Достапни линкови

Поетска ноќ во Велестово по 24 пат


Со претставување на поетското творештво на Раде Силјан, ликовна изложба на академскиот сликар Васко Ташковски и интернационална вечер на која ќе настапат поетите Роман Кисјов од Бугарија, Дашамир Мало од Албанија и Лејла Алимановиќ од Босна и Херцеговина, утревечер и задутре ќе се одржи 24 издание на културната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“.

Чешма во охридското село Велестово по 24-ти пат ќе биде сцената од каде во преубавата летна ноќ ќе царува поезијата, а уметноста без задршка ќе се голта со полни гради. Овојпат, на првата вечер од манифестацијата која одамна ги надмина рамките на случување чија идеја беше промоција на културата во руралните средини, најнапред преку речта на д-р Димитар Пандев ќе биде претставено поетското творештво на Раде Силјан, потоа ќе биде отворена ликовната изложба на Васко Ташковски, а свој настап ќе има и џез-гитаристот Владимир Василевски Четкар.
Годинава, 24-то издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ е посветено на Раде Силјан, познат и признат македонски автор, наградуван во и надвор од Македонија, а за ликовниот дел е задолжен академскиот сликар Васко Ташковски, автор со многу домашни и меѓународни изложби и признанија зад себе.
Јован Димовски, организатор на манифестацијата.

„Годинава, 24-то издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ е посветено на Раде Силјан, познат и признат македонски автор, наградуван во и надвор од Македонија, а за ликовниот дел е задолжен академскиот сликар Васко Ташковски, автор со многу домашни и меѓународни изложби и признанија зад себе“, истакнува Јован Димовски, еден од неколкутемина млади луѓе задолжени за организацијата на овој културен настан.

Од друга страна, на петтата по ред интернационална вечер, која поради потребата од анимација на што поголем број вљубеници во поезијата и гости, наместо во Велестово ќе се одржи во Лапидариумот до Куќата-музеј на Робевци во Охрид, ќе настапат поетите Роман Кисјов од Бугарија, Дашамир Мало од Албанија и Лејла Алимановиќ од Босна и Херцеговина. За нив и нивното творештво, Јулијана Величковска со објаснување:
Од Албанија го имаме Дашимир Мало кој е повозрасен, класичен и признат и често преведуван поет во својата држава. Роман Кисјов од Бугарија е доста познат во нашите поетски кругови бидејќи тој е ревносен преведувач на поезијата на македонските автори на бугарски јазик и мислиме дека ќе биде мошне интересно да биде преставено неговото лично творештво. Лејла Алимановиќ од Босна и Херцеговина е најмлада во овој круг на автори, а нејзината поезија е посебно интересна затоа што таа твори под импресии на музиката и на филмот. И самата е автор на кратки филмови, свири неколку инструменти има и свои музички настапи и сметаме дека ќе биде вистинско освежување на ова случување.
Јулијана Величковска.

„Од Албанија го имаме Дашимир Мало кој е повозрасен, класичен и признат и често преведуван поет во својата држава. Роман Кисјов од Бугарија е доста познат во нашите поетски кругови бидејќи тој е ревносен преведувач на поезијата на македонските автори на бугарски јазик и мислиме дека ќе биде мошне интересно да биде преставено неговото лично творештво. Лејла Алимановиќ од Босна и Херцеговина е најмлада во овој круг на автори, а нејзината поезија е посебно интересна затоа што таа твори под импресии на музиката и на филмот. И самата е автор на кратки филмови, свири неколку инструменти има и свои музички настапи и сметаме дека ќе биде вистинско освежување на ова случување.“

Интернационалната вечер се одржува од 2008 година и на неа досега се претставиле поети од Сирија, Франција, Ирска, Италија, Турција, земјите од регионов, како и познатиот сликар Дик Робертс од САД.

„Со интернационализацијата на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ сакавме да постигнеме еден вид промоција на македонските села и видовме убава можност тие да се прикажат како туристички дестинации. Да го сториме чинот на взаемна размена на културите и енергиите и верувајте искуствата се повеќе од позитивни – сите оние кои престојувале досега во Велестово сакаат повторно да дојдат овде“, дополнува Димовски.

Во изминативе 24 години, во рамките на оваа манифестација било претставено творештвото на поети како Анте Поповски, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Матеја Матевски, Богомил Ѓузел, Радован Павловски и сè до претставници од помладата генерација, како Никола Маџиров и Владимир Мартиновски, а од сликарите во Велестово свои изложби имале Вангел Наумовски, Боро Митриќевски, Сергеј Андреевски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Газанфер Бајрам, Славчо Упевче и други.

Идната година манифестацијата ќе го слави својот сребрен јубилеј.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG