Достапни линкови

Лола или обид за преживување во време на криза


Монодрамата „Лола“, заедничкиот проект на режисерката Софија Ристевска и актерката Македонка Илиевска, утревечер во 22 часот, во скопскиот клуб „Џубокс“, ќе ја доживее и својата македонска премиера. Претставата е во продукција на „Интимен театар“ од Битола, а својата праизведба ја имаше во јануари годинава на интернационалниот фестивал „Јазли“ во Сан Педро, Аргентина.

Во претставата станува збор за гладот и за смртта. За либералниот капитализам во кој е и нашето општество и каде сè повеќе луѓе се гладни, а сè повеќе фирми и поединци стануваат сè побогати. Раскажува сторија за животот на една жена, за нејзините погрешни животни избори и за напорите да преживее во време на економска, политичка и духовна криза.
Алудираме кон социјалниот момент во општеството и велиме дека тој мора да се подобри ако не сакаме да бидеме држава од третиот свет затоа што ние, сепак, сме заедница која му припаѓа на европскиот континент каде што веруваме дека социјалната правда и социјалната сигурност сè уште држат цена и сè уште би требало да бидат почитувани.
Софија Ристевска, режисерка.

„Лола“ е претстава за преживувањето во општествен систем во кој се умира од физички и од емоционален глад – вели режисерката Софија Ристевска, во пресрет на македонската премиера на монодрамата што ќе се случи овој петок во 22 часот во скопскиот клуб „Џубокс“, просторот во кој љубителите на театарот досега можеа да ги проследат и нејзините два претходни независни проекта – контроверзната „Лили“ и кабарето „Љубовницата“.
Актерката Македонка Илиевска и режисерката Софија Ристевска.
Актерката Македонка Илиевска и режисерката Софија Ристевска.

„Алудираме кон социјалниот момент во општеството и велиме дека тој мора да се подобри ако не сакаме да бидеме држава од третиот свет затоа што ние, сепак, сме заедница која му припаѓа на европскиот континент каде што веруваме дека социјалната правда и социјалната сигурност сè уште држат цена и сè уште би требало да бидат почитувани.“

Улогата е комплексна, емоционална и внатре се разработени повеќе ликови. Лола е жена која ја раскажува својата животна историја и сè е поврзано всушност со гладта, со задоволствата, со правењето компромиси, со маката која што секој од нас на еден или друг начин ја преживува во ова денешно време во едно општество кое што подлежи на економска, политичка, дури и на емоционална криза.
Македонка Илиевска, актерка.
Актерката Македонка Илиевска, која по дипломирањето на Новиот бугарски универзитет во Софија досега играла во „ММЕ кој прв почна“ по текст на Дејан Дуковски во режија на Војо Цветановски, истакнува дека идејата за проектот (кој патем е работен според документарни текстови, вистински приказни и стории од црните хроники во весниците), е од пред две години кога со Ристевска се затекнале на Исланд, но дека тие го комплетирале само за три пеколни работни недели во пресрет на фестивалот во Аргентина.

„Улогата е комплексна, емоционална и внатре се разработени повеќе ликови. Лола е жена која ја раскажува својата животна историја и сè е поврзано всушност со гладта, со задоволствата, со правењето компромиси, со маката која што секој од нас на еден или друг начин ја преживува во ова денешно време во едно општество кое што подлежи на економска, политичка, дури и на емоционална криза.“

Праизведбата на „Лола“ се случи на 16 јануари на второто издание на фестивалот (КНОТС/НУДОС) „Јазли“ во Сан Педро, град во близина на аргентинскиот мегалополис Буенос Аирес. На ова случување на независните театарски продукции на кое покрај домашните учествувале и трупи од Бразил, Боливија, Германија, Шпанија и Чиле, македонските уметници покрај двете изведби одржале и исто толку работилници, а за приемот кај публиката велат дека бил невообичаено топол оти присутните веднаш го препознале социјалниот момент што таа нештедливо го нуди со своите 50-минути живот на сцена.

„Тој момент на човечност е многу позапазен во Латинска Америка. Тие се поотворени, посолидарни, пополни со доверба. Кога Латиноамериканецот доаѓа во театар, тој доаѓа да ја види најпрекрасната претстава во светот. Билет си плаќа секој еден човек без разлика на тоа што нивните цени се движеа од 8-9 евра за овој тип продукти до некаде цели 100 евра за големите претстави во етаблираните театри. Значи, го нема тој момент на неплаќање влезница што е случајот кај нас. Таму препознаваат што е тоа глад и се солидарни кон тој момент. За разлика од нив, ние во Европа сè уште се обидуваме да го игнорираме бидејќи за среќа сè уште не го препознаваме како таков и толку радикално“, потенцира Ристевска.

Инаку, монодрамата ќе се прикажува во Скопје до 16 мај, потем со неа ќе биде промовиран сопствениот простор на независниот „Интимен театар“ во Битола на чиј редовен репертоар ќе биде претставата, а благодарение на мобилноста „Лола“ летово ќе може да се игра на фестивалите и на сцените во земјите од регионов. Згора на тоа, проектот на Ристевска, Илиевска и кореографот Кире Миладиновски има добиено покани за гостувања во неколку земји од Јужна Америка, но нивното ново ноемвриско подолго уметничко патешествие во тој дел од светот е условено од евентуалната помош на домашните институции и малиот број на спонзори кои што сè уште инаетливо веруваат дека инвестирањето во ваквите заумни културни проекти е сепак плодотворна и далекусежна заложба.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG