи со администрацијата на редефинирање на веќе предложената резолуција. Таа беше испратена во Капитол Хил во саботата и е на помалку од една страница.

Во неа не е прецизирано за каков тип на воена операција станува збор и колку би траела. Затоа, како што велат самите конгресмени, очекуваат во наредниве денови да чујат многу повеќе детали од Белата куќа.

„Доказите за извршен хемиски напад се тука, останува да се надмине скептицизмот кај конгресмените дека ограничениот воен удар врз Сирија ќе биде вистинскиот приод за решавање на проблемот“, вели републиканецот Скот Ригел.

Има и такви кои сметаат дека каква и да биде резолуцијата, самото нејзино одобрување од Конгресот ќе биде јасна победа на претседателот Барак Обама.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG