Достапни линкови

Почеток на преговорите, па веднаш и решение за името


Средба на премиерот Никола Груевски и комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ Штефан Филе. 07мај 2012.
Средба на премиерот Никола Груевски и комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ Штефан Филе. 07мај 2012.

Европската комисија смета дека преговорите треба да почнат, но клучно е во првата фаза да има компромис и заедничко прифатливо решение за името.

Денешниот извештај на Европската комисија за напредокот на нашата земја препорачува почеток на преговорите за членство во ЕУ, информираат дипломатски извори од Брисел за Радио Слободна Европа.
Како што веќе објавивме вчера, Комисијата смета дека преговорите треба да почнат, но клучно е наоѓањето компромисно и заедничко прифатливо решение за името.
Одлуката на Европскиот совет за отворање на преговорите за членство ќе придонесе создавање на услови погодни за наоѓање на такво решение. Во овој поглед, Комисијата е подготвена да презентира без одложување предлог за преговарачката рамка, која исто така ја зема во предвид потребата да се реши прашањето за името во рана фаза на преговорите за пристапување.
Дел од извештајот на ЕК за Македонија.

„Одлуката на Европскиот совет за отворање на преговорите за членство ќе придонесе создавање на услови погодни за наоѓање на такво решение. Во овој поглед, Комисијата е подготвена да презентира без одложување предлог за преговарачката рамка, која исто така ја зема во предвид потребата да се реши прашањето за името во рана фаза на преговорите за пристапување“, заклучува комисијата во извештајот.
Средба на вицепремиерката Теута Арифи со еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
Средба на вицепремиерката Теута Арифи со еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Во нацрт верзијата на извештајот што се однесува на Македонија, се вели дека Комисијата силно верува дека напредувањето на процесот на пристапување на земјата во следна фаза е потребно со цел да се консолидираат темпото и оджливоста на реформите, особено во однос на владеењето на правото, како и за зајакнување на меѓуетничките односи, од кое како што се додава, регионот како целина ќе има корист.

Комисијата предлага дека реформите мора да се спроведуваат во сите области од политичките критериуми.

Во очи објавувањето на извештајот, македонските власти имаат позитивни очекувања. Вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи изрази надеж дека тој ќе биде позитивен, но според неа, рано е да се прогнозира дали на Самитот на Европската Унија во декември Македонија ќе добие датум за преговори.
Во најголемата опозициска партија Социјалдемократскиот Сојуз очекуваат во извештајот да нотираат некои позитивни чекори, но еднакво очекуваат да бидат нотирани и негативните трендови во Република Македонија кои што продолжуваат веќе неколку години по ред, пред се во делот на демократијата, слободата и правата на граѓаните, медиумските слободи.

Македонија го доби кандидатскиот статус во 2005, а четири години подоцна и оценката дека ги исполнила политичките критериуми за отворање на преговорите за членство. Препораката се повторува, заедно со стандардните забелешки дека се потребни засилени реформи во судството, администрацијата, состојбата со медиумите, борбата против корупцијата.

Еврокомесарот Штефан Филе минатиот месец во Скопје изрази загриженост и за меѓуетничките односи, а во рамки на претпристапниот дијалог го отвори и прашањето на добрососедските односи.

Денеска во Брисел, Филе ќе ги презентира извештаите за земјите кандидати за членство и на потенцијалните кандидати.

Во Скопје, пак, во ЕУ Инфо центарот, извештајот ќе го презентира и евроамбасадорот Аиво Орав. Потоа тој документот ќе им го достави и на претседателот Ѓорге Иванов, на премирот Никола Груевски и на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG