Достапни линкови

Љубовта ја разрешува дилемата на македонските Хрвати


Кумановските Хрвати понекогаш се носталгични за времето што го поминале во родниот крај, но сепак, нивниот дом е тука каде што создале свое семејство.

По раѓање или по потекло кумановските Хрвати имаат две татковини. Подеднакво ја сакаат и едната и другата, ги чуваат спомените, ја негуваат традицијата и културата. Понекогаш се носталгични за времето што го поминале во родниот крај, сепак, нивниот дом е тука каде што создале свое семејство. Ниту по распадот на поранешна Југославија не размислувале дека треба да ја напуштат земјата која ги прифатила и имала нормален третман како кон свои граѓани.
Дали ќе се исплати тоа или не. ЕУ не мора да биде императив за промена на местото на живеење, иако на Хрватска ѝ се отворени вратите во другите земји на ЕУ.
Марина Ујчиќ, лекарка од Куманово.

Иван Шеркиниќ, претседател е на огранокот на Заедницата на Хрватите во Македонија во Куманово.
Иван Шеркиниќ, претседател е на огранокот на Заедницата на Хрватите во Македонија во Куманово.
Децата родени во македонско-хрватски или српско-хрватски бракови се чувствуваат како кумановци, како Македонци, иако се декларираат како Хрвати и имаат голем респект кон корените. И покрај тоа што Хрватска е дел од европското семејство, а нашата држава сè уште се соочува со бројни проблеми минувајќи низ трнливиот пат во секоја смисла, за Хрватите од Куманово тоа не е императив да ја напуштат Македонија и Куманово и да заминат.
Лично не би отишол во Хрватска да живеам. Сè ми е тука, семејството.
Иван Шеркиниќ, претседател е на кумановскиот огранок на Заедницата на Хрватите во Македонија.

Марина Ујчиќ е млада лекарка која ги согледува предностите, но вели дека промена на местото на живеење е голем чекор и оти за тоа треба анализа на сите нешта.

„Дали ќе се исплати тоа или не. ЕУ не мора да биде императив за промена на местото на живеење, иако на Хрватска ѝ се отворени вратите во другите земји на ЕУ.“

А како млад човек од мешан брак во Куманово, Марина вели:

„Морам да кажам дека во Куманово не забележувам некоја разлика помеѓу националности, ниту посебен третман за било кој. Се чувствувам како и сите млади луѓе со еднакви можности, права, пристап до сите институции и до забавниот живот и сето она што овој град го нуди.“

Весна Јовановска Пахљина, воспитувачка, родена во Куманово, од мајка Македонка и татко Хрват, по осумгодишно живеење со родителите се преселила во Хрватска каде што го завршила образованието, но се омажила во Куманово за Македонец и поголемиот дел од животот го поминала тука. Таа вели дека често пати ја влече носталгијата по земјата во која се нејзините родители и најблиски роднини, меѓутоа Куманово е нејзиниот дом, а Македонија нејзина татковина која еднакво ја сака како и Хрватска. За животот во Куманово Весна вели:

„Се чувствувам и како Хрватка и како Македонка. Во Хрватска секогаш ме тераа да пеам македонски песни.“

Иван Шеркиниќ родум од Шибеник, Хрватска, во Куманово има свое семејство, сопруга Македонка, претседател е на огранокот на Заедницата на Хрватите во Македонија. Огранокот има 120 членови, основната цел е ширење и негување на хрватскиот јазик, традицијата и културата, а истовремено и негување на македонско-хрватското пријателство. Вели дека како Хрват убаво се чувствува во Куманово.

„Лично не би отишол во Хрватска да живеам. Сè ми е тука, семејството.“

Во Куманово има околу 150 граѓани кои се декларираат како Хрвати. Некои од нив Хрватска ја посетуваат според можностите, а најчесто еднаш во годината или со посебни поводи. Сепак, нивниот дом е Куманово и Македонија, зашто безмалку сите до еден велат дека имаат две татковини, а онаа во која останале поради своите животни сопатници, поради љубовта не би ја напуштиле. И како што поетесата Љерка Тот Наумова вели: Хрватите во Македонија се „помеѓу двојноста“, која евидентно ја разрешуваат поминувајќи го животот во Македонија.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG