Достапни линкови

За поголем наталитет не требаат апели, туку вработувања


Илустрација.
Илустрација.

Социолозите велат дека во земја во која невработеноста е висока, а младите се двоумат да создадат семејство поради присутниот страв дека нема да имаат доволно средства да го прехранат, кампањите за раѓање деца не помагаат.

Повиците на премиерот Груевски за зголемување на наталитетот, според експертите, не се доволни за промена на статистиката и решение на демографските проблеми. Социолозите велат дека во земја во која невработеноста е висока, а младите се двоумат да создадат семејство поради присутниот страв дека нема да имаат доволно средства да го прехранат, кампањите за раѓање деца не помагаат.
Мора да се создадат тие елементарни претпоставки од материјалната сфера, тоа значи вработувањето, поддршка на жените кои родиле дете, разни други мерки од социјалната политика и она што се издвојува од рамките на буџетот мора да биде јасно и прецизно дефиниран.
Илија Ацески, универзитетски професор.

„Мора да се создадат тие елементарни претпоставки од материјалната сфера, тоа значи вработувањето, поддршка на жените кои родиле дете, разни други мерки од социјалната политика и она што се издвојува од рамките на буџетот мора да биде јасно и прецизно дефинирано“, вели универзитетскиот професор Илија Ацески.

Тоа што земјава има намален наталитет е резултат на погрешните политики во изминатите неколку години, вели Ацески, кој упатува на потребата од цврста демографска политика и мерки на социјалната политика кои сигурно ќе дадат резултати.
Планирањето на семејството веќе не е во рацете на премиерот или на некој од министрите. Тоа повикување не може да постигне никаков ефект.
Арсим Синани, универзитетски професор.

Никој не може да ве натера да создавате семејство со многу деца во земја во која младите немаат работа, вели професор Арсим Синани.

„Подобро би било од градење споменици да се инвестира кај младите, да се инвестира кај универзитетите, во отворање на нови работни места за младите да имаат перспектива. Со овие услови јас мислам дека младите немаат многу перспектива и никој не би се осмелил да има повеќе од едно или две деца.“

Апелите на премиерот имаат популистичка димензија, а ваквите повици и кампањи не ги даваат посакуваните ефекти, истакнуваат нашите соговорници.

„Сите овие апели имаат еден краток рок на траење, тие се повеќе дневно политички, се ближат избори итн. и тоа го губи тоа елементарно основно значење кое би требало да го има во ваквите околности“, вели Ацески.

„Планирањето на семејството веќе не е во рацете на премиерот или на некој од министрите. Тоа повикување не може да постигне никаков ефект“, изјави Синани.

Во земјава постои демографски дисбаланс на одредени етнички заедници. И токму затоа треба да се внимава кога се упатуваат вакви повици до граѓаните.

Во своето обраќање по повод денот на ВМРО, Груевски порача дека земјава се соочува со демографска рецесија која нè води кон исчезнување. Тој истакна дека сегашниот број родени деца е недоволен за одржување на населението на Македонија и им порача на идните мајки да се посветат на раѓање деца.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG