Достапни линкови

Патот кон ЕУ постојано се гради


Критериумите за почеток на преговори со ЕУ се исполнети, но треба да се има предвид дека Унијата постојано се менува и оти Македонија треба да држи чекор.

Светот и Европската унија еволуираат. Тоа што е доволно вчера и денеска, утре нема да биде доста, покрај другото порачаа во својата заедничка изјава при вчерашната посета на Скопје, министрите за надворешни работи на Австрија и на Словачка, Шпинделегер и Лајчак, предупредувајќи на тоа дека за неколку години ЕУ ќе функционира на поразличен начин од денеска. Ова може да биде добра порака за Македонија, коментираат дел од македонските експерти, ако се знае дека наспроти оваа динамика на менување на условите во светски и европски рамки, Македонија со години се занимава околу исти прашања кои ја држат затапкана во истото место.
Ние се бавиме со старите прашања, прашања кои значат зачленување во ЕУ, значи подготовки на нашата администрација, економија, судство, а ЕУ се занимава со прашања од заедничка надворешна политика, економскиот систем, од финансискиот систем, зголемување на ингеренциите на Европската комисија, на Европскиот парламент.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

„Ние се бавиме со старите прашања, прашања кои значат зачленување во ЕУ, значи подготовки на нашата администрација, економија, судство, а ЕУ се занимава со прашања од заедничка надворешна политика, економскиот систем, од финансискиот систем, зголемување на ингеренциите на Европската комисија, на Европскиот парламент“, вели аналитичарот Алберт Муслиу.

Европската унија се интегрира секојдневно во секоја област сè повеќе и повеќе, појаснува Лидија Димова од Македонскиот центар за европско образование. Тоа за Македонија значи, како што вели, дека не постои завршен реформски процес и дека дури и при отпочнување на преговорите ќе треба да стане подготвена да ги следи и учествува во водењето и на меѓународните процеси.

„Во глобализиран свет, Македонија не може да живее изолирано, не може да ги гради политиките изолирано. Мора да има некој што постојано ќе следи, затоа имаме држава на крајот на краиштата, а не тие да не може спорот за името да го решат, треба да ги следат глобалните процеси“, посочува Димова, според која, македонското општество се движи во круг и поради практиката во која законите се менуваат и по неколку пати годишно што покажува дека не е јасна ниту целта која што се сака да се постигне во одредени области.

Второто битно прашање е нивната имплементација којашто сè уште не е на конкретна проверка во Унијата што се прави во подоцнежните фази од прогресот кон Унијата.

Евроинтеграциите во Македонија не се сосема сериозно сфатени, ниту, пак, е сосема јасна придобивката од нив, констатира Муслиу, па оттука и таквата позиција која работите не ги води кон забрзано темпо на промените, туку тие подолго стагнираат околу истите прашања.
XS
SM
MD
LG