Достапни линкови

Меѓу-национален инцидент на Кале


Неколку повредени лица е исходот од меѓусебното каменување на подржувачи и противници на изградбата на објектот на Кале.

Протестите против изградбата на црква на скопското Кале денеска ескалираа со насилство, откако македонските и албански демонстранти се пресметаа со камења. Најмалку 8 лица се повредени при тепачката на скопското Кале, од кои двајца се полицајци, соопшти Министертвото за внатрешни работи на својата интернет страница. Двете групи се судрија поради музејот-црква, едните во име на одбрана на објектот а другите, противници на неговата изградба. Полицијата отпрвин ги обезбедуваше демонстрантите, а нешто подоцна интервенираа и специјалците и спречија поголеми судари.

Првата група која своето присуство го најави на социјалната мрежа „Фејсбук“ дојде еден час пред најаваната прес-конфернција на албанската невладина организација „Разбуди се“. Тие не сакаа да зборуваат јавно. Меѓу нив беше и Страшо Ангелковски од партијата ТМОРО-ВЕП. Тој однапред се огради од евентуални инциденти и изјави дека партијата не е организатор на собирот.

„Мојот став го потврдувам веќе десетина години, а вчера го потврдија Ангела Меркел, Камерон и Саркози, тоа е дека пропаѓа проектот за мултиетнички и мултикултурни држави. Македонија останува национална држава на македонскиот народ со сите малцински права за сите малцинства, вклучително албанското и ништо повеќе од тоа.“


Во напнатата ситуација, активистите на невладината организација на „Разбуди се“ беа придружувани и од пратеници од владејачката коалициона партија ДУИ. Претседателот на организацијата , Артан Груби, вели дека изградбата на црквата е политички мотивиран процес кој има за цел да ги влоши меѓуетничките односи.

„Нешто што е изградено, еден куп метали од 2011 година се интерпретира како културно наследство и затоа сме денеска во оваа ситуација. Некој, посебно владата, си дозволува себе си курбан да отидат меѓуетничките односи за да се изградат еден куп метали од 2011.“

Власта го осуди инцидентот

Премиерот Никола Груевски изјави дека го осудува секое насилство и порача ваквите настани да не се користат во политички цели.


„Да не долеваат масло во огнот, туку напротив да помогнат да се смират страстите кај оние кои што ги имаат подигнато сопствените страсти, особено кај оние кои што во изминатиот период беа редовни подбуцнувачи на страстите кај граѓаните.“

Во заедничкото соопштение на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е наведено дека остро го осудуваат настанот и повикуваат на смиреност кај граѓаните. Во продолжение на соопштението се вели дека ваквите чуствителни работи треба и може да се решат само преку отворен политички дијалог и во институциите на ситемот.

Реакција на опозицијата

Потпаролот на СДСМ Емијан Станковиќ побара оставки од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, заменик министерот Џевад Бучи и директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман. Станковиќ вели оти и Кузман мора да поднесе одговорност за своите постапки.

„Груевски и Ахмети преку ден, заедно отвараат чешми и болници, а навечер заедно рушат. Ваквото неодговорно однесување на Владата, денес резултираше со уште поголем меѓуетнички инцидент.“

Дали инцидентот можеше да биде спречен?

„Фејсбук“ страницата на подржувачите - во црвено е обележана најава за денешните протести, објавена пред повеќе од 13 часа

Уште од вчера, преку социјалната мрежа Фејсбук, разни групи се организираа за денешното доаѓање на Кале за одбрана на изградбата на објектот. Притоа, имаше и пораки со национална и верска омраза. Од друга страна се знаеше и дека за денеска се најавува собирање на некои невладини организации кои се против изградбата на објектот на Кале.

Во четвртокот, стотина граѓани, во присуство на припадници на ДУИ, го оштетија објектот во изгадба на Кале, бидејки претходно од владејачката ВМРО-ДПМНЕ беше ветено дека нема да се гради се додека не бидат расчистени сите дилеми околу објектот на Кале, но ветувањето не било исполнето.

За сега се` е мирно, МВР ќе прегледува снимки


Од Министерството за внатрешни работи реагираат со официјално соопштение, објавено на нивната официјална интернет-страница.

„Полициски патроли се уште ја обезбедуваат околината, а наредните денови врз основа на снимените материјали ќе бидат повикувани учесниците во инцидентот“, се наведува во соопштението од Министерството.

Нови „препукувања“ на „Фејсбук“

Нови закани за насилство преку социјалните мрежи

По инцидентот, на страницата на подржувачите на изградба на црквата на социјалната мрежа „Фејсбук“ беше објавена информација од медиумите за инцидентот. Тоа се претвори во повод за нови препукувања меѓу подржувачите на изградбата на црквата и оние кои се противат. Не изостануваат ни заканите за нови насилства.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG