Достапни линкови

Институциите потфрлаат?


За една година во Битола имаше неколку случаи, во психијатриска болница да бидат хоспитализирани лица со нарушено психичко здравје дури откако ја нарушија безбедноста на блиските и соседите. Институциите си ја префлаат „топката“ за тоа кој е надлежен?

Деновиве, средовечен битолчанец во заложништво ги чуваше своите родители затворени во стан под закана дека ќе се самоубие и дека ќе ја запали зградата. Ова лето друг битолчанец во зграда фрли солзавец, а потоа се скри во подрумот, додека станарите се гушеа од гасот. Пред повеќе месеци друго лице си ја запали куќата, а огнот оштети уште три други. Овие случаи го отворија прашањето дали лицата со психички нарушувања се згрижени во здравствени установи или пак слободно се шетаат по улици?
Ние не сме институции кои имаат надлежност да можат насилно да влезат во одредени домови. Со одредени појави патолошки треба здравствените установи треба да ги пријават за ние да се вклучиме, а тоа не се случува.


Од социјалните служби велат дека во нивна ингеренција е да констатираат состојби, а не насилно да влегуваат по домови и да спроведуваат лица до психијатриски установи. Воедно за да покренат постапка ила потребна пријава од роднините, а тие често ваквите проблеми ги чувале под тепих.

Широк Сокак во центарот на Битола

„Ние не сме институции кои имаат надлежност да можат насилно да влезат во одредени домови. Со одредени појави патолошки треба здравствените установи треба да ги пријават за ние да се вклучиме, а тоа не се случува. Кога станува збор за лице кое е душевно болно се трудиме да имаме соработка со потесното семејство, со нив се договараме тоа лице да се однесе во здравствен дом каде има психијатриско одделение, а потоа со полициска асистанција ако треба тоа лице да се однесе во душевна болница. Но, од потесното семејство никој кај нас се нема обратено за ние да направиме стратегија за да им се помогне“, вели Виолета Гаџовска, директор на битолскиот Центар за социјални работи.

Во полицијата велат дека поднесувале пријави против ваквите лица, а во домовите не можеле да им влезат без судски налог кој не се издава за нарушување на јавниот ред и мир, како што најчесто се класифицираат прекршочните престапки кои ги прават ваквите лица. Ваквиот институционален проблем бара итно решавање со цел да не се случуваат вакви немили настани кои понекогаш можат да чинат и човечки животи.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG