Достапни линкови

Самит на Г8 во Франција


Лидерите на Групата осум најразвиени индустриски земји денеска и утре во францускиот град Довил одржуваат годишен состанок. Главни теми се нередите во Северна Африка, нуклеарната безбедност, но и кој ќе биде иден шеф на Меѓународниот монетарен фонд.

Групата Осум се очекува да одобри финансиски пакет за помош на Тунис и Египет, по востанијата во тие земји по кои беа отстранети од власт нивните автократски лидери.

Тоа го најави и британскиот премиер Дејвид Камерон, по средбата со американскиот претседател Барак Обама во Лондон .

„Значи, претседателот и јас се согласивме дека ќе бидеме со оние што работат за слобода. Ова е пораката за Г8 каде што ќе се заложиме за поголема економска и политичка помош за оние земји кои бараат реформи“, изјави Камерон.

Вниманието на самитот секако ќе биде насочено врз наследникот на Доминик Строс-Кан на чело на Меѓународниот монетарен фонд, кој во Њујорк се соочува со обвинување за сексуално насилство. Главен кандидат е француската министерка за финансии Кристин Лагард, која за таа функција ја има и поддршката на Европската унија.

Рускиот претседател Дмитри Медведев пристигнува на годинашниот самит во Франција

Меѓународниот монетарен фонд традиционално е раководен од Европеец, но и други земји, како Русија и Јужна Африка се заинтересирани за таа позиција.

Групата Осум е неофицијален форум на шефови на водечките индустријализирани демократии. Од 1976 година во неа се Германија, Франција, Британија, Италија, Јапонија, Соединетите Држави и Канада, а во 1998 им се приклучи и Русија. На самитите, посебно учествува и Европската комисија.

Првиот самит беше одржан во 1975 година во Франција, а беше свикан за да се средат несогласувањата околу курсните разлики.
Овие предизвици доаѓаат во време кога меѓународниот поредок е веќе изменет за новиот век. Земјите како Кина, Индија и Бразил се развиваат. Треба да го поздравиме ваквиот развој бидејќи извлече од сиромаштија милиони луѓе и создаде нови пазари и можности за нашите земји.


Во земјите од Г8 живее 15 отсто од светската популација, а се остварува 65 проценти од бруто домашниот производ. Оваа група главно расправа за геополитички и безбедносни прашања.

Поновата Група 20 во која се вклучени и Кина, Индија, Бразил, Турција и Мексико, главно е фокусирана врз глобалните економски прашања.

„Овие предизвици доаѓаат во време кога меѓународниот поредок е веќе изменет за новиот век. Земјите како Кина, Индија и Бразил се развиваат. Треба да го поздравиме ваквиот развој бидејќи извлече од сиромаштија милиони луѓе и создаде нови пазари и можности за нашите земји“, изјави американскиот претседател Барак Обама.

Барак Обама во британскиот парламент

Групата 8 нема постојан секретаријат и нејзините одлуки не се обврзувачки.

Претседателството е ротирачко и земјите претседавачи организираат годишни самит. Овие состаноци поттикнуваат антиглобалистички протести кои често прераснуваат во нереди, па затоа во последно време организаторите ги избегнуваат големите градови.

На овие самити присуствуваат и голем број министри, дипломати и други претставници. Годинава во Довил се очекува да ги има над 18 илјади. Критичарите се сомневаат во ефективноста на самитите на Групата Осум, со оглед на тоа што лидерите од нив најчесто излегуваат со ветувања кои тешко можат да ги исполнат.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG