Достапни линкови

Подемот на омразата во Европа


Во Грција, популарна крајнодесничарска партија ги обвинува Евреите дека се извор на сите несреќи во земјата и ги рециклира старите лаги прикажувајќи ги за убијци на Исус. Во Унгарија, премиерот не успева да се огради од антисемитизмот и се помоќната фашистичка група. Сцени од Европа од 30-тите години на минатиот век? Не. За жал тоа е дел од денешната европска политика, се наведува во коментарот објавен во „Интернешнал Хералд трибјун“.

Грчката партија е „Златна зора“ и сега е на трето место по популарност во земјата која за себе вели дека е колевка на демократијата. Унгарската партија е „Јобик“ и нејзиното влијание се повеќе расте во таа земја.

Скоро 70 години по поразот на Хитлер, Мусолини и европскиот фашизам во Втората светска војна, омразата и крајнодесничарската идеологија се вратија во скоро секоја европска земја.
од митинг на Јобик во Будимпешта
од митинг на Јобик во Будимпешта

И покрај тоа што овие партии не се доволни моќни за да владеат, тие се насилни, агресивни и нетолерантни спрема имигарните, Евреите и другите малцински групи, бидејќи не им одговораат на нивните поими како би требало да изгледа на пример грчката или унгарската нација.

„Златна зора“ го сврте вниманието на јавноста со својот суров фанатизам и употребата на свастиката и нацистичкиот поздрав. Таа се подигна на урнатините на грчката должничка криза и сега има 18 места во парламентот.
„Златна зора“ не се ни обидува да ја камуфлира нејзината идеологија на омраза и нејзината агресивност веќе не може да се игнорира.
Дејвид Харис, извршен директор на Американскиот еврејски Комитет.

Во изминативе неколку месеци оваа партија е особено критички настроена спрема Американскиот еврејски комитет, а Евреите ги опишува како лихварски ајкули и тирани на грчкиот народ.

„Златна зора“ не се ни обидува да ја камуфлира нејзината идеологија на омраза и нејзината агресивност веќе не може да се игнорира“, вели Дејвид Харис, извршен директор на Американскиот еврејски Комитет.

Исто како што нацистите и Мусолини се молеа на народните маси и нивните исконски страхувања во време на кризите во почетокот на минатиот век, така и „Златна зора“ цели на сиромашните Грци кои живеат во тешка економска криза, со невработеност кај младите од 50 насто.

Ако неземањето доволно сериозно на Хитлер во тоа време беше грешка, како Европа и Соединетите Држави би требало да реагираат денес?

Има такви кои мислат дека е смешно што некоја партија ги глорифицира нацистите во 21 век. Но, тоа е наивна реакција на бесот, предубедувањето и омрзата со што се хранат многу европски фашистички движења.

Тоа би било сериозна грешка, се наведува во коментарот во кој се додава дека битката против оваа појава почнува кај самите Европјани.

Притоа се спомнува дека деновиве Советот на Европа официјално побара од Грција да и забрани на „Златна зора“ пристап во политичкиот живот.

Некои европски лидери, како германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд имаат посебна одговорност да ја предводат битката. Би можело да почнат со прогонување на унгарскиот непостојан премиер Виктор Орбан, доколку цврсто не ја осуди партијата „Јобик“.

Секако треба да проговорат и Американците со осуда на групите како „Златна зора“ и со реафирмација на демократските врски со Европа, се наведува во коментарот објавен во „Интернешнал Хералд трибјун“.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG