Достапни линкови

Ќе помогнат ли ветувањата?


Текстилна фабрика
Текстилна фабрика

Текстилната и дрвната индустрија соочени со бројни проблеми. Можат ли нешто да променат предизборните ветувања за помош на овие сектори?

Претставниците на текстилната и дрвната индустрија се скептични дека по изборите ќе се подобри состојбата во тие гранки. За да бидат конкурентни на светските пазари прво треба да се зголемат платите на вработените, посочуваат упатените во оваа област. Состојбата во текстилната индустрија е тешка и пожелно е да има даночни олеснувања и реформи за развој на оваа гранка, велат од синдикатот на текстилни работници.
Јас не верувам дека може чудо да се направи, години наназад многу барања се поставени, дел од работите се направени, меѓутоа тоа не е доволно за да може да почне да живее на друго ниво оваа индустрија.

„Јас не верувам дека може чудо да се направи, години наназад многу барања се поставени, дел од работите се направени, меѓутоа тоа не е доволно за да може да почне да живее на друго ниво оваа индустрија“, изјави претседателот на Синдикатот на текстилна индустрија, Анѓелко Анѓелковски.

Последните ветувања за поефтини кредити за текстилните фабрики, даночни олеснувања и намалување на придонесите, според економските експерти се во функција на предизборниот маркетинг. Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека овој концепт е неодржлив. Она што е најважно во овој сектор во моментот е пазарното ориентирање на овие компании и овозможување на услови за нивно профитабилно работење.


„Тие компании треба да се помогнат, да им се најдат купувачи, да се интегрираат во економските текови на западноевропските земји и во глобалната економија. Со даночно олеснување само се креира предуслов, но тоа не е крајниот услов за да може една компанија да успее“, вели Адеми.

Познавачите на состојбите во овие гранки велат дека условите за работа во текстилните фирми и дрвните компании се лоши. Ванчо Вазлиски, претставник на синдикатот за дрвна индустрија, вели дека работат во катастрофални услови, не земаат плата со месеци и се под постојан притисок. Не веруваат дека нешто ќе се промени по 5 јуни.
Услови никакви, никакви... плата по пет-шест месеци не земаме. Ете под тие услови работиме. Феудализам!

„Услови никакви, никакви... плата по пет-шест месеци не земаме. Ете под тие услови работиме. Феудализам!“

Од синдикатот за шумарство, дрвна индустрија и енергетика истакнуваат дека многу фирми од дрвната индустрија се наоѓаат во стечај, а членството на овие работници е ставено во мирување. Од таму бараат од државата да се усогласи вкупното работно социјално законодавство во делот на заштита при работа, да се забрани увозот на штетни материјали и технонлогија како и да се обезбеди поголемо учество на инспекторите при заштита на работа.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG