Достапни линкови

Без домашен консензус пред посетата на Нимиц


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Посредникот на ОН во спорот за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц ќе допатува во регионот на 8 јануари. ОН соопштија дека посетата ќе биде надополнување на разговорите кои посредникот ги имаше со двајцата преговарачи Јолевски и Василакис, во Њујорк во ноември.

По официјалната потврда дека посредникот Метју Нимиц ќе допатува во регионот на 8 јануари, домашните експерти имаат различни очекувања од неговата посета. Професор Стево Пендаровски, член на дипломатскиот совет на СДСМ, не гледа обид на власта да ги праша и консултира политичките чинители за нивен став по однос на последните предлози на Нимиц.
Македонското раководство го изгуби ентузијазмот што го имаше претходно и не би сакал да прејудицирам негативен исход од ова што ќе го прави Нимиц во Скопје, меѓутоа имам чувство дека нашите нема да влезат со некоја висока политичка волја да го решат проблемот.
Стево Пендаровски, универзитетски професор, член на дипломатскиот совет на СДСМ.

„Она што го слушаме од претседателот или од надлежните министри во владата е дека ние имаме јасно утврден став веќе подолг период наназад, од тоа не отстапуваме, каков е – можеме да нагаѓаме, меѓутоа нема обид тој став барем да им се соопшти на останатите во државата.“
Медијаторот на ОН во спорот за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц, македонскиот преговарач во спорот Зоран Јолевски и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис.
Медијаторот на ОН во спорот за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц, македонскиот преговарач во спорот Зоран Јолевски и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис.

И според поранешниот дипломат Ристо Никовски, тешко веројатна е можноста да се постигне внатрешен консензус околу проблемот за името во блиска иднина. Напорите на Нимиц се поврзани со плановите на Унијата да се реши овој проблем од кој зависи добивањето датум за преговори на нашата земја, вели тој.

„Консензус внатрешен, домашен околу овој проблем тешко да се очекува, особено после овие дебати околу буџетот и конфронтираноста тотална, такво нешто не изгледа ни веројатно, а камоли можно.“
Консензус внатрешен, домашен околу овој проблем тешко да се очекува, особено после овие дебати околу буџетот и конфронтираноста тотална, такво нешто не изгледа ни веројатно, а камоли можно.
Ристо Никовски, поранешен дипломат.

Според Пендаровски, Нимиц доаѓа да ги слушне реакциите од Атина и Скопје по последните негови идеи на средбата пред еден месец. Ова, вели тој, не е последен обид на медијаторот да направи нешто повеќе за да се реши проблемот до пролетта до кога Европската унија очекува некаков напредок од македонската страна.

„Македонското раководство го изгуби ентузијазмот што го имаше претходно и не би сакал да прејудицирам негативен исход од ова што ќе го прави Нимиц во Скопје, меѓутоа имам чувство дека нашите нема да влезат со некоја висока политичка волја да го решат проблемот.“

За Никовски речиси е неверојатно да се очекува дека за македонскиот државен врв ќе биде прифатлив кој било од предлозите кои се појавија во јавноста. Дури и кога би имало предлог кој за нас е прифатлив, тој ќе биде одбиен од грчка страна, убедува Никовски.

„Тоа е еден маѓепсан круг во кој ќе се движиме и понатаму“, вели Никовски.

Од Обединетите нации соопштија дека посетата на Нимиц ќе биде надополнување на разговорите кои посредникот ги имаше со двајцата преговарачи за решавање на спорот Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, во Њујорк во ноември. Најавено е дека Нимиц во Атина и во Скопје ќе има средби со високи претставници на Владите на двете земји, со цел да се забрза процесот за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение на спорот за името.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG