Достапни линкови

Битолскиот Хенри VI го воодушеви Лондон


Театарската претстава „Хенри Шести“ на Битолскиот народен театар.
Театарската претстава „Хенри Шести“ на Битолскиот народен театар.

По двете импресивни изведби на третиот дел од Шекспировата „Хенри Шести“ во лондонскиот „Глоуб театар“ во рамките на Културната олимпијада, актерите на Битолскиот народен театар во сабота, на 19 мај, ќе ја одржат и македонската премиера на претставата.

Се обистини остварување на еден сон кој и не беше сонуван затоа што никогаш не ни помислувавме дека ќе застанеме на единствената сцена на светот, Шекспировиот „Глоуб театар“ и ќе одиграме претстава на македонски јазик – вели Петар Горко, носителот на насловната улога во третиот дел од проектот „Хенри Шести“ чија премиера се случи во деновите од изминатиот викенд во рамките на нашето претставување на Културната олимпијада во Лондон.
Македонската претстава е фаворитска претстава досега, ги добив најголемите комплименти и не само јас, туку и редица мои колеги во претставата што значи дека ни го почитуваат навистина квалитетот, ни ја почитуваат уметноста, ни го почитуваат зборот македонски, кој во препевот на Драги Михајловски за првпат направен, прашуваа дали вака зборуваме и приватно во Македонија, дали ваков ни е јазикот, толку богат, толку убав што така добро звучи Шекспир во самиот Глоуб.
Петар Горко, актер.

„Македонската претстава е фаворитска претстава досега, ги добив најголемите комплименти и не само јас, туку и редица мои колеги во претставата што значи дека ни го почитуваат навистина квалитетот, ни ја почитуваат уметноста, ни го почитуваат зборот македонски, кој во препевот на Драги Михајловски за првпат направен, прашуваа дали вака зборуваме и приватно во Македонија, дали ваков ни е јазикот, толку богат, толку убав што така добро звучи Шекспир во самиот Глоуб.“
Театарската претстава „Хенри Шести“ на Битолскиот народен театар.
Театарската претстава „Хенри Шести“ на Битолскиот народен театар.

Горко, Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Соња Михајлова, Габриела Петрушевска, Борис Чоревски, Иван Јерчиќ и останатите битолски актери беа меѓу 600 учесници на фестивалот „Светот за Глоуб“ на кој 37 театри од целата планета на свој јазик изведуваат по едно од 37-те дела на славниот драматург и поет Вилјам Шекспир. Со својата изведба тие ја комплетираа балканската трилогија на „Хенри Шести“ во која одделно учествуваа и Народно позориште од Белград и Националниот театар од Албанија.

Благој Мицевски, уметничкиот директор на театарот и авторот на костимографијата, откако ќе забележи дека „Хенри Шести“ досега не е игран во Лондон дури ни на англиски јазик, за приемот кај тамошната публика истакнува дека е горд на она што екипата како уметнички чин го сторила во британската престолнина.

„Сите се уште го чувствуваме звукот на аплаузот којшто беше еуфоричен, којшто неколку пати се случи и на отворени сцени, четири пати на бис, сето тоа говори за успехот што ние го остваривме таму“, вели Мицевски.

Инаку, македонската премиера на проектот кој го режираше Американецот Џон Блондел и за кој сценографијата е на Валентин Светозарев, кореографијата на Рисима Рисимкин, а музиката на Миодраг Неќак, ќе се случи во сабота на 19 мај на сцената на Народниот театар во Битола.

„Хенри Шести“, наскоро ќе може да ја види и скопската публика во рамките на Деновите на кои ќе биде претставена комплетната продукција на овој театар во сезоната 2011 – 2012 што ќе се одржат од 6 до 13 јуни во Салонот на МОБ и на сцената на МНТ.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG