Достапни линкови

Странските работници се од соседството, на прсти се бројат тие од Азија


Македонија - Градежни работници
Македонија - Градежни работници

Oд почетокот на годината Агенцијата за вработување издала работни дозволи на две лица од Непал и 10 од Пакистан, од Бангладеш немало заинтересирани. Најмногу дозволи се издаваат на работници од соседството и од Турција. Во Македонија има сè помалку луѓе кои може да работат, па еден од начините е да се увезат работници од странство. Но, за тоа е потребен добар план.

Нема да биде лесно во Македонија ни да се увезат работници од странство. Потребна е стратегија и добро планирање, зашто работата може лесно да се изјалови, велат луѓето упатени во бизнисот, по најавите на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи дека проблемот со недостигот на работници ќе се решава со „увоз“ на работна сила од Југоисточна Азија, каде што има пониска просечна плата од македонската.

Во Македонија има над 110 илјади невработени, но работодавачите се жалат дека или се неквалификувани или не сакаат да работат за тие пари што се нудат.

Зоран Кочоски од Агенцијата за посредување при вработување, Коузон вели дека најмалку 2000 евра ќе го чини работодавачот за да донесе работник од Непал, Пакистан или Бангладеш. На тие работници треба да им се купи авионска карта, да им се обезбеди работа, работна дозвола, сместување и тој работник треба да се задржи на работа најмалку три месеци.

„Го познавам менталитетот на тие луѓе, не сакаат тие да дојдат во Македонија, идејата им е кога ќе дојат на тло на Европа, да побегнат за Германија“, вели Кочоски, кој повеќе од две децении се занимава со посредување при вработување.

Тој го посочува примерот од „увозот“ на странски работници во Албанија, кој се изјаловил и за што земјата била предупредена од европските партнери.

„Албанија најмногу донесе работници од Египет. Европа ги прекори веднаш, зашто 70 отсто од барателите од Египет дојдоа во Албанија, само за да може да побегнат во другите држави“, вели Кочоски.

Зошто тие луѓе би дошле во Македонија се прашува и Кристина Ампева од Гласен текстилец, здружение кое ги застапува правата на вработените во текстилната индустрија.

„Еве нека земаат и минималец од 350 евра, но со што ќе живеат. Кромид ви е 90 денари, компир 80 денари, со кои пари ќе живеат тука, па треба и кирија да платат“, вели Ампева.

Кочоски, пак, вели дека модел кој земјава може да го копира од развиените земји е да дозволи увоз на работници кои перманентно ќе бидат населени и потоа ќе придонесат за зголемување на наталитетот во земјата. Но тоа, вели тој, бара подобро планирање, оти тие луѓе ќе треба по некое време да се спојат со своето семејство, или тука да родат деца, а тоа бара и градинки, училишта, бидејќи од неколку работници за една деценија може да се „создаде“ цел нов град.

Како еден од аргументите зошто би дошле странци од Далечниот Исток и од азиските земји до работа во Македонија, властите ја посочуваат платата во земјава, кое е поголема од платите во тие земји. Просечната плата во Македонија е околу 550 евра, а минималната достигна 330 евра.

По првичните најави дека проблемот со недостиг на работници во услови на огромна невработеност ќе се решава со работници од странство, вицепремиерот Битиќи ретерираше и рече дека увозот на работна сила од странство „не е долготрајно решение“, кое мора да се бара во преквалификација и доквалификација на македонските граѓани.

„Некои работни места од пред 30 години, веќе не постојат. Се бараат нови вештини и знаења. Владата никогаш не била тука да носи некого на грб, туку креира можности. Нуди законски можности, елиминирање на бирократските процедури, креира можности секој да си го најде местото“, вели вицепремиерот.

Македонија годишно може да дозволи 5000 работници од странство, според квотата што ја утврдува Владата. Во првите три месеци од оваа година се издадени 1348 работни дозволи за странци, ни кажаа во Агенцијата за вработување. Тие годишно добиваат над 5300 барања за работни дозволи за странци, а лани издале 5135 дозволи.

Агенцијата за вработување од почетокот на годината издала дозволи на две лица од Непал и 10 од Пакистан, од Бангладеш немало заинтересирани.

Најмногу дозволи се издаваат на работници од регионот. Први се Турците, па потоа следуваат државјани на Србија, Косово, Албанија и Грција.

Најмногу од странците се градежни работници, па молери, електричари, готвачи и шивачи, велат во Агенцијата за вработување.

Во Македонија подолго време работат градежници од Турција на објекти што ги градат турски инвеститори и градежници од Кина на изградбата на автопатиштата, а доаѓаат и сезонски работници од Албанија и Косово за земјоделски работи.

Во целиот процес за се извади дозвола за работна на странец има многу бирократија, па стопанските комори и работодавачите бараат процесот да се поедностави.

Меѓу 110 и 150 илјади луѓе во Македонија се без работа. Во Агенцијата за вработување има пријавено 110 илјади невработени и уште 46 илјади други лица кои бараат работа. Според Заводот за статистика, невработени се 115 илјади луѓе. Иако невработеноста во земјата континуирано се намалува од 2005 година, кога била над 35 отсто, и сега изнесува 14,3 отсто, сепак граѓаните во анкетите на јавно мислење ја посочуваат како еден од петте главни проблеми со кои се соочува земјата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG