Достапни линкови

Нов бран на Ковид-19, мерки засега нема


Луѓе со заштитни маски поради Ковид-19 на Камени мост во Скопје.
Луѓе со заштитни маски поради Ковид-19 на Камени мост во Скопје.

Од Министерството за здравство велат дека засилување на мерките на територијата на целата држава ќе бидат имплементирани доколку продолжи да се зголемува бројот на новозаразени граѓани од корона вирусот. Според доктор Пановски, мерките доцнат.

Бројката на новозаразени со Ковид-19 во последниве денови постојано расте. Најмногу случаи има во Тетово, а потоа во Скопје, а заедно тие сочинуваат половина од регистрираните заболени. Вкупно до денеска има 995 активни случаи на ниво на цела држава. Од Министерството за здравство велат дека засега не планираат воведување на некакви рестриктивни мерки.

„Засилување на мерките на територијата на целата држава ќе бидат имплементирани доколку продолжи да се зголемува бројот на новозаразени граѓани од корона вирусот. Според последните најави истите ќе се однесуваат на невакицнираните граѓани, со цел заштита на целокупното население и натамошно ширење на вирусот. Во која форма ќе бидат истите, јавноста ќе биде навремено информирана“, наведуваат од Министерството за здравство за РСЕ.

Министерот за здравство, Венко Филипче неодамна изјави дека е очигледно оти нема да запре трендот на појава на нови соеви на вирусот и многу веројатно е дека Делта сојот нема да биде последниот. Според него, едно од можните сценарија е да има препорака за трета доза на вакцини. Тој рече и дека се размислува за рестрикции во есенските месеци по примерот на некои други земји во делот на ограничување на влезот во затворени простории, односно да се бара задолжителна потврда за вакцинација.

Микробилогот професорот Никола Пановски вели дека реалните бројки се поголеми и има сигурно над 1000 позитивни случаи.

„Ова се луѓе што треба да се вратат дома. Од Тетово биле на свадба и сега гледаат дека се позитивни. Ова е само еден дел од позитивните така што бројот ќе расте. Зависи колку ќе се тестираат тие, бидејќи сега се тестираат заради патување, не зошто се со симптоми. Ретко кој од младиве настинати ќе се тестира. Има и вакцинирани кои имаат слични симптоми на настинка. Така што не знаеме точно колкав е бројот. Мерки нема никакви, освен маска која некаде се почитува, а во некои градови воопшти не. Сега е доцна за мерки. Мерките се носеа кога немаше случаи да се спречи да навлезе Делта сојот и ако навлезе да се спречи да се шири“, вели Пановски.

Епицентарот на Ковид 19 сега е во Африка, протести во Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:14 0:00


Професорот Дејан Трајковски кој постојано објавува анализи на Фејсбук за ситуацијата со Ковид-19 денеска објави дека овој бран, заради високиот репродукциски број, ќе биде стрм, висок и тесен (пократкотраен), слично како во Велика Британија.

„За жал, стапката на леталитет не е ниска, ако судиме според Скопје и Тетово (иако сме на самиот почеток за попрецизни вредности), па можно е да има повторно гужви во болниците и многу смртни случаи, но сето тоа да трае пократко време. Во секој случај, во претстојниот бран морталитетот нема да биде низок како во Велика Британија, заради многу помалиот опфат со вакцинација кај нас“, пишува Трајковски.

Раководителката на епидемиолошката служба при тетовскиот Центар за јавно здравје, доктор Сузана Субашиќ смета дека за само еден месец од регион со спорадични случаи Тетово е во фаза на широко распространета трансмисија на Ковид-19. Според неа, ако населението не се вакцинира и ако не ги почитува мерките, препораките и протоколите, состојбата може уште повеќе да се влошува.

„Високата бројка во градот Тетово се должи како резултат на тоа што ние имаме многу лица дојдени од западните земји кои после престојот во државата се тестираат за да можат да заминат во земјите каде што работат. Голем дел од нив се млади лица и се асимптоматски но сепак инфицирани со Ковид-19“, рече д-р Субашиќ.

Во земјава денеска пристигнаа 20.000 вакцини на „Астра Зенека“, донација од Хрватска. Вакцините од следната недела ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови низ земјата. Претходно Хрватска донираше 10.000 вакцини од истиот производител.

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 528.117 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.993 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 10.179 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 944.731 дози вакцини, а ревакцинирани се 416.614 граѓани.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG