Достапни линкови

Албанскиот национализам, опасен за Балканот


Политичарите во Албанија ја интензивираа националистичката реторика. Последниот пример е свечената седница на парламентот по повод пет годишнината од независноста на Косово. Дел од албанските медиуми јавија дека Вашингтон бил загрижен оти ваквата реторика би можело да иницира насилство во регионот.

„Верувам дека независноста на Косово е најважниот настан, по албанската независност“, изјави претседателката на албанскиот парламент Јозефина Топали на петочната свечена седница на која премиерот Сали Бериша оцени дека албанскиот национализам е водечка сила со која секој Албанец го сфаќа, како што рече, големиот проект за албанската интеграција во Европа.
Јозефина Топали, претседателка на албанскиот парламент
Јозефина Топали, претседателка на албанскиот парламент

„Овој национализам нема територијални претензии. Тој не се базира врз истребувачки доктрини како национализмите што не опкружуваат“, изјави Бериша на свечената седница на која опозиционата Социјалистичка партија не учествувала, бидејќи не добила покана.

Овој национализам нема територијални претензии. Тој не се базира врз истребувачки доктрини како национализмите што не опкружуваат.
Сали Бериша, премиер на Албанија
„Оваа итра сесија во името на Косово не е ништо друго од патриотски трик за изборни цели“ рече опозициониот лидер Еди Рама кој го обвини премиерот Сали Бериша дека, за време на косовската војна, одржувал врски со Слободан Милошевиќ.

Некои албански аналитичари сметаат дека националистичките изјави на Сали Бериша се одговор на појавата на новата националистичка партија Црно црвена алијанса, наречена по боите на албанското знаме.
Еди Рама, лидер на Социјалистичката партија
Еди Рама, лидер на Социјалистичката партија

„Бериша греши ако сака на изборите да се заштити носејќи националистичка јакна“, изјави поранешниот премиер Пандели Мајко.

Како и да е, Сали Бериша со неговите зачестени националистички изјави, веќе ги растури пердувите во соседните земји каде што живеат етнички албанци.

Mинатиот ноември македонскиот претседател и шефот на грчката дипломатија ја бојкотираа прославата за стогодишнината на албанската државност во Тирана, откако Бериша реферираше дека и таму имало албанска земја.
Ваквите изјави не само што промовираат запалливо однесување и го вратат вниманието од приоритетите на регионот, туку потенцијално иницираат насилство, ги поткопуваат мирот и стабилноста и влијаат врз нашите односи.

Ваквата зачестена реторика, според албанските медиуми, било причина и за петочната реакција на официјален Вашингтон.

Според медиумите, во меморандумот до албанското министерство за надворешни работи, Стејт департментот оценува дека албанските лидери се движат во потенцијално опасна територија со оглед на историјата на етничките конфликти на Балканот.

„Ваквите изјави не само што промовираат запалливо однесување и го вратат вниманието од приоритетите на регионот, туку потенцијално иницираат насилство, ги поткопуваат мирот и стабилноста и влијаат врз нашите односи“, цитираат албанските весници дел од американскиот меморандум.

Вашингтон беше водечката сила за влезот на Албанија во НАТО во 2009 година, а сега инсистира Тирана да спроведе слободни и фер избори со цел да може да се придвижи кон членство во Европската унија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG