Достапни линкови

Петкратното убиство кај Смиљковското Езеро - најкоментирана тема во 2012


Полицијата врши увид на местото каде што беа убиени пет момчиња во близина на Смиљковското Езеро кај Скопје на13 април 2012 година.
Полицијата врши увид на местото каде што беа убиени пет момчиња во близина на Смиљковското Езеро кај Скопје на13 април 2012 година.

Според бројот на коментарите и емоциите во нив, се чини дека петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, е главната тема во изминатава година.

Новинарот е исправен пред тешка задача кога од прегледите на вашите коментари на нашата веб-страница, во педесетина и повеќе понеделници во текот на 12 месеци, треба да ги избере најкоментираните информации на новинарите на редакцијата на македонски јазик на Радио Слободна Европа.
Споменик по споменик, знаме по знаме, отиде Македонија во историјата, ќе остане само споменик од Македонија.
Коментар од читател.

Се чини, барем според бројот на коментарите и емоциите во нив, сепак, убиството на петте невини души покрај Смиљковско Езеро во околината на Скопје, на некој ден пред Велигден, најмногу ве вознемири, вас, слушателите на нашево Радио. Како и информациите за сите случувања што како снежна топка кога се валка по снег се редеа во деновите што следеа. Се случуваа протести и контрапротести - на млади и малолетни етнички Албанци и исто така, на млади и малолетни Македонци, со многу емоции и непримерно однесување по улиците на главниот град.

Во коментарите, истата поделеност по етничка линија, но Владо од Скопје мошне објективно забележа: „За жал, и младите Македонци, како и младите Албанци, се изманипулирани“. СДСМ беше обвинета дека поттикнува меѓуетнички тензии, а Столе, исто така од Скопје коментираше: „Ако СДСМ организира метежи, зошто Грујо не ги поапси, има власт, има моќ!?“

И, како сè што кај нас функционира според системот на поврзани садови, реагиравте со многу свои коментари на информациите за појавата на големи албански знамиња, веројатно како реплика на огромниот број споменици на видни историски личности - Македонци. Интересен беше коментарот на Трајко од Велес, кој напиша: „Споменик по споменик, знаме по знаме, отиде Македонија во историјата, ќе остане само споменик од Македонија“.

Нашиот текст за „Илузиите на македонските Коперфилди“ и за тоа дека се создава илузија дека во земјава „течат мед и млеко“ испровоцира еден наш слушател да напише: „Кога се нема аргументи за лажната Гебелсова пропаганда на Владата - се прогласуваат предавници. Ќе дојде ден кога ќе ве снема, оти вие, лажните заштитници на идентитетот всушност сте најголемите предавници!“

А „предавниците“ - асоцираат на што? На името, се разбира. Писмото од Аврамопулос до неговиот македонски колега Попоски ве разбранува исто така. Впечатлив беше коментарот на Горан кој напиша: „Не знаете да пресечете навреме и сами се фативте во грчката стапица. Држава не се гради со купување време и по линија на помал отпор“. Голем број коментари предизвикаа и информациите околу убиството на младиот Мартин Нешковски и полициската бруталност, потоа се коментираа прилозите на нашите новинари инспирирани од владините кампањи за туризмот, па неуспехот на македонските кошаркари да се квалификуваат за Олимпијадата во Лондон, зголемувањата на цените на струјата и парното, информациите за протестите на „Аман“...

Но, изгледа, штрајкот на лекарите - специјалисти, според бројот на вашите коментари може да се мери со оние за меѓуетничките односи и петкратното убиство кај Смиљковско Езеро. Некои од вас пишуваа – „Апс за овие неработници, кај смее лекар да штрајкува“, а други: „Доктори издржете, изгледа вие сте најпаметни и најхрабри!“
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG