Достапни линкови

Павлина Спасова со циклус слики за водата


Павлина Спасова, сликарка.
Павлина Спасова, сликарка.

„Сè тече и сè се менува“ е насловена третата самостојна изложба на младата уметница Павлина Спасова, што од 13 до 27 јуни, се случува во Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Таа во својот најнов циклус се бави со мистеријата на водата, а постановката е планирано во периодов што следува да биде претставена и во уште неколку културни центри во Република Македонија.

Уметноста секогаш била алтернативниот пат по кој може да се дојде до вистината, оттука и фасцинацијата со водата се чини сосема оправдана од страна на младата сликарка Павлина Спасова чии, пак, опсервации на релација природа - вода - човечка перцепција се тема на нејзината најновата колекција на слики. Да споменеме дека во нејзиниот препознатлив ликовен израз важно место зазема и светлоста и начинот на интерпретирање на истата којашто варира од експресивна до хиперреалистична структура, рефлектирана директно од специфичниот ликовен сензибилитет на авторката.
Водата посебно е базична за сите суштества на планетава земја, па така тоа ме привлече да ја опсервирам токму неа. Едноставно од целата природа ја избрав токму водата, најголемата мистерија што би рекла денешнава наука.
Павлина Спасова, сликарка.

Ова ќе го забележи историчарот на уметност Роберт Цветковски, во текстот за каталогот на третата самостојна изложба „Сè тече и сè се менува“ на младата Павлина Спасова што се одржува во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. На постановката се претставени 16 слики во техника масло на платно и на нив уметницата се бави „со мистеријата на водата и нејзината моќ за примање и апсорбирање на информации“.

„На изложбата работам последниве две години. Претходно експериментирав доста долго и со најразлични теми, меѓутоа љубовта кон природата што ја имам уште од малечка ме натера да творам токму на таа тема. Водата посебно е базична за сите суштества на планетава земја, па така тоа ме привлече да ја опсервирам токму неа. Едноставно од целата природа ја избрав токму водата, најголемата мистерија што би рекла денешнава наука. “

Спасова, дополнува дека ова е еден вид нејзин уметнички крик и апел за враќање кон природата.
Сакав на луѓето да им го претставам она што е заборавено. Еве водата на пример, рефлексијата и сета онаа убавина што таа ја носи со себе да се врати повторно во денешницава.

„Сакав на луѓето да им го претставам она што е заборавено. Еве водата на пример, рефлексијата и сета онаа убавина што таа ја носи со себе да се врати повторно во денешницава. Ако немаме секојдневно допирна точка со природата, вака барем преку делата да го прикажам тоа. Ме радува тоа што има позитивни реакции кај публиката што подразбира дека луѓето тоа го доживуваат на начинот на кој што јас самата го осмислив и го прикажав.“

Родена 1989 година, Спасова дипломирала сликарство со конзервација и реставрација на Факултетот за ликовна уметност во Скопје во класата на проф. Благоја Маневски во 2012 година. Досега самостојно се претставувала во Кавадарци и Берово, а учесник е и на бројни групни изложби и ликовни колонии во земјава и во странство.

Уметницата истакнува дека во периодот што следува сликите од овој циклус има намера да и ги претстави на ликовната публика во Скопје, Свети Николе и во уште неколку други градови од земјава, а летово планира да одговори и на поканите за изложби од Србија и од Босна и Херцеговина. Таа дополнува дека ќе продолжи да ја потхранува постоечката потреба да се бави со водата и со природата во своите дела, но не ја исклучува и можноста новиот циклус да донесе и едно поинакво нејзино творечко видување на она што не опкружува.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG