Достапни линкови

Путин - Зошто оружје за луѓе кои јадат човечки органи во Сирија?


На дводневниот самит на Групата 8 најразвиени земји во Северна Ирска главна тема е Сирија. Начините за решавање на овој конфликт е и во фокусот на разговорите меѓу претседателите на Соединетите Држави и на Русија, Барак Обама и Владимир Путин, на маргините на Самитот.

Соединетите Држави минатата недела соопштија дека ќе ги вооружуваат сиријските бунтовници откако биле добиени уверливи докази дека режимот на сиријскиот претседател Башар ал Асад користел хемиско оружје.

Од друга страна Русија продолжува да го снабдува со оружје сиријскиот режим.

Претседателот Владимир Путин по вчерашните разговори во Лондон со британскиот премиер Дејвид Камерон ја бранеше ваквата одлука, наведувајќи дека Кремљ со тоа не го крши меѓународното право.

Мислам дека не би требало да ги поддржувате луѓето кои не само што ги убиваат нивните непријатели, туку ги отвораат нивните тела и ги јадат внатрешните органи, јавно, пред камери. Тоа се тие луѓе на кои сакате да им помогнете? Тоа се тие луѓе кои сакате да ги вооружувате?
Владимир Путин, претседател на Русија.
„Но, ако зборуваме смирено и професионално, тогаш би сакал да го насочам вашето внимание на фактот дека Русија ја снабдува со оружје легитимната влада на Сирија во согласност со меѓународното право. Не прекршуваме ништо, да потенцирам - ништо. Бараме од сите партнери да дејствуваат исто.“

Претседателот Владимир Путин додаде дека и двете страни во Сирија имаат крвави раце.

Притоа тој запраша зошто Западот сака да ги вооружува сиријските бунтовници кои, како што изјави, јадат човечки органи.

„Мислам дека не би требало да ги поддржувате луѓето кои не само што ги убиваат нивните непријатели, туку ги отвораат нивните тела и ги јадат внатрешните органи, јавно, пред камери. Тоа се тие луѓе на кои сакате да им помогнете? Тоа се тие луѓе кои сакате да ги вооружувате?“, запраша Путин.

Од своја страна британскиот премиер Дејвид Камерон уште еднаш повтори дека од клучна важност е сиријскиот претседател Башар ал Асад да замине од власт.

„Скоро сто илјади луѓе го загубија животот во оваа војна. Секојдневните злосторства таму се невидени во историјата на тој регион. Со секој изминат месец има се повеќе загинати и Сирија станува се поопасна и за регионот и за нас. Мора да работиме заедно со цел да му ставиме крај на конфликтот“, рече Камерон.
Скоро сто илјади луѓе го загубија животот во оваа војна. Секојдневните злосторства таму се невидени во историјата на тој регион. Со секој изминат месец има се повеќе загинати и Сирија станува се поопасна и за регионот и за нас. Мора да работиме заедно со цел да му ставиме крај на конфликтот.
Дејвид Камерон, премиер на Британија.

Тој изрази надеж дека Русија и Британија можат да ги надминат нивните несогласувања околу Сирија.

„Постојат многу големи разлики меѓу анализите што ги имаме за она што се случува во Сирија и кој е виновен за тоа. Но, и двајцата мислиме дека станува збор за хуманитарна катастрофа. И двајцата ја гледаме опасноста од нестабилност и екстремизам. Затоа сме за мировна конференција и транзиција.“

Покрај сиријскиот конфликт, Камерон сака самитот Г8 да резултира со нови договори за даноците, и за трговската и финансиската транспарентност.

На собирот неизоставна е и анализата на влијането на изборот на умерениот свештеник Хасан Рохани за нов претседател на Иран.

На самитот покрај Камерон, Обама и Путин, учествуваат уште лидерите на Франција, Германија, Италија, Канада и Јапонија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG