Достапни линкови

Блиску или далеку од решение за името


Јавноста се повеќе поделена околу решение за името, политичарите тактизираат, Македонија во статус кво позиција за евроатлантските интеграции.

Горна Македонија, Нова Македонија, Славо-Македонија, Република Македонија(Скопје), Република Македонија(Вардар), Северна Република Македонија... Ова се дел од имињата што кружат низ јавноста како можни решенија за речиси дводеценискиопт спор со Грција. Но, досега секој од овие предлози беше одбиен од едната или другата страна. На Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Грција ја блокираше поканата за Македонија за членство во алијансата, а сега земјата не може да ги започне ниту преговорите за добивање на датум за влез во Унијата.
Деветнасет години Македонија чека да стане дел од евроатланското семејство, а единствената пречка е токму проблемот со името и неможноста за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение. Дали конечно ќе има договор меѓу Македонија и Грција или земјава ќе остане во статус кво позиција?

Професор Денко Малески вели дека Македонија, како што стојат работите во моментов, веројатно ќе биде последната земја што ќе стане членка на НАТО и ЕУ. Тоа го базирам на фактот, вели Малески, дека овој тежок и мачен спор што го имаме со Грција не оди во добра насока на разрешување и отаму не гледам начин во скоро време доколку нешто драматично не се промени во нашата политика да се оствари на тој план. Тоа во превод би значело дека дури на крајот ќе се бара излез од ситуацијата и Македонија ќе биде последниот камен во мозаикот, вели Малески.

„Се додека има и други држави кои не се членки, на запад нема да им се брза толку. Ќе не сместат во групата проблематични земји кои што ќе бидат оставени да ’се крчкаат во својот сос‘ на национализам, неспособност од компромиси и ќе чекаат подобри времиња.“
Се додека има и други држави кои не се членки, на запад нема да им се брза толку. Ќе не сместат во групата проблематични земји кои што ќе бидат оставени да ,,се крчкаат во својот сос“ на национализам, неспособност од компромиси и ќе чекаат подобри
времиња.



Поранешниот премиер Владо Бучковски вели дека е тешко да се процени дали сме блиску или далеку од решение. Во последниве четири години направивме од ’готово – вересија‘ вели сегашниот пратеник од опозициската СДСМ. Тврдам дека во 2006 година, вели Бучковски, кога ВМРО-ДПМНЕ ја презема власта, Македонија беше на чекор до членството во НАТО. До крајот на таа година имаше можност и да ги започне преговорите за членство во Унијата, вели тој.

„Сите оние работи што се случија пред се антиквизацијата и провокацијата од наша страна ги зацврстија позициите на Грција и практично ги вративме од мртвите во битката за нашето уставно име.“

Поранешниот министер за надворешни работи Слободан Чашуле вели дека Македонија нема да го смени името и уставот. Оваа генерација на граѓани нема право на таков чекор, поради минатите генерации кои се изборија за самостојноста на земјата, а уште помалку да го наруши правото на идните да имаат свој идентитет, вели Чашуле.

„Илузија е да се мисли дека овие политички сили кои сега конјуктурно се борат за власт, како опозиција, дека кога би дошле на власт би направиле таков чудовишен историски неприфатилив компромис. Оттаму треба да се земе таа стварност, во предвид.“

Професор Мерсел Биљали вели дека постојат сериозни индикации оти преговорите се во завршна фаза, но тоа се чува во голема тајност и најверојатно власта го чека погодното време за тоа да го објави во јавноста. Проблемот со името мора конечно да се реши затоа што тоа е од витален интерес на државата, бидејќи загубивме драгоцено време и проекти важни за напредокот на земјата, што не смееме да си го дозволиме и во иднина, вели Биљали.

„Државата се соочи со многу проблеми, социјални, етнички, економски итн. Така што верувам дека власта има анализи и е свесна дека ако не го реши главниот проблем што сама по себе таа ги предизвикува ситуациите, да се дојде до ваква клима, да се стави вето итн.“
Илузија е да се мисли дека овие политички сили кои сега конјуктурно се борат за власт, како опозиција, дека кога би дошле на власт би направиле таков чудовишен историски неприфатилив компромис. Оттаму треба да се земе таа стварност,
во предвид.


Во изминатиов период премиерот Никола Груевски изјави дека има засилени контакти на посредникот Метју Нимиц со двете страни, но нема јасни сигнали дека набрзо ќе има нов предлог за името. Груевски вели дека веројатно е возможно да се стигне до решение за брзо време, но оти за тоа е потребна волја од Грција.

Дали во Македонија има волја за решение?

Малески вели дека тој не е поборник на тезата дека некој сака да ја види Македонија надвор од ЕУ и НАТО, туку на тезата дека проблемот е толку тежок што политичкиот фактор не е дораснат да го разреши.

„Потребно е визионерство, потребно е државништво, потребно е соочување со сопственото јавно мислење, кое што е терано во една друга насока досега да мисли, а имено политиката може да му испорача она што тоа ќе посака.“

Малески смета дека спорот не се решава и поради желбата да се задржат политичките позииции на една цела армија на нови млади луѓе, кои што не сакаат да ја загубат својата функција.

„Млади луѓе кои што не гледаат зошто би требало да ја жртвуваат таа своја кариера заради едно прашање, за кое самите интимно ќе мислат дека е неправедно, па оттаму тоа е оправдување зошто не треба да се решава, но сето тоа ја води државата во стагнација и изолација.“

Бучковски вели дека не е потполно убеден дека владата не сака да влеземе во евроатланското семејство, но сигурен е дека има одредени луѓе блиски до неа кои не и посакуваат таква иднина на земјата.

„Јас не би се кладел 100 процентно дека Груевски не сака да влеземе во НАТО и ЕУ, но од друга страна има структури блиски до него, за кои јас сум убеден дека со погрешните совети, со промовирањето на некои тези кои тој подоцна ги поддржа, во ниту еден момент не ја гледаат Македонија во НАТО и во ЕУ.“


Владата во иднина мора и треба да размисли и да прифати компромисно решение во интерес на евроатланските интеграции, вели Тахир Хани од ДУИ, коалициониот партнер на владата.
Македонија нема да добие покана за членство според сите информации и по ставовите на Грција, така што секако државата ќе има последици и затоа ние го истакнуваме тоа дека е многу битно за Македонија да се постигне решение за името.

„Македонија нема да добие покана за членство според сите информации и по ставовите на Грција, така што секако државата ќе има последици и затоа ние го истакнуваме тоа дека е многу битно за Македонија да се постигне решение за името.“

Компромисот во овој момент е императив и Македонија нема друга алтернатива - дури во прашање е и нејзиниот опстанок, вели Биљали.

„Вака како што е тоа е само продолжување на агонијата и најверојатно докрај заострување на политичката ситуација.“

Чашуле, пак, вели дека треба де се земе предвид фактот дека Грција е крајно незрела и демократски неизградена држава која е во функција на интересите на пет олигахиски семејстава, кои нема да се согласат, откако се најдоа во ќорсокак да отстапат, бидејќи тоа ќе значи крај на нивната политичка позиција. Оттаму треба да се гледа на расположивите алатки кои ги имаме, како времената спогодба која и ги овозможува на Македонија евроатланските интеграции. Она што е можно и на што Нимиц работи е замена на референцата, вели тој.

„Постои отсуство на политичка воља на ниво на ЕУ и на ниво на Грција, еден документ, едно решение што Американците во времето кога Балканот беше запалено буре барут, го донесоа да се примени. Ако се примени Времената спогодба и ако Нимиц донесе замена за рефернцата со прифатлива географска одредница, јас не гледам зошто не би можеле процесите на интегрирање на Западниот Балкан да продолжат.“

Мојата девиза е компромис, но не по секоја цена. Но од друга страна мораме сите да бидеме информирани за да ги зацврстиме во парламентот позициите на владата, во спротивно победникот е Грција, вели Бучковски.

„Тоа е она што треба да биде наша основна позиција што сите би требало да ја браниме. Во недостаток на информации мислам дека Грците поентираат во позиција кога беа поразени.“

Компромисното решение е многу комплексна работа и во оваа насока треба да имаме доверба во претставниците на земјава, кои се во директни преговори за името. Но, доколку не се реши проблемот Македонија нема да добие покана за членство во НАТО и ЕУ, вели Хани.
Тој компромис треба да биде прифатлив и за двете страни. Воедно во секое компромисно решение секој губи по нешто, а заедно ќе добиеме сите многу повеќе од тоа што ќе го изгубиме


„Тој компромис треба да биде прифатлив и за двете страни. Воедно во секое компромисно решение секој губи по нешто, а заедно ќе добиеме сите многу повеќе од тоа што ќе го изгубиме.“

Бучовски смета дека мора да се земат предвид збиднувањата во и околу Косово и Србија и треба да се види разврската дали идејата за поделба ќе наиде на поддршка од меѓународната заедница. Од епилогот може да зависи и иднината на Македонија, вели Бучковски.

„Сето тоа може да биде фатално за Макеоднија доколку не стане членка на НАТО пред се. Така што продолжува неизвесноста, а мислам дека немаме многу време да бидеме во оваа статус кво ситуација.“

Што во крајна линија би значела стагнацијата на Македонија може само да претпоставуваме и фантазираме, но сигурно е дека нема да и донесе ништо добро на земјата, вели Малески.

„Малите држави мораат да држат чекор што брзите текови на промени во Европа. Никој не знае што ќе се случи утре и добро е да се биде внатре во некој безбедносен сојуз или пак оној другиот на ЕУ, па дури утре и НАТО да го снема како што зборуваат некои наши интелектуалци, добро е денеска да сме внатре па заедно со другите да размислуваме за нови безбедносни аранжамани. Се плашам дека нема такво средство, си стоиме на страна и чекаме што ќе ни донесе судбината.“
На меѓународната заедница, било политичка, било воена, било економска не и е потребна криза во Макеоднија, тие не сакаат распаѓање на Македонија бидејќи ги руши нивните интереси, а не од љубов
кон нас.



Европската унија и НАТО на Македонија ќе и донесе многу придобивки и просперитет на многу полиња, вели Хани.

„Македонија ќе биде дел од ЕУ, дел од почитување на тие стандарди на ЕУ, ќе имаме можност за да просперира на економски и на политички план. Во НАТО алијансата Макеоднија ќе биде побезбедна и дел од алијансата на глобалната политика.“

Биљали посочува дека сите држави што станаа членки на НАТО и ЕУ добија во развојот, инвестициите, безбедноста, демократијата и политичката клима.

„Тоа ние нема да откриеме ,,топла вода“ ако го кажеме затоа што доволно е да ги видиме соседите што неодмана беа примени во овие организации.“

Чашуле вели дека пролонгирањето на проблемот со името ќе значи едно големо разочарување, поради сите напори за исполнување на стандардите на ЕУ. Сепак, Македонија нема да потоне бидејќи толку години опстојува на Балканот со толку проблеми, вели Чашуле.

„Нема да почнеме преговори,нема да влеземе во НАТО и се заврши приказната за Македонија. Не е така. На меѓународната заедница, било политичка, било воена, било економска не и е потребна криза во Макеоднија, тие не сакаат распаѓање на Македонија бидејќи ги руши нивните интереси, а не од љубов кон нас.“

Во анкетата на Секретаријатот за европски прашања на владата за евроентузијазмот и евроскептицизмот меѓу граѓаните за влез во Европската унија околу 75 отсто од испитаниците се изјасниле дека ги подржуваат евроинтеграциите. Додека, пак, според истражувањето на Евробарометар на прашањето дали дали членството на вашата држава е нешто добро или лошо, 66 од граганите се изјасниле позитивно. Во меѓувреме меѓународната заедница и натаму инсистира на изнаоѓање на решение за спорот со името. Белгија која во моментов е претседавач на Европската унија очекува да биде постигнат напредок за брзо време и штом тоа се случи веднаш ќе го постави прашањето за датум за старт на пристапните преговори со ЕУ. Евроамбасадорот Ерван Фуере потести на одлуката од декемврискиот самит на ЕУ, според која решавањето на спорот за името е суштинско за продолжување на процесот не евроинтеграциите за земјата, како и тоа дека Унијата нема алтернативен план за евроинтеграцијата на Македонија бидејќи не верува оти е можен неуспех во преговорите за името.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG