Достапни линкови

Тутунарите бараат повисоки откупни цени


Откуп на тутун во Прилеп.
Откуп на тутун во Прилеп.

Тутунарите бараат повисоки откупни цени, додека министерот за земјоделие Љупчо Димовски вели дека откупните цени во Македонија се највисоки во регионот.

На прагот на склучување на договорите за годинашната реколта, тутунарите бараат од откупните фирми да ги зголемат откупните цени, зашто тврдат дека енормно растат трошоците за репроматеријалите, па со старите цени трпат загуби. Сојузот на тутунски здруженија на Македонија, согласно законот за тутун, достави барање до откупувачите да им се овозможи увид врз цените, и можност за корекциаја со анекс на договорите. Бараат и измена на законската регулатива, па без согласност од Сојузот да не можат да ги утврдуваат новите откупни цени.
Задоволни сме од проценката што одеше по нагорна линија, но од цените во договорите апсолутно не. Не ги следат нашите трошоци во примарното производство. Испративме дека не сме задоволни од третата и втората класа, одговор уште немаме од трите компании, баравме од 8, а само 3 компании законот за тутун го испочитуваа.
Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија.

„Задоволни сме од проценката што одеше по нагорна линија, но од цените во договорите апсолутно не. Не ги следат нашите трошоци во примарното производство. Испративме дека не сме задоволни од третата и втората класа, одговор уште немаме од трите компании, баравме од 8, а само 3 компании законот за тутун го испочитуваа“, изјави Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија.
Архивска фотографија: Откуп на тутун.
Архивска фотографија: Откуп на тутун.

Тутунарите бараат помош и посредство на Министерството при решавање на овој проблем. Но, од Министерството се категорични во ставот дека не можат да се мешаат во односите на релација тутунопроизводители-откупни фирми, зашто во услови на пазарна економија, цената зависи од понудата и побарувачката.
Споредено, пак, со цените во регионот каде што традиционално се одгледува тутун, како што се Грција, Бугарија, Турција, малку во Србија, Босна и Херцеговина и во Хрватска, нашата цена е навистина каде, каде повисока.
Љупчо Димовски, министер за земјоделие.

„Овогодишната цена, овие 163,7 денари зголемени со оние 60 денари од килограм предаден тутун, значи 223, 7 денари за еден килограм тутун, тоа е не веројатно, туку сигурно втора историски по висина цена, која што ја имаат добиено тутунопроизводителите. Споредено, пак, со цените во регионот каде што традиционално се одгледува тутун, како што се Грција, Бугарија, Турција, малку во Србија, Босна и Херцеговина и во Хрватска, нашата цена е навистина каде, каде повисока“, оценува министерот Љупчо Димовски.

Тутунарите исто така реагираат и бараат олеснување на процедурата за добивање евиденциони листови, кои се услов за склучување договори со откупувачите.

„Бараме за упростување на вадење на евидентните листови, бидејќи имотно-правните односи не ни се решени овде, ќе останат голем број на тутунопроизводители што не можат да засадат тутун. Ако се примени строго законот за тутун, тогаш во Македонија ќе се произведе 10.000 тони тутун, повеќе не“, вели Милевски.

Лидерот на тутунарите Милески предупредува на опасноста од социјални немири наесен, во екот на кампањата, доколку навреме не се реши овој проблем.

„Ригидно почитување на законските одредби значи голема штета за индивидуалните земјоделски производители, ние имаме разбирање за нивните проблеми. Министерството има веќе подготвено информација која треба овие денови да биде разгледана од страна на Владата при што ќе се заземе став, односно нашиот предлог е да бидеме малку потолерантни“, вети министерот Димовски.

Инаку, ланската реколта на ниво на држава беше тешка 21.000 тони. Откупени беа сите количества по просечна цена од 163 денари. А, тутунарите се уште се соочуваат со проблеми во исплатата, зашто неколку фирми не ги почитуваат роковите во договорите.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG