Достапни линкови

Балканот пост Pax Americana


Државниот секретар на САД Хилари Клинтон.
Државниот секретар на САД Хилари Клинтон.

Државниот секретар на САД Хилари Клинтон се подготвува на пат за Балканот. Сегашниот политички момент таму ќе и донесе многу предизвици, се наведува во анализата објавена во американскиот „Нејшнал Интерест“, во која се додава: Во истовреме, влијанието на Соединетите Држави и Европската унија бледнее, а другите заинтересирани сили како Турција, Русија и Израел стануваат сè поактивни во регионот.

Грција, првата балканска земја која стана членка и на НАТО и на Европската унија е голема успешна приказна во Југоисточна Европа, но од тогаш сè е удолница, пишува Гордон Бардос, експерт за Балканот од Њујорк за американскиот „Нејшнал Интерест“, оценувајќи:
Гордон Бардос.
Гордон Бардос.

„Балканот минува низ нестабилна транзиција од една релативно добро дефинирана безбедносна структура во сè уште неутврдена, со нови сили кои играат сè поважни улоги додека старите актери го губат интересот и влијанието.“
Балканот минува низ нестабилна транзиција од една релативно добро дефинирана безбедносна структура во сè уште неутврдена, со нови сили кои играат сè поважни улоги додека старите актери го губат интересот и влијанието.
Гордон Бардос, експерт за Балканот од Њујорк.

Периодот што трае од потпишувањето на Дејтонските мировни договори во 1995 година до косовската еднострана декларација за независност во 2008 го дефинира таканаречената балканска Pax Americana, или американскиот мир на Балканот.

Имено, за тоа време сите големи актери во европската политика ги прифатија американските скици за балканската безбедност. Она што е поважно, дури и Москва ги одобри клучните елементи на американската визија за балканската стабилност, како Дејтонските договори, резолуцијата 1244 за крај на косовскиот конфликт и Охридскиот договор во Македонија. Како и да е, овој меѓународен консензус за балканската политичка и безбедносна структура се урна откако Косово прогласи независност, нешто за што Москва постојано вели дека нема да го прифати. Дури и Европската унија останува поделена за ова прашање, пет членки одбиваат да го признаат Косово. Во меѓувреме, Соединетите Држави веќе немаат дипломатски, економски или воени средства за промоција на позитивни промени во регионот.

Аматерската дипломатија и застарените сфаќања за тешкотиите во регионот значат дека Вашингтон може во Југоисточна Европа да креира повеќе проблеми, отколку да ги реши. Губењето на американското лидерство се совпадна со кризата во еврозоната, а Брисел не беше во состојба да му обезбеди на регионот јасен пат за идната интеграција или иницијативи за големи структурни политички и економски реформи.

Македонија залудно чека уште од 2005 година на датум за почеток на пристапните преговори и во регионот е сè поголемо стравувањето дека по Хрватска, натамошното проширување на Унијата ќе биде оставено настрана најмалку уште една деценија. Јасен пример за загубата на европското влијание во регионот е бугарската одлука да не се приклучува кон еврозоната.

Крајот на балканската Пакс Американа и европската преокупираност со своите проблеми креираа вакуум во југоисточна Европа, а бидејќи политиката секогаш се гнаси од вакуум, бројни сили сакаат веднаш да го пополнат. Во изминативе неколку години влијанието на Русија, Турција, дури и на Израел се зголемува, како што исчезнува силата на Вашингтон и на Брисел во регионот. А тука е и растичкиот исламизам.

Немањето меѓународен консезус за нова балканска безбедносна структура, фокусирањето на Вашингтон врз проблемите на Блискиот Исток и Пацификот и проблемите во еврозоната, плус интересот на новите регионални играчи, отсега натаму ќе направат балканските проблеми да траат подолго и да се решаваат потешко од оние во изминативе две децении. Предизвикот за американската политика додека Хилари Клинтон престојува на Балканот е дали Вашингтон ќе ги разбере промените што се случуваат во регионот и соодветно на тоа да ја прилагоди својата политика. Американската стратегиска цел во изминатата декада беше регионот цврсто да се држи до НАТО и ЕУ. Таа се уште е реална, но нејзиното постигање бара многу повеќе од повремени посети на американски претставници со празни џепови, како и регионален консезус и компромис меѓу растечката група меѓународни актери со нивните интереси во регионот, се наведува во текстот, објавен во „Нејшнал интерест“.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG