Достапни линкови

Ем примаат нови луѓе, ем владата им отпишува долгови


Илустрација.
Илустрација.

Владата ќе му прости долг на Јавното претпријатие Македонски шуми од најмалку 43 милиони евра, а речиси во истовреме ова претпријатие, и покрај загубите, вработува нови 1.600 луѓе.

Во Македонија одамна не функционираат институциите на морална и политичка одговорност на функционерите, анализираат експертите по последната информација во јавноста дека Владата ќе му прости долг на Јавното претпријатие Македонски шуми од најмалку 43 милиони евра. Единствената одговорност кај нас е онаа пред партиските сметки, вели политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ.
Ние сме биле сведоци, не само на вакви простувања на долгови поради партиски интереси, туку и на изјави на одредени политички личности дека тие не му одговараат ниту на премиерот, ниту на Владата, туку само на својот лидер во партијата, со што се исклучува каков било вид на одговорност, не само морална, туку и човечка пред самиот себе и пред електоратот.
Соња Стојадиновиќ, политички аналитичар.

„Ние сме биле сведоци, не само на вакви простувања на долгови поради партиски интереси, туку и на изјави на одредени политички личности дека тие не му одговараат ниту на премиерот, ниту на Владата, туку само на својот лидер во партијата, со што се исклучува каков било вид на одговорност, не само морална, туку и човечка пред самиот себе и пред електоратот“, вели Стојадиновиќ.

Тоа што Владата му простува долг на претпријатие кое има пазарна цел, односно да не прави загуби е недозволиво за држава која треба да биде нем набљудувач на конкуренцијата, а не директно да влијае на пазарната економија, вели економскиот аналитичар Висар Адеми.
Ако Вие простувате долг, тогаш таа компанија ја поставувате над сите други организации. Секоја друга компанија што сака да влезе во тој сектор, ќе биде уплашена затоа што утре може да се очекува, ако не да се прости долгот, тогаш да се даде некоја финансиска инјекција да таа компанија биде над другите.
Висар Адеми, економски аналитичар.

„Значи, ако Вие простувате долг, тогаш таа компанија ја поставувате над сите други организации. Секоја друга компанија што сака да влезе во тој сектор, ќе биде уплашена затоа што утре може да се очекува, ако не да се прости долгот, тогаш да се даде некоја финансиска инјекција да таа компанија биде над другите“, изјави Адеми.

Отпишувањето на долговите доаѓа во време кога Македонски шуми вработува нови 1600 лица преку огласот објавен од страна на Владата. Токму затоа простувањето на долгот не може да биде случајно, вели Стојадиновиќ.

„Јавна тајна е дека тие 1600 лица ќе влезат со партиска книшка и со минимална скоро и непостоечка компетентност за тие работни места. Се знаеше и какви работни места се огласија. Не се огласија работни места кадешто се бара кандидатот да биде инженер по шумарство, туку се бараа општи работници, луѓе со средна стручна подготвеност. Тоа е и еден отчет на дозвола на Владата, Македонски шуми да стане дури и лично претпријатие на одреден партиски војник и тој да вработува колку што му е потребно, а овде да не ги исплаќа долговите кон државата. Тој оглас што Владата го даде пред неколку месеци наводно за високи функционери, директори, амбасадори беше како виц од Монти Пајтон, тоа беше навреда на интелектот на македонскиот народ“, вели Стојадиновиќ.

Она што исто така е спорно е поставувањето на директори по партиска линија. Трендот покажува дека единствена цел на нивното поставување е да ги финансираат партиите на власт, вели Адеми.

„И затоа овие луѓе никогаш не се земаат на одговорност. Тие се поставуваат за да вработуваат луѓе пред избори, а кај нас во последните шест години имаше четири изборни циклуси, трошат на кампањи и тоа е тоа што ја прави една компанија да не биде економски издржана“, вели Адеми.

Инаку, наместо да ги наплати парите што ова јавно претпријатие ги должи по основ на данок на додадена вредност, данок од добивка, персонален данок на доход, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, Владата му го простува долгот на Македонски шуми, а за сметка на тоа, ќе го зголеми бројот на акциите во претпријатието што го поседува во целост.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG