Достапни линкови

Нема договор за претседател на Комисијата за 24 декември


Сè уште не е постигнат договор за претседател на комисијата што треба да ги расветли случувањата околу 24 декември, информираат партиите.

Во политичките партии велат дека сè уште немаат постигнато договор за претседател на комисијата што треба да ги расветли случувањата околу 24 декември, меѓутоа сега се чека да се види дали ќе биде избрана нова методологија за избор на претседател бидејќи досегашната не дала резултат. Секојдневно се одржуваат средби на тимови на двете партии, а доколку партиите одлучат дека е потребна нова методологија, ќе има информации што ќе се менува коментираат во партиите.
Доколку работите се прецизираат, тоа на јавноста ќе и биде пренесено во заедничко соопштение. Не би прејудицирал сепак каков ќе биде исходот. Она што можам да кажам е дека вложуваме напори да комисијата се формира.
Андреј Петров, СДСМ.

„Доколку работите се прецизираат, тоа на јавноста ќе и биде пренесено во заедничко соопштение. Не би прејудицирал сепак каков ќе биде исходот. Она што можам да кажам е дека вложуваме напори да комисијата се формира“, изјави Андреј Петров од СДСМ.

Извори од ВМРО-ДПМНЕ исто така наведуваат дека сè уште не е постигнат договор и повторуваат дека треба да се избере претседател на комисијата кој ќе биде неутрална личност и ќе има кредибилитет бидејќи улогата на претседателот ќе биде пресудна.
Пратениците и политичките партии стојат на сопствените ставови без да се потрудат да направат компромис. Темата за 24 декември е многу клучна работа за македонската политичка сцена. Имајќи ја предвид таа ниска политичка култура што владее во Македонија е за жал очекувано да нема политичка клима за наоѓање на решенијата.
Здравко Савески, универзитетски професор.

Викендов имаше информации дека првиот човек е избран и дека се чека само да се соопшти неговото име, но од двете партии ова го отфрлија како дезинформација.

Евро-амбасадорот Аиво Орав вчера потсети дека е неопходно брзо формирање на комисијата и целосно исполнување на мартовскиот договор. Тој кажа дека Македонија треба да напредува во евроинтеграциите и дека за таа цел од суштинска важност е целосно имплементирање на договорот од 1 март. Иако опозицијата се врати во парламентот сè уште не е комплетирана комисијата и не е потпишан меморандум за разбирање меѓу партиите, рече Орав. Причината за доцнењето на комплетирањето на комисијата експертите ја гледаат во падот на политичката култура во земјава.

„Пратениците и политичките партии стојат на сопствените ставови без да се потрудат да направат компромис. Темата за 24 декември е многу клучна работа за македонската политичка сцена. Имајќи ја предвид таа ниска политичка култура што владее во Македонија е за жал очекувано да нема политичка клима за наоѓање на решенијата“, изјави професор Здравко Савески.

Изминатиот период на маса биле ставени имињата на десет експерти, но за ниеден од нив, од разни причини, партиите не успеале да се усогласат да го изберат за претседател на експертската комисија. Нема информации дали со менувањето ќе биде опфатен и начинот на работата на комисијата. Меѓу кандидатите кои одбиле да се нафатат да ги расчистат случувањата на крајот на минатата година се споменуваат имиња на неколку професори на Правниот факултет и судии.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG