Достапни линкови

Секоја нова власт со свој проект, долгорочни стратегии нема


Новата градоначалничка на Скопје Данела Арсовска и претходниот прв човек на градот Петре Шилегов
Новата градоначалничка на Скопје Данела Арсовска и претходниот прв човек на градот Петре Шилегов

Скопската градоначалничка Арсовска го стопираше проектот за јавниот превоз на нејзиниот претходник Шилегов. Во Македонија често се случува новите власти да стопираат се од претходникот, а аналитичарот Алберт Муслиу оценува дека главниот проблем е што недостигаат долгорочни политики.

Новата градоначалничката на Скопје Данела Арсовска го стопираше тендерот за изградба на автобуското метро или Бас рапид транзит системот кој беше план зa решавање на скопскиот јавен превоз подготвен од нејзиниот претходник Петре Шилегов. Нејзиното објаснување е дека за скопјани е непознат овој концепт, дека ќе се крати средишното зеленило на Партизанска и дека ќе ги консултира граѓаните прво на референдум. Таа најавува дека за две години, откако ќе се надминат долговите на Јавното сообраќајно претпријатие ќе има целосно бесплатен јавен превоз, нешто што го ветуваше во предизборната програма.

Во однос на така наречениот БРТ транспорт, за кој до вчера беше објавен меѓународниот тендер и на кој не се јави ниту една компанија, Арсовска посочи дека за овој превоз нема одлука од Советот на Град Скопје, а за вакви проекти советот мора претходно да донесе одлука.

За јавниот превоз во Скопје досега имаше повеќе визии, но рекордер идеја е онаа за трамвајот чија реализиација беше во почетна фаза, а следните градски власти не ја продолжија. Имено, за трамвај граѓаните гласаа и на референдум уште додека беа во бивша Југославија кон крајот на осумдесетите години. Проектот потоа го актуализираше градоначалникот Трифун Костовски, кој беше на чело на градот од 2005 до 2009 година. Трамвајот ја помина првата фаза под негово раководство, но наследникот Коце Трајановски не продолжи со реализација.

Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи АДИ ваквиот начин на однесување и постапување на македонските политичари не е продуктивен.

„Политичарите кај нас се однесуваат како историјата да почнува со нивниот мандат и за жал тоа се рефлектира не само во вакви проекти туку и во образование, во здравство, во економија, во сите сфери на општественото живеење“ вели Муслиу.

Но, ова не е првпат при смената на владејачки гарнитури да се стопира некој проект од претходната. На пример, актуелната владејачка гарнитура на централно ниво го стопира планот за изградба на нов клинички центар од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Никола Тодоров, поранешен министер за здравство во владата на Никола Груевски во 2017 година потпиша договор за нов клинички центар, кој требаше да се гради на местото на старата гинекологија која се наоѓа кај комплексот клиники, а требаа да го градат македонските фирми Гранит и Бетон и италијанската компанија Инсо системи.

Потоа владата на СДСМ одлучи да го раскине договорот оти сметаа дека Клиничкиот центар треба да се гради на друга локација, во општината Ѓорче Петров. Нов клинички центар се уште нема.

„Во секој случај кај нас недостигаат долгорочни политики и за жал политичарите не се одлучуваат да седнат и да решат во која насока ќе се движи инфраструктурата, екологијата, образованието и во следните 20 години без разлика кој ќе биде на власт да ги продолжи тие активности“, вели Муслиу.

Во соседството има поинакви примери како софиското метро. Тоа почна да се гради во 1998 година. Од тогаш се сменија пет градоначалници на Софија од различни политички опции и дури 15 влади но метрото не престана да се гради со пари од централната, локалната власт и европските фондови. Сега е во должина од 52 километри и има 47 станици.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG