Достапни линкови

Новинари ќе влечат пратеници за сако?


Дискусијата за декриминализација на клеветата во Комисијата за политички системи се префрли на расправија мотивирана од распоредот на седење.

Дали со декриминализација на клеветата новинарите ќе почнат за сако да ги влечат пратениците во законодавниот дом? Ова прашање се поставува откако пратеникот од владејачката коалиција Кенан Хасипи реагираше во врска со распоредот на седење во една од салите на Собранието.

Ако сакате вака да ги дефинираме работите, да одиме до крај, па тогаш ќе не влечат за сакоа по ходнициве и ќе немаме никаква вредност овде.
Кенан Хасипи, Демократска партија на Турците во Македонија.
Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска расправаше за предлог–измените на Кривичниот законик со кои клеветата би се декриминализирала и од кривична би се префрлила во граѓанска постапка, што ги предложи пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија.

„Имавме прилика наша пратеничка да се врти овдека 15 минути и да не може да седне. Столот го запоседнал претставник на медиум. Е сега до кое дереџе? До кое дереџе ние овдека ќе се понижуваме? Нека снимаат слободно! Меѓутоа требаше и да ги снимаат колегите кои не мрднаа. Седат од медиумите, а колешката која е член на оваа комисија не може да седне. Ако сакате вака да ги дефинираме работите, да одиме до крај, па тогаш ќе не влечат за сакоа по ходнициве и ќе немаме никаква вредност овде, бидејки се` е усмерено кон пратениците“, рече Хасипи.
Во последниве неколку денови е ограничено движењето на новинарите во парламентот.
Во последниве неколку денови е ограничено движењето на новинарите во парламентот.

Ваквата реакција на пратеникот се чини го отргна вниманието на народните претставници кои наместо за декриминализацијата на клеветата, почнаа да дискутираат за одземено столче, домаќинско однесување и слично. Новинарите, пак, демонстративно ја напуштија салата.
После немојте да се чудите ако во медиумите насловот биде ’Прво на новинарите им забранија да одат низ Собранието а сега им забранија и да седат‘.
Радмила Шеќеринска, пратеник од СДСМ.

„Ќе ви кажам каква голема грешка направивте. Па овие медиуми биле поканети од ова Собрание, кое требало да им обезбеди простор и на медиумите и на пратениците. На кого искажуваме ние негостопримство? На медиумите кои што сме ги повикале да ја следат нашата работа? Е вака исто сега гледајте и проширете ја целата работа, бидејќи ме прозвавте, на прашањето дали сме или не сме за декриминализација на клеветата и навредата?“, реплицираше пратеникот од Либералната партија Ивон Величковски.

„Мислам дека не е во ред практично да правиме замена на тези - наместо за сериозна тема да дискутираме за внатрешни работи во Собранието кои треба да се напишат и препишат на друга адреса. После немојте да се чудите ако во медиумите насловот биде 'Прво на новинарите им забранија да одат низ Собранието а сега им забранија и да седат‘“, рече пратеничката на СДСМ Радмила Шеќеринска.

Вреди да се спомене дека во изминативе неколку дена медиумите се жалат дека им било ограничено движењето низ Собранието, откако во јавноста излезе фотографија на писменце кое си го подаваа пратеник и премиерот.

Пратеникот Хасипи, аргументирајќи дека е потребно да се регулираат состојбите внатре во самите медиуми, повторно не избегна да го изрази ставот дека во иднина новинари ќе влечат пратеници за сако:

„Ќе ве молам, ако продолжиме вака ќе не влечат за сако по ходниците. Зошто? Зошто сакаме да си правиме лажен рејтинг. Не се прави така. Или ќе се заштитиме, или ќе си останеме да си тече по свое“.

Потпретседателот на комисијата ја паузираше дискусијата за 15 минути и побара членовите да се преместат во друга сала, по процедурална забелешка со која се побара одлагање на дискусијата за следниот ден. Откако не беше усвоен предлогот на СДСМ, седницата да се прекине и да се презакаже за наредниот ден за да им се овозможи на новинарите директно да ја следат расправата и тие ја напуштија седницата.
XS
SM
MD
LG