Достапни линкови

Македонски Брод со туризам против невработеноста


Во oпштина Македонски Брод, триесет проценти од работоспособното население е невработено. Локалната власт и граѓаните планираат преку развој на капацитети за рурален туризам да им стават крај на проблемите со невработеноста.

Стопанскиот колапс, невработеноста и низок животен стандард се проблемите со кои се соочуваат поголем дел од околу 8.500 жители на oпштина Македонски Брод. Триесет проценти од работоспособното население е невработено.
Нашите повици се мали бизнисмени да отворат погони, да вработуваат и 5 до 6 вработени, за нас тоа многу значи и нашата поддршка е што ги едуцираме нашите сограѓани, за да ги собираат плодовите, да ја чуваат средината и да одгледуваат најмногу овци и кози, зашто теренот е идеален за сточарство.
Милосим Војнески, градоначалник на Македонски Брод.

За да се надминат овие проблеми, а имајќи ги во вид водените, шумски потенцијали и богатството на пештери во регионот со еколошки чиста природа, општината донесе Стратегија за развој на руралниот туризам. Но, од државата бара да се зголеми фондот за изградба на подобра инфраструктура, која ќе ги отвори можностите за привлекување нови инвестиции.

„Нашите повици се мали бизнисмени да отворат погони, да вработуваат и 5 до 6 вработени, за нас тоа многу значи и нашата поддршка е што ги едуцираме нашите сограѓани, за да ги собираат плодовите, да ја чуваат средината и да одгледуваат најмногу овци и кози, зашто теренот е идеален за сточарство“, вели Милосим Војнески, градоначалник на Македонски Брод.
Инвестираме токму на оваа локација која што е со убава природа, во овој чист еколошки крај, со оглед на тоа што очекуваме да се зголеми бројот на туристи, посетеноста и со развој на руралниот туризам.
Дарко Златески, угостител.

Владо Цветаноски е еден од инвеститорите кој има свој семеен бизнис. Користејќи ги природните убавини тој одлучил тука да изгради угостителски комплекс, зашто вели дека бројот на туристи постојано расте.

„Понесени од бројот на посетители кои не посетуваат во овој крај и гледаме дека работата оди на убаво, се решивме на оваа инвестиција. Туристи доаѓаат од секаде, најмногу од Прилеп, другите градови Скопје, Брод, Кичево од секаде“, истакнува Цветаноски.

И семејството на Дарко Златески се одлучува да се занимава со угостителство. Наскоро според најавите ќе градат хотел во близина на езерото Козјак.

„Инвестираме токму на оваа локација која што е со убава природа, во овој чист еколошки крај, со оглед на тоа што очекуваме да се зголеми бројот на туристи, посетеноста и со развој на руралниот туризам“, вели Златески.

Туристите, кои најчесто доаѓаат од Скопје, речиси секој викенд да се релаксираат се восхитени од оваа прекрасна природа.

„Тука е многу убава природата, но треба да се вложи малку повеќе пари за да се направи да биде малку поубаво, сепак природата си го прави своето, тука еколошки да се исчисти убаво“, изјави Магдалена Ристевска, која по пуштање на патот Македонски Брод - Скопје во должина од 45 километри е редовен посетител на овој крај. Но и од Општината и жителите бараат и се надеваат дека и останатите 20-километри руиниран пат што води до Македонски Брод ќе бидат наскоро асфалтирани. Само така велат ќе се развие руралниот туризам и ќе се привлечат не само домашни, туку и странски туристи, а населението ќе си обезбеди подобра егзистенција.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG