Достапни линкови

Кина и фрли око на екскомунистичка Европа


Кинескиот премиер Вен Џиабао.
Кинескиот премиер Вен Џиабао.

Кинескиот премиер Вен Џиабао ја завршува европската турнеја со посета на Полска која в четврток ќе кулминира со регионален инвестициски самит. На состанок е најавено учество на 16 премиери на земји од Централна и Источна Европа. Меѓу нив и од Македонија.

Премиерите на Албанија, Бугарија, Босна, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Македонија, Црна Гора, Романија, Србија, Словачка и Словенија, и секако на домаќинот Полска утре во Варшава треба да учествуваат на состанок без преседан, со кинескиот премиер Вен Џиабао кој пред тоа престојуваше во Германија и Исланд.
Со планини на евра и долари кои сакаат да ги потрошат, кинезите се желни да извлечат профит од регионалната стабилност, порастот и конкурентските цени и да добијат одличен пристап до западно европскиот пазар.
Витолд Орловски, Институтот за развој на Централна и Источна Европа.

„Јас сум првиот кинески премиер во посета на Исланд откако пред 41 година двете земји воспоставија дипломатски односи. Со мене го донесов пријателството на кинескиот народ спрема народот на Исланд, но исто така и искрената желба на Кина да ја зајакне соработката со Исланд“, изјави Џиабао кој потпиша договор за соработка со Исланд, богатиот со нафта, Арктички регион.

Потоа тој учествуваше на отворањето, заедно со германскиот канцелар Ангела Меркел на саемот во Хановер, инаку најзначајниот светски индустриски собир. Сега Џиабао, според аналитичарите, вниманието го врти кон европските екскомунистички земји.
Зборувајќи споредбено, Кина има помали политички разлики со централна и источна Европа отколку со западна и се чувствува удобно во овие земји.
Чуи Хонгџијан, економист.

На самитот во Варшава ќе бидат претставени 300 кинески фирми и 450 компании од Европа. Инвестициите на Кина во регионот меѓу 2004 и 2010 година изнесуваа околу 820 милиони долари што е далеку од можностите.

Витолд Орловски од Институтот за развој на Централна и Источна Европа со седиште во Варшава за агенцијата Франс прес изразува уверување дека со, како што вели, планини на евра и долари кои сакаат да ги потрошат, Кинезите се желни да извлечат профит од регионалната стабилност, порастот и конкурентските цени и да добијат одличен пристап до западно европскиот пазар.

„Тоа е најважната кинеска извозна дестинација“, наведува Орловски.

Дел од аналитичарите како аргумент за тоа ги посочуваат и проблемите во еврозоната.

Последните искуства на кинеските инвестиции во земјите погодени со должничката криза ја зголемија загриженоста во Пекинг, наведуваат тие, додавајќи дека од друга страна земјите кои не се во еврозоната или во Европската унија се подготвени да постелат црвен килим за инвеститорите од Кина..

Економистот Чуи Хонгџијан потврдува дека постои огромен интерес за регионот поради евтината работна рака и преференцијалната политика.

„Зборувајќи споредбено, Кина има помали политички разлики со централна и источна Европа отколку со западна и се чувствува удобно во овие земји.“

За Кина пак, како што наведува Орловски, Европа е еден пазар и едно место за производство.

Но, и покрај кинеските полни џебови Кина ќе треба да научи уште многу пред да може да инвестира во Европа на исто ниво како и во Јапонија.

„Доколку Кинезите сакаат да учествуваат во европскиот пазар, ќе треба да научат како да работат тука“, вели Орловски, додавајќи:

„Се чини дека тие се убедени оти играта во Европа е слична со онаа што ја научија во Африка.“
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG