Достапни линкови

Теа Беговска – Пораснав во и за Театарот


Теа Беговска, млада македонска режисерка.
Теа Беговска, млада македонска режисерка.

Со идеја да го прикаже односот помеѓу подредените и надредените во денешно време, младата Теа Беговска посегна по „Слугинки“, текстот на Жан Жене пишуван според вистинит настан.

Не постои режисер кој што не се фатил за темата за која Жан Жене пишува во „Слугинки“ и мислам дека секој режисер и тоа како има што да каже и да покаже со овој текст.
Ние секој ден се соочуваме со тоа кој е подреден, а кој е надреден во овој свет. Кој на кого наредува и зошто му наредува, и што ние како луѓе преземаме против тоа и за тоа.
Теа Беговска, режисерка.

Вака Теа Беговска ја почнува сторијата за своето режисерско првенче што ќе осамне и веруваме ќе живее на сцената на Штипскиот театар. Таа дополнува дека кога ќе се прочита текстот најбитно е да се види како тој функционира од денешен аспект. Да се отслика таа господарштина, всушност, како што вели, да се прикаже односот помеѓу подредените и надредените, слугите и господата.

„Ние секој ден се соочуваме со тоа кој е подреден, а кој е надреден во овој свет. Кој на кого наредува и зошто му наредува, и што ние како луѓе преземаме против тоа и за тоа. “
Јас пораснав во театарот и за театарот. Дома растев со двајца исклучителни уметници за кои што сметам дека не се признати само во нивниот матичен театар туку и можат да се пофалат со нивното искуство надвор од Македонија. Растев во дом каде што цело време се зборуваше само за театарот. И најмногу од кого што научив се тие двајца и мислам дека воопшто не треба да биде чудно зошто сум избрала да работам со луѓе на кои пред сè
им верувам и од кои многу научив и се уште учам.
Теа Беговска, режисерка.

„Слугинки“ е текст напишан според вистински настан што се одиграл во Париз кога две сестри ја убиле својата газдарица, а Жене читајќи за него во весниците создал вонвремена драма. Беговска вели дека нејзината порака со оваа претстава е секој од нас да си го најде своето место во овој свет, затоа што смета дека е многу опасно кога кај човек ќе се роди помислата дека може да тргне против судбината.

„Моментот кога помислуваш да тргнеш против судбината тоа е веќе грешка. Затоа најбрзо што може човек треба да се соочи со тоа што е и со тоа што му е предодредено да биде, да си го турка својот пат. “

Во нејзиното видување на „Слугинки“ играат искусната Рујиш Беговска како Соланж, Кристина Атанасова Арсова како Клер и младиот Ненад Митевски во улогата на Господарот.

„Ние имавме одлична соработка и многу креативен процес во текот на овие два месеца каде што сепак имав шанса да работам со две одлични актерки кои што досега и не биле баш доволно искористени и експонирани во Штипскиот театар, па дури никој и го нема направено тој спој. Сметам дека тие две во комбинација и тоа како имаат што да покажат. “
Сакам да си задавам големи задачи. Пред се ме интересираат класични текстови, текстови чија што тема е секогаш актуелна и можеш да ја видиш низ призмата на денешницата.
Теа Беговска, режисерка.

Сценографијата во претставата е на Владо Ѓорески – Рафик, костимограф е Благој Мицевски, за дизајнот на плакатот и фотографиите бил задолжен Дејан Џолев, автор на музиката е Суад Беговски, а во изведбата учествуваат и студентите Симона Михајлова на виолина и Петар Трбојевиќ на хармоника.
На забелешката дали „Слугинки“ во некоја рака може да се смета и за „семејна претстава“, младата режисерка вели дека кога бираш најбитно е да му веруваш на тимот и тој да верува во тебе, а во овој случај ги имало и двете и дека имале одлична соработка без разлика на тоа што на едно место се собрале мајка, ќерка и татко.

„Јас пораснав во театарот и за театарот. Дома растев со двајца исклучителни уметници за кои што сметам дека не се признати само во нивниот матичен театар туку и можат да се пофалат со нивното искуство надвор од Македонија. Растев во дом каде што цело време се зборуваше само за театарот. И најмногу од кого што научив се тие двајца и мислам дека воопшто не треба да биде чудно зошто сум избрала да работам со луѓе на кои пред сè
им верувам и од кои многу научив и се уште учам.“

Школувана на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА (Париз, Скопје, Њујорк), на отсекот за мултимедијална (театарска и филмска) режија во класата на професорите Дејан Пројковски и Сашо Павловски, Теа Беговска досега заедно со колегите работеше на „Вртелешка“ од Артур Шницлер на сцената на Драмски театар, а по „Слугинки“ , во Охридскиот театар ќе ја постави Мрожековата „На отворено море“.

„Сакам да си задавам големи задачи. Пред се ме интересираат класични текстови, текстови чија што тема е секогаш актуелна и можеш да ја видиш низ призмата на денешницата. Голема моја желба е да го работам Виткијевич со „Лудакот и калуѓерката“, автор кој што досега не е поставуван кај нас. Ќе ми биде многу драго ако некогаш ми се укаже шанса да го работам тој текст. “
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG