Достапни линкови

Четкар ја освојува њујоршката џез сцена


Нашиот џез музичар Владимир Василевски Четкар ја започнува серијата концерти со настап во култниот џез клуб Иридиум, на Менхетен во Њујорк.

Со настап во култниот џез клуб Иридиум на њујоршки Менхетен, како прв уметник од Македонија, овој викенд нашиот славен музичар Владимир Василевски Четкар ја започнува есенската серија концерти, по успешното лето во Македонија. По повеќето настапи во легендарниот клуб Блу Нот, Четкар продолжува со освојувањето на познатите џез светилишта во срцето на музичкиот и уметнички свет во Њујорк.

„Пред три години кога се преселив во Њујорк, добив многу прилики за настапи како соул уметник и за соработка со музички легенди. По Бостон од каде имам прекрасни сеќавања, каде дипломирав и работев музички долг период, во Њујорк трите концерти во Блу Нот ми отворија многу врати, како и оваа за славниот џез-клуб Иридиум на авенијата Бродвеј, едно од најпрестижните места во светот со фантастична музичка програма. Таму ќе настапам на 9-ти октомври, во сабота на полноќ со мојот квартет и своја авторска програма. Потоа, на 15 октомври имам чест да го отворам Источно-европскиот џез фестивал во Лондон, по повод 200 годишнината од раѓањето на Фредерик Шопен, каде ќе свирам моја музика и се надевам дека тогаш ќе имам можност да дојдам на кратко пак во Македонија“, вели Четкар.


Летово, тој имаше концерт на Античкиот театар во Охрид со неговиот Европски квартет на јубилејното 50-то издание на фестивалот Охридско лето, по што гостуваше на Битолското културно лето, познатиот Нишвил џез фестивал, а имаше настапи во Скопје и Охрид. Овој интернационално афирмиран џез-музичар, гитарист, композитор, аранжер и пејач, кој неговата кариера ја започна пред 14 години со студиите на Џез-академијата во Бостон, Америка, вели дека како комплетен зрел уметник и космополит, низ светот ја претставува уметноста и идеата за разбирање меѓу луѓето, но секогаш инспирацијата ја наоѓа и енергетски се полни во родниот Охрид.

„Мене Охрид ми е место кое не можам да го споредам со ниту едно друго, иако сум бил на многу убави места со прекрасна природа или историја, а Охрид е спој на двете работи, што го чини неговиот уникатен шарм, што ќе постои секогаш без разлика колку ќе се обидиме да направиме подобри или полоши нешта. Сакам Охрид да се развива во насока на сочувување на традиционалните вредности, со прифаќање и на интернационалните како што му доликува на еден космополитски град како Охрид. И предците тоа го правеле во минатото континуирано, има многу работи кои се историски или митолошки, Охрид е град на романтика, на писменост и истовремено одговорност да се зачува таа традиција, и да не слушаме толку турбо-фолк во градот. Секој си има свој вкус и нека го слуша тоа што го сака, но некои стилови сепак не се за срцето на Охрид. Се надевам дека тоа ќе се промени и луѓето ќе сакаат се повеќе да го слушнат традиционалниот охридски звук, на менијата во рестораните да има традиционална охридска храна. Го паметам со носталгија тоа време кога јас бев мал, беше поскромно, попитомо и идеално за мене. Има време, има вечност, некои работи да се корегираат и луѓето да станат свесни за нив.“

Четкар продолжува да се искачува по професионалните скали, што идната година ќе го однесат на њујоршки Бруклин и на славниот џез-фестивал на далечниот исток во Банкок во Тајланд, со што овој успешен уметник светот го чувствува како дом за промоција на себеси, Охрид и татковината, како музички амбасадор на Македонија.
XS
SM
MD
LG