Достапни линкови

Неделен печат


Весници, магазини, неделници, печат
Весници, магазини, неделници, печат

„Создавањето историја по 5 јуни“, „Груевски може да победи ама влада нема да направи!“, „Медиумска помија“ - дел од насловите во неделниците.

Една од колумните во најновиот Глобус, насловена со „Создавањето историја по 5 јуни“, ја анализира опцијата за паѓање на власта на Груевски што би значело дека Македонија може да се справи со еден катастрофален систем што ја ослабна државава на внатрешен план, а ја загрози и нејзината надворешна позиција. Поразот на Груевски ќе означи и крај на сите оние политики кои ја изместија Македонија од тежиштето на нормална демократска држава со тенденција да прерасне во тврд, недемократски режим, наведува неделникот. Но, нагласува Глобус, кога Груевски ќе биде поразен, почнува она вистинското - треба да се рестартира системот - и на политички и на морален план. Но, тоа нема да биде гаранција дека дека трајно сме се решиле од опасноста некој нов политички монструм да завладее со оваа држава. За да се оправда поимот историски ќе треба да помине време за да се види дали ќе дојдат трите атрибути на историското - зрелост, упорност и постојаност. Во Македонија нема да се создава историја ако продолжиме со политиките на тргни-застани, со цик-цак политиките и со политиките на бегање од проблемите, заклучува Глобус.

„Груевски може да победи ама влада нема да направи!“, предвидува колумната на Фокус, кој потенцира дека преродбата издишала, се стопи, чиниш, Снешко-Белчо на посилно сонце. СДСМ ја издупчи од лево, Љубчо и Љубе ја изрешетаа од десно, забележува неделникот. Народњаците ги растурија врз идеолошка основа, низ идентификацијата на Груевци со југо-комунистите. Обединети ги демаскираа како банда криминнална, која веќе на 6 јуни ќе заврши во Идризово. А претходно, од видокругот исчезнаа албанските партии, па сите можевме да ја видиме празнотијата на преродбата, која пет години ни ја продаваа како најмоќна направија.

И на крај, Форум, својот едиторијал го посветува на нашето новинарство и на нашите новинари во предизборјево, па во насловот резигнирано ќе напише: „Медиумска помија“. „Човек навистина треба да има добар желудник и челични нерви“, пишува неделникот, кога станува збор за изборната кампања. Ако на политичарите не им успеа да приредат изненадување што ќе отстапи од вообичаените очекувања, тоа им појде од рака на медиумите затоа што ги преминаа сите граници, не на пристојно известување, туку на пристојно однесување. Проблемот е што во целата оваа медиумска помија сите глумат чесно и објективно новинарство. Демек, во амбиент на стопроцентна контаминираност на медиумскиот простор, само ние сме чесните, неизвалканите, професионалците. А, се чини дека вака неизбалансирано известување, агитирање за политичките партии, изнесување лични ставови, тенденциозно критикување, измислување приказни... не бевме виделе на ниту едни избори досега. Одамна е јасно дека македонското новинарство отиде по ѓаволите, разочарано констатира Форум.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG