Достапни линкови

Кабадајас го снимија деби албумот


Џоле Максимовски, член на музичкиот бенд Кабадајас.
Џоле Максимовски, член на музичкиот бенд Кабадајас.

КАБАДАЈАС е ново име на современата македонска музичка сцена и бенд составен од четворица реномирани музичари како Џоле Максимовски, Дино Милосаљевиќ, Горан Бојчевски и Зоран Костадиновски. Тие веќе го снимија својот деби албум чие излегување е планирано за почетокот на јуни, веднаш по нивниот настап на престојниот Штипски џез фестивал.

Со идеја да ги заокружат сопствените музички визии, неодамна, четворица реномирани македонски музичари го промовираа својот нов состав - КАБАДАЈАС. Станува збор за дружина која е задоена од модерните текови на светската музика, мелодичноста и препознатливоста на ритмиката на македонската традиционална музика и група во која членуваат басистот Џоле Максимовски, тапанарот Дино Милосављевиќ, Горан Бојчевски на кларинет, саксафон и кавал и Зоран Костадиновски на гитара.
Ова го правиме чисто да си олесниме сами на себе, да излезат од нас работите кои се собрани со години и да се искажаме авторски пред публиката. Апансас, што се вели, лани направивме една свирка во Ресен и сфативме дека треба да снимиме нешто. Во јануари годинава отидовме во едно ново скопско студио, Соник 57, и таму идеите се преточија во материјал.
Џоле Максимовски, басист.

Зоран Костадиновски, член на музичкиот бенд Кабадајас.
Зоран Костадиновски, член на музичкиот бенд Кабадајас.
„Ова го правиме чисто да си олесниме сами на себе, да излезат од нас работите кои се собрани со години и да се искажаме авторски пред публиката. Апансас, што се вели, лани направивме една свирка во Ресен и сфативме дека треба да снимиме нешто. Во јануари годинава отидовме во едно ново скопско студио, Соник 57, и таму идеите се преточија во материјал“, вели Максимовски, кој зедно со Милосављевиќ долги години настапуваат со Влатко Стефановски, зад себе ја имаат и соработката со АРХАНГЕЛ, Кирил Џајковски, СЕТ и БЕНЕВЕНТАН ТРИО, а важат и за едни од најискористените студиски музичари.

Од друга страна, Горан Бојчевски е магистер по кларинет на универзитетот „Моцартиум“ во Салзбург, Австрија и член на словенечката атракција ТЕРА ФОЛК, а Костадиновски е студент на Џез академијата во Штип, соработувал со групата ИНФЈУЗ и Каролина Гочева и се смета за еден од најдобрите млади гитаристи кај нас.
Не очекуваме веднаш да не викнат во Ројал Алберт Хол, меѓутоа мислам дека бендот во живо звучи три пати подобро.
Џоле Максимовски, басист.

КАБАДАЈАС својот деби албум е планирано да го објават на почетокот од јуни годинава, а за музиката забележана на него Максимовски вели дека жанровски не робува на ниту еден стил и дека сите композиции ритмички се допираат и прават една единствена самосвојна приказна.

„Целината е една музика, world music можам да кажам, затоа што во неа има мелодичност на македонската традиционална музика, македонска ритмистика и може да препознаете разни драм ен бејс грувови, даб...“

Составот своето поголемо огнено крштевање ќе го има на престојниот Џез фестивал во Штип што ќе се одржи на крајот на овој месец, а потем ќе следуваат и промотивните активности во поголемите градови од земјава и во регионот. Максимовски вели дека благодарение на Бојчевски кој живее во Словенија отворена им е и портата кон земјите од средна Европа, но убеден е оти успехот нема да им се случи преку ноќ.

„Не очекуваме веднаш да не викнат во Ројал Алберт Хол, меѓутоа мислам дека бендот во живо звучи три пати подобро.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG