Достапни линкови

Поповски - Невработеноста во Македонија се намалува


Интервју со Влатко Поповски
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:38 0:00

Интервју со Влатко Поповски

Едноставно во Македонија има обратен процес, секаде се зголемува невработеноста, а кај нас се намалува, тоа го кажа и статистика со последниот извештај што го даде пред Нова Година дека невработеноста е под 30 проценти, вели директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Поповски, како функционира последната измена во системот на пријавување на невработените во Агенцијата, односно системот на поделба на пасивни и активни баратели на работа?

Ние уште кога го спремавме законот од самиот почеток на целата постапка која ќе следи, од подигнувањето на самиот формулар, неговото запишување во системот до неговото враќање и пријавувањето на невработениот, целата акција започна на 24. 12.2012 година и трае сè уште, а ќе трае до крајот на овој месец. Досега се изјасниле 103.313 лица за активни баратели на работа и околу 129.299 лица коишто се изјасниле за пасивни баратели на работа. Во меѓувреме се изработени околу 22.289 индивидуални планови за вработување кои што се од најбитен карактер за агенцијата, нормално и за невработените, бидејќи самиот индивидуален план преставува договор измеѓу агенцијата и невработеното лице, односно нашиот советодавач којшто го пополнува заедно со невработеното лице и овие индивидуални планови ги пополнуваат исклучиво активните баратели на работа. Досега имавме голема бројка на невработени, 241 илјада беше последната бројка пред регистрација, со тоа што од таа бројка не можевме директно да оцениме колку вистински од тие лица бараат работа.

Спомнавте дека во агенцијата има евидентирано 129 илјади пасивни невработени лица. Дали тоа може да се толкува дека тие работат некаде во сивата зона, односно дека работата на „диво“ па затоа и не сакаат да бараат активно работа и се пријавуваат за пасивни?

Од ова може да се извлечат повеќе заклучоци. Значи едни можеби работат на црно, други можеби се вработени во своето селско стопанство како земјоделци, но сè уште не се регистрирани во системот како индивидуални земјоделци или лица кои што се бават со земјоделие или пак даваат некакви услуги или пак има некои лица кои што се грижат домашните и не можат да бидат активни баратели на работа. Значи има повеќе прашања кои треба да се одговорат. По мое мислење најголемата група припаѓа на втората точка, односно на домашни земјоделски стопанства каде што сите работат во земјоделието, но не се сè уште регистрирани во системот како индивидуални земјоделци. Мислам дека новиот закон кој стапува на сила за земјоделие и рурален развој ќе донесе доста позитивни решенија во тој дел. Знам дека доста од земјоделците ќе бидат помотивирани да се регистрираат и да бидат редовно плаќачи на давачките кон државата во однос на тоа за да им тече и стаж, бидејќи ние сме единствена држава во светот која дава голема бенефиција за индивидуалните земјоделци, а тоа е за 1850 денари за пензиско и здравствено осигурување на месечно ниво.

Што е со онаа корисниците на социјална помош, дали доколку се пријават како пасивни би ја изгубиле социјалната помош?

Јас одговорно тврдам дека воопшто нема да изгубат ниту едно социјално право, како здравствено осигурување, така и социјалната помош и заштита затоа што во агенцијата се пријавуваат само оние коишто бараат работа и сакаат да бидат вработени.

Како ги коментирате тезите на левичарските движења во Македонија кои што тврдат дека причините за намалувањето на бројот на вработените е всушност вештачко бришење на истите од списоците во Агенцијата?

Во 2012 година беше многу популарно тоа што нашиот список секој месец се намалуваше за 5 до 10-тина илјади невработени лица по основ на нередовно пријавување. Значи, ако јас сум невработен и јас треба да се пријавам во многу толерантен период од 30 дена, од ден А до ден Д и јас го промашувам тој датум и доаѓам после 15 дена и велам јас заборавив да се пријавам. Ако јас сум невработен и активно барам работа, можеби ќе заборавам да дојдам првиот ден, вториот, но 30 дена се долг период. На нашите шалтери повеќе нема гужви како што имаше порано, можеби во некои центри изутрина се создава гужва бидејќи сите се навикнати до 10 часот да си завршат својата обврска и после 10 часот нашите вработени се толку олеснети од гужви што после одреден период нема што да работат, значи работат други работи кои не се својствени за нивното работно место. Нè обвинуваат дека ги бришеме и така натака. Точно така, ама ако ви кажам дека само 8 проценти од нив се пожалиле, изразиле негодување од вкупната бројка, значи некаде од 100-тина илјади решенија, а имаме само 8 проценти жалби и приговори на нив, да не зборуваме повеќе, значи се гледа колкава е нивната активност.

Во 2012 година, заклучно со декември, бројката на невработени изнесува 243.403 што во однос на 2011 година изнесува намалување за речиси 40 илјади. Ако се земе предвид економската криза која сè уште негативно влијае врз стопанството, само минатата година 40 илјади фирми завршија со блокирани сметки што го отежнува моментот за вработување на нови кадри, што се случува со тие луѓе, ако не се повеќе невработени каде се? Имате ли информации за нивно вработување?

Значи минатата година, иако во Европа беснееше криза, беснееше во нашата околина, во Македонија немаше големи откази, можеби беше прогласување на технолошки вишок за месец два да се преброди кризниот период и пак се враќаа на работа. Значи филтрацијата на невработени беше голема, доаѓаа на евиденција и се вработуваа паралелно. Дел од заслугата за тоа што бројот на вработени во Македонија расте, значи не паѓа, не се намалува туку расте што е една обратна ситуација од она што се случува во ЕУ. Битно за тоа се големите инвестиции кои што влегоа во Македонија кои што вистински почнаа да заживуваат. Да кажеме само една фирма како што е на пример Дрекслер мајер која што само за една година вработи 700 луѓе, тоа е релевантен податок. Едноставно во Македонија има обратен процес, секаде се зголемува невработеноста, а кај нас се намалува, тоа го кажа и статистика со последниот извештај што го даде пред Нова Година дека невработеноста е под 30 проценти.

Во тој контекст, извештајот на државниот завод за статистика покажува зголемување на бројот на вработени за 10 илјади во изминатава година додека, пак, според податоците на вашата интернет страна има намалување за 40 илјади. Што е со разликата?

Тие лица се лица кои што не се пријавени редовно, тие најверојатно се во оној сектор што го спомнавме претходно дека се вработени некаде односно се работно ангажирани, дали за сопствени потреби или за друг работодавач. Тука треба да се воведе малку поголема контрола од сите оние инспекторски служби кои што постојат во Македонија за да работодавачите сфатат дека работниците мора да бидат пријавен. Голем дел од лицата кои како што може да видите од самата статистика се околу 170 илјади граѓани во сивата економија вработени. Значи онаа вкупна бројка на вработени, значи редовно вработени со М1 што се водат, според анкетата на вработени, значи околу 170 илјади излегува дека се во сивата економија.

Како е можно да се намалува бројот на невработени во изминативе три години за 100 илјади, а според државниот завод за статистика се зголемува бројот на вработени за 40 илјади во истиот период. Велите дека претпоставувате дека тука сивата економија си го влече своето, дали тоа значи дека нешто во системот не функционира?

Не, вака сега, кога ставаат правила нови кои ќе функционираат во една држава, ние сме држава која се развива, прифаќаме светски норми, начини на работа, постапки и слично, се создава една построга легислатива. Во Македонија многу луѓе се научени да работат без регистрација, значи дури и самите невработени не сакаат да бидат пријавени во некои случаи бидејќи ќе изгубат некое социјално право, Јас не им ја разбирам нивната логика и математика кога прима социјална помош од 2 илјади денари, а од друга страна ќе добиеме работно место каде што ќе ни плаќаат придонеси. Дел од стопанствениците ми се жалат во Агенцијата на состаноци дека имаат проблем за да ги регистрираат, бидејќи не им даваат лични карти, не сакаат да бидат пријавени, едноставно кеш на рака.

Каде е тука инспекцијата?

Со инспекцијата поставивме систем на контрола, го имаат веќе онлајн, значи можат да проверат за секое лице веднаш на терен каде е вработено и дали е вработено.

Кои кадри најлесно се вработуваат, а кои најтешко наоѓаат работа?

Од секогаш во Македонија носечки дел на вработувањата биле техничките науки, технички средни или технички факултети. Ако само ви кажам за пример дека моментално во Македонија за нискоградба инжинери или архитекти имаме само четворица од кои двајца се веќе во пензија, едниот за една година ќе оди во пензија, а последниот е 1956 роден што значи на некои пет до шест години до пензија, ќе видиме дека немаме таков кадар, односно сè она што завршува, автоматски завршува со работен однос. Тука се машинците од одделени струки, тука се и електроинжинерите, но највеќе имаме побарувачка од ИКТ односно од индустријата на информатички технологии каде што се бараат програмери, се бараат одржувачи на системи, бидејќи тоа е една од моментално најплатените работни обврски. Мислам дека дел од невработените кои што ни се водат на евиденција остваруваат приходи, но сè уште го немаат својот работен однос.

Во последниве години е многу висок процентот на матуранти кои се запишуваат на факултет. Висок е процентот на луѓе кои со високо образование се невработени. Има ли во Македонија работни места за толку многу високообразовен кадар?

Во последните неколку години имаме хипер продукција од општествени науки, а од техничките науки многу малку. Значи за првпат ланската година на факултетот за технички науки по 20 години независност на Македонија се пополнија квотите во техничките факултети. Инаку последните години многу се стави акцент на правните и на филолошките науки, на економските и на менаџерите, јавна администрација и така натаму. Но апсорпцијата на овие кадри, иако е голема, сепак за таква продукција не може да ги апсорбира самото стопанство. Ние сега соработуваме со сите комори и организацијата на работодавачи како и сите релевантни фактори за да ги креираме идните политики бидејќи врз основа на нивните потреби ние да креираме уписни политики. Според последните податоци имаме 530 магистри, 26 доктори на науки и 22 илјади дипломци невработени. Ако ви ја покажам структурата ќе дојдеме до она што го зборувам, структурата е претежно општествени науки. И самите магистри кои сега ги спомнуваме, тоа се мастер - сите кои се по Болоњскиот систем највеќе. Ако ја видиме структурата на магистрите пред Болоњскиот систем и по вклучување на студирање по тој систем ќе видиме дека магистрите кои што се по оној стар систем на вистинска магистратура каде што е 4+2 години е далеку поквалитетен.

Тоа значи дека новиот систем не е добар?

Да кажеме дека многу брзо стануваат, многу луѓе станаа магистри, иако да кажеме не се соодветни.

За нив нема работа затоа што, како што велите, спаѓаат во несоодветно или недоволно образован кадар?

Значи, магистрите да, но има еден проблем со они кои завршуваат со 180 кредити по болоњскиот систем кои што се со тригодишно студирање и немаат соодветен број на кредити бидејќи самите компании бараат комплетирани студенти, што во целост ги завршиле студиите.

Дали тоа би значело дека треба да се направи промена во образовниот систем, па и во дисперзираните студии кои исто така имаат општествени науки, а велите имаме вишок на таков кадар кој што не може да се вработи?

Значи од овој кадар се вработува само кремот, она што е најквалитетно, затоа што ги ловат уште од факултетските клупи и ги вработуваат. Просечните многу тешко наоѓаат да кажеме вработување и во самиот систем.

Што се случува со луѓето кои што по 10 години фигурираат во евиденцијата на Агенцијата како невработени?

Почнавме една акција, опфативме лица кои се повеќе од десетина години на евиденцијата и кои што припаѓаат на тешка старосна граница која што е во топ работоспособна категорија, а има проблем со објавените огласи, со слободните работни места кои што ги нудат компаниите, а тоа се лицата меѓу 40 и 49-годишна возраст. Во овој момент се опфатени околу 5 илјади активни баратели на работа, а до крајот на годината ќе бидат сите лица кои се над 10 години во евиденцијата што како груба бројка изнесува околу 16 илјади луѓе. Дел од невработените не доаѓаат на мотивационите обуки, не се јавуваат на телефонските повици, дел од нив по обуките се предомислуваат и се префрлаат кон пасивни невработени лица. Допрва ќе ги истражуваме причините за тие појави.

Ја спомнавте групата од 40 до 49-годишна возраст. Што е со луѓето над 50 години. Според податоците од вашата интернет страна станува збор за околу 80 илјади евидентирани невработени луѓе. Дали сте успеале реално да вработите некој што е над 50-годишна возраст?

Тука најмногу имаме успех со субвенционирано вработување, каде што доста од тие луѓе се пријавуваат и наоѓаме соодветно работно место во компаниите. Треба да се работи многу на тоа да се мотивираат работодавачите да отворат работни места. Знам дека доста голем број од овие луѓе кои се над 50 годишна возраст се и работоспособни и желни за работа и сакаат да прифатат работа. Но морам да напомнам дека дел од оваа група се една група на невработени кои остана технолошки вишок, под стечај или ликвидација кои што примаат паричен надоместок до пензионирање односно вработување. Многу мал дел од нив се решаваат да се вработат будејќи се чувствуваат посигурни да го примаат паричниот надоместок кој што го дава агенцијата. Можам да кажам дека само во наредните три години од овие кои што користат паричен надоместок некаде околу 14 илјади ќе отидат во пензија. Дел од нив сакаат да работат, иако се стечајци и примаат паричен надоместок, сакаат да работат. Дел од нив може да се каже дека ја применија мерката за самовработување со грант каде што својата идеја ја преточија во бизнис и сега се многу успешни бизнисмени.

Сте вработиле ли реално некој од овие луѓе кои што сакаат да работат, а се над 50 години?

Да.

Имате податоци колкава е таа бројка?

Не е некоја голема бројка која што би била ударна. Мислам дека бројката е околу 1.000 до 1.500 луѓе откако сум во агенцијата, од 2007 година. Нормално таа бројка е од година во година е различна. Годишно се вработуваат околу 500 луѓе од оваа година.

Може ли проблемот со невработени да се реши со вработување во јавниот сектор? Сведоци сме дека неодамна излегоа многу огласи за вработување во јавна администрација, само во изминативе неколку месеци се бараа 2-3 илјади луѓе да бидат вработени во јавна администрација?

Не се решава проблемот, може да се ублажи ударот, но не се решава проблемот. Проблемот се решава со инвестиции, проблемот се решава со странски инвеститори, со отворање на нови капацитети, проблемот се решава со мотивација на оние што имаат добра идеја да ги искористат поволностите што ги нуди државата да си отворат свој бизнис, бидејќи 90 проценти од мотиваторот на светската економија се малите бизниси, не се големите компании, туку се малите бизниси. Во Македонија сè уште луѓето се плашат, луѓето кои имаат добри идеи се плашат, што ќе се случи утре, зошто, како и така натаму. Ние веќе почнуваме една кампања за да ги мотивираме сите оние што имаат добра идеја да се охрабрат и да почнат да учествуваат на пазарот на трудот, односно да искористат една мерка што ја нудиме ние и Министерството за економија. Самите компании коишто доаѓаат да кажеме, отвораат работни места, но ме плаши тоа што кога ќе чујат самите невработени дека компанијата има оглас за вработување, да кажат наместено е, се знаат луѓето, со врски се итн. Од она што го имам како информација, 80, па и 90 отсто од компаниите вработуваат исклучиво врз основа на ЦВ-то.

Кога сме вработувањата во јавниот сектор, па и во приватниот, голем дел од луѓето стравуваат дека вработувањата се по партиска линија.

Не би рекол дека има по партиска линија, тоа го кажа и самиот премиер, затоа и се носат толку строги легислативи.

Но тоа како проблем на последната прес-конференција на 1 мај го нотираше и претседателот на ССМ, којшто рече дека вработувањето не треба да биде привилегија само за партиските членови. Тие го евидентирале дека постои како проблем.

Не е моја надлежност да го коментирам, но од она што го знам, знам дека сите тие луѓе ги исполнуваат основните критериуми и услови коишто се дадени од страна на огласувачот. Секој огласувач има потреба од соодветен кадар. На пример Агенцијата за последните три години има изгубено скоро 65 лица коишто заминаа во пензија или ја напуштија агенцијата. Засега сме пополниле само 12-13 работни места, значи сме во минус за повеќе од 40 работни места на луѓе коишто ни се потребни. На Агенцијата и се потребни правници, економисти, социолози, психолози, за онаа основа функција којашто ја вршиме. Такви се и другите институции. Да, можеби имало 2.000 работни места, но треба да видиме колкумина од нив заминале во пензија во изминатиов период, колку се намалила самата администрација.

Сакате да кажете дека и вие имате недостаток на вработени?

Да. Имаме центри каде што сме на нула, каде што буквално работиме на резерва и пополнуваме со луѓе од другите центри коишто се во близина, па некако ги израмнуваме потребите, бидејќи според некои стандарди коишто постојат во Европа треба да имаме за секои 20 невработени по еден вработен во Агенцијата. Кај нас се движат некаде околу 2.500 невработени на вработен во Агенцијата.

Ги имате кадрите, ги имате податоците за сите. Не можете да си вработите според потребите?

Можеме, можеме, но сепак треба да ја видиме и финансиската состојба на Агенцијата. Не смееме да го преоптоварме буџетот, не смееме да направиме проблем со којшто во иднина не би можеле да земаат плата и оние коишто се вработени.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG