Достапни линкови

Честит 10 март - да живее еднаквоста како придобивка на општеството!


Иван Дургутов, дипломиран правник и магистер по право при ПФ Јустинијан Први - Скопје, млад европски амбасадор,
Иван Дургутов, дипломиран правник и магистер по право при ПФ Јустинијан Први - Скопје, млад европски амбасадор,

За особено важно денес го сметам дијалогот за еднаквите можности и потребата навистина да се осигуриме дека тие се еднакви. Секој ден сметам дека секој од нас треба да прави мал гест за да покаже дека се застапува за поеднаков и поубав свет, пишува во младинската колумна за РСЕ Иван Дургутов.

Меѓународниот ден на жената кој секоја година се прославува календарски на 8 март силно нѐ отрезнува за вековниот стремеж за еднаквост помеѓу мажите и жените, идеал кој не е постигнат сѐ уште ниту во најразвиените држави. Додека оваа борба за поеднакво општество е присутна секаде во светски рамки, време е да се потсетиме дека и денот кога ја пишувам оваа колумна,10 март, но и сите денови пред и по празникот, треба да ни служат како простор за овозможување на еднакви можности за сите наши граѓан(к)и.

Од година во година сведочиме и организираме дебати, панел дискусии, пригодни настани, даруваме внимание, енергија и подароци со кои го одбележуваме овој убав празник. Притоа, најчесто, критички се осврнуваме на неповолната положба на жената во македонското општество и колку треба да се направи за тоа веќе да не биде така. Истовремено, неодамна на еден настан кој го модерирав, сосема случајно една од присутните жени истакна еден многу малку познат факт на оваа тема.

Тоа е дека македонските жени со правото на глас се стекнуваат уште во далечната 1945 година, односно тоа е годината кога го добиваат своето избирачко право. Од друга страна, две земји, конкретно Швајцарија и Лихтенштајн, кои по многу параметри дефинираат што значи современ живот денес, истото го овозможуваат и гарантирааат во 1971 година и во 1984 година.

Без да има потреба од паралела помеѓу животниот стандард, степенот на демократија и почитување на човековите права, кои сепак се објективно мерливи и за тоа постојат статистики, сепак овој факт за македонските жени и импозантен, а за истиот дури и јас прв пат се запознав на последниот настан.

Како граѓани, честопати, знаеме неоправдано да бидеме престроги и премногу критички настроени кон сето она што е наше, кон сето она кое произлегува од оваа мала држава. Воопшто немам намера и никогаш не сум ги ни користел „розовите очила“ и диоптерот кој доаѓа со нив, но истовремено и секогаш сум се противел на она „нас Македонците не нѐ бидува“. Тие што не ги бидува имаат име и презиме, исто како што и оние кои многу ги бидува. Генерализациите се непотребни во ниту еден случај, а истото важи и во однос на чествувањето на 8 Март.

Повторно споменувајќи ја неодамнешната панел дискусија, една од говорничките истакна дека на нејзиното работно место најголемите подвизи секогаш ги преземале жените и во тоа успевале, додека мажите и не се снаоѓале толку многу добро. Феминизмот ни е потребен и што би рекол прочуениот Канаѓанец, Џастин Трудо, не треба да се плашиме од тој збор и истиот сите треба да го употребуваме.

Но, феминизмот за оние кои читале за него не е и не смее да се доживува како потреба за надмоќ на еден над друг пол, па нека е и тоа надмоќ на жените над мажите. Ако во конкретната работна средина мажите потфрлиле, тоа е индивудално, тоа е случај сам за себе и обратно. За потребата од еднаквост е нужно да се зборува бидејќи тоа е за добробит на сите кои живееме во општеството, поголемата еднаквост може да доведе само кон поголеми општествени придобивки и ништо друго.

Женските права се човекови права, а не се права кои ги застапуваат само феминист(к)ите или луѓето од граѓанскиот сектор. Ако сите поткрепени и официјални статистики укажуваат на тоа дека имаме поголем број на жени дипломки, магистерки и докторки на науки, едноставно мораме да се прашаме зошто истото потоа не се пресликува на пазарот на труд.

Мораме сите да го поставиме прашањето каде затајува системот, мораме сите да кажеме не на сите они недолични прашања кои многу често жените ги добиваат на интервјуата за работа. Тие не само што се незаконски прашања и никој никому не му должи одговор, тие се граничат со минималната пристојност и зборуваат за регресот кој човекот знае да го покаже дури и во третата деценија од 21-виот век.

Социјалните мрежи како феномен за кој може да се зборува и пишува на долго и широко, не смееме да го оставиме на страна како помалку важен простор и да не се запрашаме од каде произлегуваат сите тие недопустливи коментари и реакции за секој еден случај на родово базирано насилство.

Не смееме тие нешта да ги броиме како изобилие на лажни профили или како профили на луѓе кои се храбри на тастатура, а кукавици во живо. Не само што не секогаш е така, туку и затоа што и „храброста“ да се силиш преку тастатурата од домот и да се закануваш некому е казнива и редно е таа практика да заживее и во реалноста.

8 Март, во многу прилики, ни служи и како ден за истакнување на поволни или не толку поволни статистики, во поглед на вклученоста на жената во разни сегменти од општеството. Политиката, се подразбира, потфрла и онаму каде нема квоти - нема ни жени. Поразително и засрамувачки.

Но, како непоправлив и вечен оптимист, јас го гледам бизнис светот, во кои и тоа како сведочиме за жени присутни на одлучувачки позиции. Ја гледам македонската централна банка, со жена гувернерка и претежно женско раководство. Сакам да верувам дека промените се можни, но и дека истите тие промени се и веќе присутни.

За особено важно денес го сметам дијалогот за еднаквите можности и потребата навистина да се осигуриме дека тие се еднакви. За особено важно, вчера, денес, утре и секој ден го сметам малиот гест кој секој од нас треба да го прави за да покаже дека се застапува за поеднаков и поубав свет. На крајот на денот, цвеќарите работат 365 денови ако сакаме некому да подариме цвет без притоа несвесно да го девалвираме празникот.

Истовремено, 365 денови треба да биде и борбата преку која ќе се осигуриме дека чувари на патријархатот повеќе нема ниту меѓу мажите, ама ниту меѓу жените. Имаме многу горливи прашања за решавање, а секоја теорија и секоја практика покажуваат дека мешаните тимови и разноликите општества се секогаш поуспешни. Да живее жената, да живее секој ден!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG