Достапни линкови

Сомнежи за операцијата „Монструм“


Дел од јавноста се сомнева во објаснувањата на полицијата за апсењата поврзани со петкратното убиство кај Смиљковското Езеро.

Откако заврши распитот на уапсените во акцијата Монструм, по што дел од нив добија притвор, а дел беа пуштени да се бранат од слобода, судските органи ја продолжуваат истрагата за обвинетите. Органите треба да докажат, а истрагата да утврди дали сомневањата на полицијата и материјалните докази кои се доставени одат во насока на тоа дека притворените биле дел од терористичка мрежа и дека дел од нив биле директно вклучени во петкратното убиство кај Смиљковци.
Фалат многу големи елементи кои би укажале дека тоа е така како што беше наведено на првата прес-конференција на МВР, т.е. класификацијата за некаков радикализам или екстремизам.
Рамадан Рамадани, аналитичар.

Според судски извори, истрагата може да трае најмногу 180 дена од определувањето на притворот. Според законот за казнено право, доколку се докаже вина за кривичното дело тероризам, обвинетите би можело да се соочат со затворска казна од најмалку 10 години, а максимална доживотен затвор.

Во меѓувреме во јавноста веќе се појавија сомнежи околу целата акција на полицијата. Роднините и пријателите на уапсените протестираа, а некои од политичките партии најавија внимателно следење на целиот судски процес. И според дел од домашните експерти сомневањата се основани пред се, поради тоа што дел од оние што беа уапсени веднаш се пуштени на слобода.
Случајот требаше да се извади од политиката. Предводник на преткривичните постапки во овој случај е јавниот обвинител којшто треба да соработува со истражниот судија и коишто треба на полицијата да и кажат што треба да направи, ако воопшто нешто треба да прави.
Слаѓана Тасева, поранешен директор на полициската академија.

„Фалат многу големи елементи кои би укажале дека тоа е така како што беше наведено на првата прес-конференција на МВР, т.е. класификацијата за некаков радикализам или екстремизам“, изјави аналитичарот Рамадан Рамадани.

Од позиција на кривичар и поранешен директор на полициската академија, за акцијата Монструм зборува и Слаѓана Тасева. Според неа, сомневањата дека случајот е премногу политизиран ги поткрепува и, како што вели, невидливоста на јавниот обвинител и истражниот судија.

„Случајот требаше да се извади од политиката. Предводник на преткривичните постапки во овој случај е јавниот обвинител којшто треба да соработува со истражниот судија и коишто треба на полицијата да и кажат што треба да направи, ако воопшто нешто треба да прави.“

Постои сомнеж дека вистинските убијци нема никогаш да бидат најдени и дека е потребна приказна која ќе биде уверлива за јавноста, а тоа е приказната за глобалниот тероризам, вели Рамадани.

„Се чувствува голем сомнеж дека ова е само една приказна која сака да се вметне како објаснување со застрашување со меѓународен глобален тероризам.“

Според Тасева, има многу пропусти во целиот развој на настаните по спроведувањето на акцијата. Истрагата треба да биде темелна, таа треба да ги утврди сите факти и докази за евентуална идна постапка, укажува Тасева.

„Се објавија имиња, се кажа кои луѓе се уапсени, но се појавија многу сомнежи за тоа што е тука вистината. Истражните органи се тие што треба да ги разбијат овие сомнежи“, изјави Тасева.

Инаку, распитот на приведените заврши со 30-дневен притвор на петтмина. Од нив, двајцата се се уште во бегство. Тие се обвинети за тероризам. Други четворица добија притвор од еден месец, но на нив ќе им се суди само за поседување оружје. Останатите се пуштени на слобода.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG