Достапни линкови

Колкаво задолжување значи добар имиџ за земјата?


Архивска фотографија: Министерот за финансии Зоран Ставрески зборува за собраниска седница за ребаланс на буџетот на 29 мај 2012 година.
Архивска фотографија: Министерот за финансии Зоран Ставрески зборува за собраниска седница за ребаланс на буџетот на 29 мај 2012 година.

Опозицијата прашува дали тоа што наспроти најавените 250 милиони, владата ќе се задолжи кај Дојче банк за 75 милиони евра покажува дека е нарушен имиџот на земјава.

Тоа што Македонија добива пари на заем од Дојче банк, ММФ и Светска банка по ниски камати покажува дека имиџот на Македонија кај меѓународните финансиски институции е добар, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на собраниската седница за пратенички прашања одговарајќи му на пратеникот Андреј Петров од СДСМ.
Што се случи? Како е можно за работа што не е фиксно договорена, владата да се фали? Кој повеќе ќе и верува на владата? Јас ви го поставувам прашањето, ако тоа беше добро за реномето и за имиџот на државата, фактот што сега не ни даваат пари покажува каков е имиџот и какво е реномето на државата, е показател на лошиот имиџ на државата.
Андреј Петров, СДСМ.

Петров потсети дека кога пред два месеци Ставрески најави дека владата ќе се задолжи за 250 милиони евра кај Дојче банк рече дека тоа е потврда оти државата има реноме штом добива позајмица од банка со најголема актива и најголем износ на финансиски средства од сите банки во Европа. Сега Ставрески вели дека од Дојче банк се одобрени само 75 милиони евра по таа каматна стапка, рече Петров.

„Што се случи? Како е можно за работа што не е фиксно договорена, владата да се фали? Кој повеќе ќе и верува на владата? Јас ви го поставувам прашањето, ако тоа беше добро за реномето и за имиџот на државата, фактот што сега не ни даваат пари покажува каков е имиџот и какво е реномето на државата, е показател на лошиот имиџ на државата?“, праша Петров.

Ставрески рече дека од Дојче банк се земаат само 75 милиони евра затоа што владата го затвориле финансискиот простор за годинава со комбинација на поевтини кредити од Светска банка и од домашниот пазар.
Немајте дилема дека Дојче банка би и дала пари на Македонија, нека се и пет милиони, а не 75, ако оценат дека нема сигурност, стабилност и економска перспектива оваа земја да ги врати парите и да ги искористи на правилен начин. Немајте сомнение дека тие не одобруваат пари на која било земја ако сметаат дека постои и најмал ризик во однос на економските политики.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

„Немајте дилема дека Дојче банка би и дала пари на Македонија, нека се и пет милиони, а не 75, ако оценат дека нема сигурност, стабилност и економска перспектива оваа земја да ги врати парите и да ги искористи на правилен начин. Немајте сомнение дека тие не одобруваат пари на која било земја ако сметаат дека постои и најмал ризик во однос на економските политики“, рече Ставрески.

Петров обвини и дека владата драстично го зголемила долгот на земјата.

„Задолжувањата од 1 милијарда и 110 милиони евра се зголемија за цели 950 милиони евра во период од три години или тоа е пораст за 85,6 проценти. Во релативни големини, од 16,5 проценти од БДП на 28,2 проценти од БДП“, рече Петров.

Ставрески, пак, повтори дека Македонија е ниско задолжена земја.

„СДСМ тврди дека Македонија е високо задолжена земја и дека многу се задолжила, односно дека владата многу се задолжила. Наредниот ден откако вие излегувате на говорница со ова тврдење, излегува првиот економист на Светската банка и вели дека Македонија е земја со најниска задолженост и треба да и се честита за здравото водење на јавните финансии на владата. Па ве молам со кого се конфронтирате, не се конфронтирате со нас, се конфронтирате со ММФ, се конфронтирате со Светска банка“, одговори Ставрески.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG