Достапни линкови

Вести

Сноуден го напуштил аеродромот во Москва

Рускиот адвокат кој го застапува поранешниот соработник на американските тајни служби Едвард Сноуден изјави дека неговиот клиент добил привремен азил во Русија во времетраење од една година. Риа Новости пренесува изјава на вработен во аеродромот кој рекол дека Сноуден веќе го напуштил транзитниот терминал, каде беше заглавен поради поништен пасош. Соединетите американски држави го обвинуваат 29 годишниот хакер за шпионажа и откривање на детали за амеирканските надзорни програми. Тој поднесе барање за привремен азил во Русија.

види ги сите денешни вести

Десетици повредени во насилство во Бишкек

Демонстрации во Бишкек
Демонстрации во Бишкек

Киргистанската влада соопшти дека 28 лица се повредени, меѓу кои и тројца странци, во инцидент што се случи во Бишкек ноќта меѓу 17 и 18 мај.

Насилството било предизвикано од видео снимка што кружеше на социјалните мрежи од тепачка во дворот на хостел во Бишкек во која учествувале „странци“.

Шефот на Државниот комитет за национална безбедност на Киргистан, Камчибек Ташиев рече дека по тепачката вечерта на 17 мај, 500-700 локални граѓани на возраст меѓу 18 и 25 години се собрале во центарот на градот за да протестираат како што велат поради зголемување на бројот на мигранти кои работат во Киргистан.

Полицијата за борба против нереди опколи делови од градот каде што се собраа демонстрантите.

Ташиев рече дека Киргистан се бори со приливот на илегални мигранти кои доаѓаат во земјата, главно од Пакистан и Бангладеш, додавајќи дека многу од нив „го прекршуваат законот“.

„Идентификуваме најмалку 20-30 или 50 илегални мигранти дневно и се обидуваме да ги протераме од земјата. Врз основа на официјалната статистика, повеќето од странците кои го прекршуваат законот се државјани на Пакистан и Бангладеш. Од нив, вративме околу 1.500 луѓе од Пакистан и околу 1.000 луѓе од Бангладеш во нивните земји“, изјави тој.

Министерот за здравство, Алимкадир Беишеналиев рече дека тројца странски државјани по судирите се на лекарска помош во болница, без да ја каже нивната националност.

Исто така, пакистанската амбасада соопшти дека 14 пакистански државјани се повредени во инцидентот, но ги негираше информациите дека тројца Пакистанци се убиени.

Лагумџија: Усогласен конечен текст на резолуцијата за геноцидот во Сребреница

Златко Лагумџија (архивска фотографија)
Златко Лагумџија (архивска фотографија)

Амбасадорот на Босна и Херцеговина во Обединетите нации (ОН) Златко Лагумџија во петокот објави дека е усогласен конечниот текст на резолуцијата за геноцидот во Сребреница.

Измените во текстот на резолуцијата се однесуваат на делот - по „според меѓународното право“ и пред „не е колективна“, сега се пишува зборот „индивидуална“, рече Лагумџија, кој конечниот текст на резолуцијата го даде на Радио Слободна Европа.

„Молчевме пред негаторите на геноцидот додека тие славеа и закажуваа, а потоа ги откажуваа непостоечките седници на Генералното собрание на ОН, како и додека тие „се пресметуваа“ со резолуцијата за геноцидот во Сребреница од 1995 година пред да ја прочитаат и додека текстот не беше ни завршен“, објави Лагумџија во објава на мрежата Икс.

Како што изјави, „ нив ги мачеше само еден збор – геноцид“.

„Сребреница е вратена на глобалната сцена во последните месеци - симбол на борбата за правда, вистина, помирување, учење, спречување на геноцидот и на крајот симбол на борбата против негирањето на геноцидот. Никој не може да избега од тоа веќе“, порача Лагумџија.

Како што наведе, усогласената конечна верзија на резолуцијата, која на 23 следниот четврток (23 мај) ќе им биде претставена на сите членки на ОН „не доведе до уште подобро „испеглан“ текст со два амандмани кои станаа интегрален дел од документот за кој ќе се гласа“.

„Првиот амандман ги покренува аргументите на лажните патриоти кои промовираат непостоечка вина на „нациите од геноцид". Текстот гласи: „Повторуваме дека кривичната одговорност според меѓународното право за злосторството геноцид не може да се однесува на ниту една етничка, религиозна или друга заедница како целина“, наведе амбасадорот на БиХ во Обединетите Нации.

Кога станува збор за вториот амандман, „вториот укажува на зајакнување на единството во различностите, што не е само мотото на Европската унија, туку и природата на нашата земја како европска држава заснована на такви традиции. Текстот гласи: „Ја повторуваме нашата цврста определба за одржување и зајакнување на единството во различностите во Босна и Херцеговина“, наведува Лагумџија во објавата на мрежата Икс.

Тој потоа го сподели конечниот текст на резолуцијата, со порака: „Направивме се што знаевме и можевме. Нема да застанеме. Ви благодариме на сите што беа со нас“.

На 23 мај, Генералното собрание на ОН ќе гласа за предлогот за резолуција за прогласување на 11 јули за „Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година“.

Резолуцијата се повикува на фактите утврдени со пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Меѓународниот суд на правдата, како и на домашните судови за геноцид на најмалку 8.372 Бошњаци и други воени злосторства во регионот на Сребреница, повеќе од 50 луѓе беа осудени на околу 700 години затвор.

Пресудите, меѓу другото, го осудуваа на доживотен затвор воениот претседател на ентитетот Република Српска и врховниот командант на армијата на Република Српска, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.

Временска прогноза - топло и облачно, можно невреме со врнежи и град

Илустрација
Илустрација

Сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне и кон крајот на денот наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за појава на краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град, соопштија од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).

Во Скопје ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Максималната температура ќе достигне 27 степени. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме, најавуваат од УХМР.

Изгласана новата Влада на Хрватска

Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска, 17 април 2024 година.
Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска, 17 април 2024 година.

Хрватска во петокот вечер доби нова влада, откако парламентот и изгласа доверба на третата влада која ќе ја предводи актуелниот премиер Андреј Пленковиќ од Хрватската демократска заедница (ХДЗ).

По целодневна, десетчасовна дебата, 79 претставници гласаа за поддршка на владата на ХДЗ и Движењето Татковина, еден беше воздржан, а 61 беа против.

Претседателот и членовите на Владата се заложија совесно и чесно да ја извршуваат својата должност, да ги почитуваат Уставот, законите и правниот поредок и да се залагаат за напредок на државата.

Во петокот пред Собранието беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на пет приоритети - успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска.

Во новиот мандат, Владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра и отворање на 125.000 нови работни места.

Се предвидува и олеснување на стопанството за дополнителни 135 милиони евра неданочни и парафискални давачки, поттикнување на приватни истражувачки и развојни проекти во износ од над 250 милиони евра. Шест милијарди евра ќе се инвестираат во железничката инфраструктура во следните десет години за модернизирање на железничкиот транспорт.

Третата влада на Пленковиќ, исто така, планира да ја удвои еднократната финансиска поддршка за новороденче, на мајките да им даде една година пензија за секое родено дете и да го зголеми финансискиот надоместок за користење на правото на родителско отсуство за вработени и самовработени родители.

До крајот на мандатот, пензиите се предвидува да се зголемат за најмалку 30 отсто, а просечната пензија ќе изнесува најмалку 750 евра.

Новата влада, наместо досегашните 16, ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.

Четворица повредени во судир на патнички и товарен воз во Белград

Властите велат дека нема жртви во несреќата.
Властите велат дека нема жртви во несреќата.

Неколку лица се повредени во судар на патнички и товарен воз во Белград, потврди за Радио Слободна Европа компанијата Инфраструктура на железници на Србија.

Српското Министерство за внатрешни изјави за РСЕ дека несреќата се случила денеска нешто пред 19 часот во тунелот Вуков споменик-Панчевачки мост.

„Најдобрата вест е дека нема жртви“, изјави министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, кој пристигна на местото околу 20 часот.

Пожарникари на местото каде се судрија товарен и патнички воз во Белград.
Пожарникари на местото каде се судрија товарен и патнички воз во Белград.

Министер за транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, изјави дека нема повреди опасни по живот, а дека четворица од повредените се задржани во белградскиот Ургентен центар, додека деветмина од полесно повредените по прегледите се пуштени дома.

„Според првите информации, композицијата „Беовоз“ поминала низ безбедносното светло и дошло до несреќа. Но, треба да се почекаат резултатите од истрагата кои и официјално ќе ги покажат причините за судирот“, изјави Весиќ.

Полициски службеници и итна медицинска помош на местото каде се судтија товарен и патнички воз во Белград,
Полициски службеници и итна медицинска помош на местото каде се судтија товарен и патнички воз во Белград,

Сите расположливи екипи на белградската Итна помош излегоа на лице место.

На терен се и пожарникарско-спасувачки екипи со повеќе возила.

Израелската армија пронашла тела на тројца заложници кои биле убиени на музичкиот фестивал

Израелски војник среде тековниот конфликт меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас.
Израелски војник среде тековниот конфликт меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас.

Израелската војска денеска соопшти дека нејзините војници во Газа пронашле тела на тројца израелски заложници кои биле киднапирани од Хамас за време на нападот на 7 октомври. Хамас е организација која е прогласена за терористичка од страна на САД и ЕУ.

Армијата го идентификуваше телото на 22-годишниот Шани Лук, со израелско-германско потекло. Останатите две пронајдени тела се на 28-годишната жена Амит Бускила и на 56-годишниот маж Ицак Гелерентер.

Воениот портпарол Даниел Хагари рече дека сите тројца биле убиени од Хамас на музичкиот фестивал Нова - забава на отворено која се одржуваше во близина на границата со Газа, а нивните тела биле однесени на палестинска територија.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја нарече смртта на овие луѓе „срцепарателна“.

„Ќе ги вратиме сите наши заложници, и живи и мртви“, рече тој.

Војската не соопшти детали каде се пронајдени нивните тела. Израел оперира во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, каде што соопшти дека има разузнавачки информации дека се држат заложници.

Милитантите предводени од Хамас во нападот на 7 октомври убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, а киднапираа околу 250 други.

Оттогаш, околу половина од нив се ослободени, повеќето во замена за палестински затвореници кои ги држеше Израел, за време на еднонеделното примирје во ноември.

Израел соопшти дека околу 100 заложници се уште се заробени во Газа, заедно со телата на уште околу 30.

Во израелската кампања во Газа убини се повеќе од 35.000 Палестинци од напад на 7 октомври наваму, според здравствените власти во Газа, со кои управува Хамас.

Напад во Авганистан - неколку убиени, меѓу нив и странски државјани

Авганистанска провинција Бамијан.
Авганистанска провинција Бамијан.

Вооружен напад се случил на 17 мај врз група на странски туристи во централната авганистанска провинција Бамијан.

Извор од талибанските безбедносни сили за Радио Азана на Радио Слободна Европа изјави дека во нападот имало неколку мртви.

Изворот, кој побара да остане анонимен, не го откри бројот на загинатите туристи или нивната националност.

Амај њуз објави дека најмалку осум лица биле убиени.

Меѓу жртвите во нападот биле и четворица странски државјани, но не беа дадени повеќе детали.

Србија досега добила 220 милиони евра од ЕУ за миграцијата и граничната контрола

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Од 2015 година, Европската унија (ЕУ) ѝ даде на Србија повеќе од 220 милиони евра помош во областа на миграцијата и управувањето со границите, изјави Никола Бертолини - шеф на Одделот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Србија.

На крајот од петдневната обука на граничарите во Суботица, Бертолини рече дека Србија усвоила стратегија за интегрирано гранично управување, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Тој додаде дека парите од Брисел биле испратени во Србија за поголема безбедност на границите и помош во борбата против нелегалните прекугранични активности, шверцот на оружје, експлозиви и наркотици.

„Зголемувањето на капацитетот на граничните служби води и до поефикасно откривање на нерегуларна миграција, трговија со луѓе и криумчарење“, рече Бертолини.

Тој посочи дека ЕУ планира да продолжи да ја поддржува Србија за спроведување на поефективен надзор и софистицирани гранични проверки, како и да обезбеди модерна опрема за таа цел.

Тој потсети дека за зголемување на обемот на трговската, туризмот и културната размена потребни се поотворени граници, но истовремено и одржување на високо ниво на безбедност на границите.

„Затоа сите гранични агенции треба да воспостават рамнотежа помеѓу строгите контроли и отворените граници“, рече Бертолини.

Владата на Србија го усвои акциониот план на ЕУ за интегрирано гранично управување во 2022 година.

Од почетокот на светската мигрантска криза во 2015 година, преку таканаречената балканска рута низ Србија поминале повеќе од еден и пол милион бегалци и мигранти, покажуваат податоците на надлежните органи на Обединетите нации (ОН).

Засилени безбедносни мерки во Шведска по пукање во близина на израелската амбасада

Улицата Готгатан во Стокхолм, 14 април 2020 година. Илустративна фотографија
Улицата Готгатан во Стокхолм, 14 април 2020 година. Илустративна фотографија

Шведска ги засили безбедносните мерки во земјата по пукање во близина на израелската амбасада во Стокхолм, соопшти полицијата на 17 мај.

Полицијата ја опколи областа околу амбасадата и изврши претреси во неколку населби во Стокхолм откако во раните утрински часови се слушнаа истрели.

„Поради сомнителни пукотници во близина на израелската амбасада во Стокхолм, полицијата презема безбедносни мерки за заштита на имотот и интересите на Израел и Евреите низ целата земја“, соопшти полицискиот оддел на својата веб-страница.

Амбасадорот на Израел во Шведска, Жив Нево Кулман, им се заблагодари на властите на мрежата X „за нивната итна реакција и истрага, како и за зголемените безбедносни мерки околу нашата амбасада и околу еврејските заедници“.

Во февруари, полицијата на теренот на израелската амбасада пронајде уред за кој амбасадорот рече дека претставува обид за напад.

Шведските разузнавачки служби отворија истрага за „тероризам“.

Од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, властите и некои невладини организации во многу земји пријавија пораст на антисемитизмот, додека високиот број цивилни жртви во Газа предизвикани од одговорот на Израел дополнително ги зголеми тензиите.

ЕУ забрани уште четири руски медиуми поради ширење пропаганда

Европскиот парламент.
Европскиот парламент.

Европската унија на 17 мај забрани емитување на програми на уште четири руски медиуми во ЕУ поради, како што се наведува, ширење пропаганда за инвазијата врз Украина и за дезинформации.

Забраната за емитување се случува во пресрет на изборите за Европскиот парламент.

Последната група на медиуми кои се забранети ги вклучуваат веб-страницата Глас Европа, руската државна новинска агенција РИА Новости, весниците Известија и Росискаја газета, за кои ЕУ тврди дека се под контрола на Кремљ.

Официјалното соопштение за санкциите ја потврди одлуката на почетокот на неделава од страна на амбасадорите на 27-те земји-членки на блокот.

„Овие медиуми се под постојана директна или индиректна контрола на раководството на Руската Федерација и беа од суштинско значење и инструменти во започнувањето и поддршката на руската агресорска војна против Украина и дестабилизацијата на нејзините соседни земји“, се вели во соопштението на ЕУ.

Во соопштението се наведува дека овие медиуми конкретно ги таргетираат „европските политички партии, особено во изборните периоди“.

Забраните ги опфаќаат „сите средства за пренос и дистрибуција во ЕУ или насочени кон земјите-членки на ЕУ“, но не ги спречуваат новинарите да работат во медиумите во Европската унија.

Веќе минатиот месец, Белгија отвори истрага за сомнително руско мешање во јунските избори низ Европа, велејќи дека разузнавачката служба на нејзината земја го потврдила постоењето на мрежа која се обидува да ја поткопа поддршката за Украина.

Чешката влада воведе санкции за голем број луѓе откако таму беше откриена операција на проруско влијание. Според наводите, тие им обраќале на членовите на Европскиот парламент и им понудиле пари за промовирање на руската пропаганда.

Од почетокот на војната во февруари 2022 година, ЕУ веќе суспендираше неколку медиуми, вклучително и Русија денес (РТ) и Спутник.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG