Достапни линкови

Партиите затворени за отворени листи


Партиите засега се незаинтересирани за воведување отворени листи за гласање, со кои граѓаните не би гласале само за партија, туку и за човек.

Партиите засега се незаинтересирани или се резервирани околу идејата за промена на изборниот модел со воведување на отворени листи на гласање, што од пред неколку месеци, во неколку градови ја презентира граѓанската асоцијација МОСТ. Според истражувањата на МОСТ, одговорноста на пратениците во овој концепт ќе биде најмногу насочена кон граѓаните. Пратениците би биле поблиски до нив и помотивирани да ги исполнат своите ветувања, вели извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов.
Моменталниот концепт ни оддалеку не наликува на претставничка демократија, што значи дека пратениците во Собранието не чувствуваат одговорност кон гласачите, туку ексклузивно и примарно одговорноста е кон партиските елити, односно кон партискиот шеф.
Дарко Алексов, извршeн директор на МОСТ.

„Моменталниот концепт ни оддалеку не наликува на претставничка демократија, што значи дека пратениците во Собранието не чувствуваат одговорност кон гласачите, туку ексклузивно и примарно одговорноста е кон партиските елити, односно кон партискиот шеф.“

Според овој концепт граѓаните на избори сами ќе одлучуваат кој од кандидатите треба да стане пратеник, независно од распоредот на листата на партијата. Со дебати во внатрешноста, МОСТ им објаснува на граѓаните дека со овој концепт тие ќе може, освен за листата, да гласаат и за еден или неколку поединечни кандидати од неа.
Во моментов не прави голем ќар за демократијата во Македонија. Тука пред се мислам на изборната листа, на моделот со вклучување на дијаспората, кој е проблематичен онака како што е поставен, делот на контрола на изборниот процес и заплашувањете на гласачите. Тоа се многу поголеми проблеми отколку што е дискусијата за отворените листи.
Андреј Петров, СДСМ.

Најголем број од земјите членки на ЕУ го имаат овој модел на отворени листи, 7 проценти имаат модел како нашиот со затворени листи и 36 проценти имаат некој друг модел. Без да дебатираат на оваа тема, во СДСМ велат дека последните изборни циклуси покажуваат дека промената на изборниот модел со воведување отворени листи не е суштинскиот проблем поврзан со изборната регулатива во земјава.

„Во моментов не прави голем ќар за демократијата во Македонија. Тука пред се мислам на изборната листа, на моделот со вклучување на дијаспората, кој е проблематичен онака како што е поставен, делот на контрола на изборниот процес и заплашувањете на гласачите. Тоа се многу поголеми проблеми отколку што е дискусијата за отворените листи“, коментира Андреј Петров од СДСМ.

Во ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека се залагаат изборниот модел да биде усогласен меѓу сите партии. Може да се споредувме со други држави, но треба пред се да се имаат предвид потребите на нашите граѓани и начинот на кој е поставена државата изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој посочува дека мора да се обезбеди учество на сите сегменти од општеството во законодавната власт, како и да се обезбеди стабилност на функционирањето на законодавната власт.

“Треба да се има предвид дека македонското општество е прилично сегментирано во смисла на етничка, во смисла на религиозна и во смисла на различна општествена сегментација. Доколку би се отвориле такви прашања, секако дека на маса би ставиле повеќе концепти за разгледување“, вели Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

За ДУИ, идејата за промена на изборниот модел со воведување на отворени листи е прифатлива и отвора можност за квалитетен внатрепартиски натпревар. Но од таа партија сметаат дека поголемите политички субјекти нема да ги прифатат отворените листи.

Инаку, најголеми забелешки има дека со отворените листи се создаваат фракции во партиите. Но, дел од експертите сметаат дека на фракционерскиот дух треба да се гледа во позитивна смисла. Констатација која е се поизразена и почеста во јавноста е дека на политичките партии им недостасува поголем концепт на внатрепартиска демократија.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG