Достапни линкови

Онлајн едукација заради неизвесноста со КОВИД - 19


Затворено училиште поради коронавирусот
Затворено училиште поради коронавирусот

Утре треба да започне онлајн наставата за студентите од државните и приватните факултети, поради коронавирусот.

Образовните институции прекинаа со настава од 11 март, а бидејќи пандемијата од коронавирус се шири, Министерството за образование побара да се организира онлајн настава.

Министерот за образование Арбер Адеми, по средбата со ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски и Томе Неновски, претседател на Конференцијата на приватни унивезитети, изјави дека онлајн наставата претходно била користена и е општо прифатена во европските и светските универзитети.

Факултетите подготвени

По состанокот тие информираа дека универзитетите се информатички и технички опремени и професорите се подготвени да придонесат за организирање настава на далечина за студентите. Јанкуловски рече дека веќе е подготвен и вонреден распоред за работа на администрацијата на факултетите. Министерството и универзитетите дополнително ќе утврдуваат како студентите ќе ги полагаат испитите.

„Факултетите се подготвени да им излезат во пресрет на студентите и да се адаптираат на моменталната ситуација. Како што веќе напоменав голем дел на факултети веќе започнаа со онлајн настава, а останатите се во фаза на подготовки, па веќе од следната недела можеме да очекуваме дека сите студенти ќе имаат можност да ја следат наставата преку своите електронски уреди. На ниво на Универзитет, се работи на правилник за работење за време на превентивните мерки, кој ќе биде донесен во најкус можен рок. Морам да кажам дека, можеби за прв пат, имаме висок степен на соработка во академската заедница, односно студентите и професорите заедно работат на решенија кои ќе ги минимизираат последиците од коронавирусот во однос на образовниот систем“, изјави претседателот на Студентскиот парламент при УКИМ, Борјан Ефтимов.

Тој исто така рече дека членовите на парламентот веќе ги одржуваат седниците онлајн, преку платформата Zoom. Како парламент, започнале со подготовки и изнаоѓање решенија за онлајн настава уште од самиот прекин на предавањата. Апелираат министерството да има поголема транспарентност во работењето и поактивно вклучување преку онлајн механизмите за комуникација.

„За почеток Министерството за образование и наука може да ги рекативира своите онлајн медиуми за комуникација. Апсурдно е Министерството да наложува било што, а притоа последниот пост на фб страната на МОН да биде од минатата деценија. УСС започна да работи на изнаоѓање решенија за онлајн настава и работа многу пред МОН да наложи било што. Подготовките се започнати од првиот ден на мерките и веќе сме во завршна фаза на нивна имплементација“, додаде Ефтимов.

МОН со апел училиштата да бараат алтернативи

Од ресорсното министерство порачаа основните и средношколските училишта да бараат алтернативни начини за далечинско учење. Олеснителна околност кај факултетите, според Адеми, е што, за разлика од основците од пониските одделенија, овде се работи за студенти кои се вешти во користењето на ИТ-уреди и едукативни алатки и апликации.

Средношколците бараат подетални информации за нивната настава.

„Дел од професорите по своја иницијатива започнаа со продолжување на нивните часови преку онлајн платформи прилагодени за едукација, само мал дел од учениците во земјата го продолжуваат образованието и тоа за одредени предмети што води до нееднакви образовни услови. Образованието за учениците од прво до четврто одделение се одвива преку ТВ училница, а образованието на универзитетите ќе започне од понеделник дигитално. Досега не добивме официјални информации за средното образование и би сакале да добиеме податоци како тоа ќе се одвива, во најкраток можен рок за да нема голема пауза во образованието“, стои во соопштението од Сојузот на средношколци.

Како предлог тие наведуваат повеќе алтернативни платформи за настава. Другата алтернатива, велат тие, е МОН да ја прогласи оваа учебна година за неуспешна и да најде решение со полагање на последното тримесечје како класен испит по завршување на состојбата или да се повтори целата учебна година.

Училиштата, веќе од петокот, започнаа со алтернативни начини за едукација на интернет. Дел од нив се одлучија делумно да имаат настава преку социјалните мрежи, односно наставниците да испраќаат материјали за учење и домашни задачи. Други пак, материјалите за настава ги ставаат на веб-страниците и контактираат преку меил. Но, има и некои кои ги користат постоечките онлајн платформи како Гугл класрум (Google classroom).

XS
SM
MD
LG