Достапни линкови

Младите се иселуваат, нема кој да ги чува старите


Луѓе со заштитни маски рибарат на брегот на Вардар во Скопје, пензионери
Луѓе со заштитни маски рибарат на брегот на Вардар во Скопје, пензионери

За разлика од пред две децении, сега има скоро 140 илјади повеќе луѓе над 60 години. Бројот на млади до 29 години, пак, се намалил за 270 илјади луѓе. Потребна е промена на политиките, имајќи ја предвид ваквата демографска структура на населението.

Овозможување на пензионерите, барем сезонски или повремено, да се вклучуваат на пазарот на труд, како и поголеми инвестиции во старечки и пензионерски домови, како и создавање на кадар за работа во нив, се работите кои ќе мора да се прават во наредниот период, имајќи ги предвид податоците од пописот за забрзано стареење на населението. Економскиот аналитичар Горан Рафајловски, пак, вели дека Македонија ќе треба да ги отвори вратите и за работници од странство.

Резултатите од пописот покажуваат дека Македонија сега има 1,83 милиони жители,185 илјади помалку од претходниот попис во 2002 година.

Сепак, бројот на стари луѓе се зголемува, на сметка на огромното намалување на млади и работоспособни луѓе.

За разлика од пред две децении, сега има скоро 140 илјади повеќе луѓе над 60 години.

Ако во 2002 година имало 303 илјади луѓе над 60 години, сега има над 440 илјади луѓе на таа возраст.

Бројот на млади до 29 години, пак, се намалил од 907 илјади на 638 илјади луѓе, односно намалување за 270 илјади луѓе.

Социологот, професор Ѓорѓи Тоновски вели дека е неопходна промена на политиките во однос на овие демографски промени. Од една страна нема доволно градинки, а има сè помалку деца, а од друга страна нема старечки домови, а има сè повеќе стари луѓе. Тука треба сериозно планирање, вели Тоновски.

„На пример во определени градови каде што нема такви старечки домови ни сега, а камоли во некаква иднина, имате таканаречени заробени семејства, јас тие ги нарекувам заробени семејства. Мора некој да биде дома по цел ден затоа што има стар човек за кого нема кој да се грижи и тогаш или мажот или жената мора да седи дома зашто нема кој да го чува стариот човек и тоа е голема загуба. Така што, овој проблем е повеќе од итен“, вели тој.

На тој начин ќе се ослободат и повеќе луѓе на пазарот на труд, кои ќе бидат неопходни, со оглед на намалувањето на работоспособното население.

Економскиот консултант Горан Рафајловски, пак воопшто не е оптимист. На Македонија ѝ се потребни коренити реформи, а не гледам ни желба, ни знаење за да се направат, вели тој.

„Демографската структура ни Германија не ја прави со тоа што се раѓаат Германци. Старото европско население, во кое спаѓаме и ние, нема можност за репродукција каква што ѝ е потребна и од таа причина единствен начин е да ги земеш од таму каде што се посиромашни и да го размешаш населението.“

РСЕ: Сметате дека Македонија е во позиција да увезува работна сила?

„Да. Погледне само по колку месеци им седат во градежништво и во земјоделие огласи за работници и никој не се пријавува“, вели Рафајловски.

Тоновски вели дека ќе мора да им се дозволи и на пензионерите да работат.

„Во нашата социјална политика има една голема празнина, а тоа е забрана на пензионерите да се занимаваат со каква било активност по земањето на пензијата. Тоа значи дека вие сте апсолутно исклучени од процесот на трудот и тоа мора да се менува“, вели Тоновски.

Рафајловски се согласува дека на пензионерите мора да им се дозволи да работат, но смета дека тоа не може да го реши проблемот.

„Срамно неправедно е за тие што сакаат и можат да продолжат да работат да не земат барем половина пензија. Навистина е срамно“, вели Рафајловски.

Колку е интензивно иселувањето на млади и работоспособни луѓе покажува податокот дека во 2002 година имало 629 109 луѓе меѓу 15 и 34 години. Сега, тие луѓе се на возраст од 35 до 54 години, но резултатите од пописот покажуваат дека во таа возрасна група има 507 654 граѓани, односно од земјава се иселиле над 120 илјади работоспособни луѓе.

Според предизборните ветувања од последните парламентарни избори од 2020 година, се чини дека и партиите се свесни за проблемот. СДСМ ветуваше 10 центри за активно и здраво стареење, отворање нови старечки домови во Скопје, Кочани и Пробиштип и услуги за помош и нега во домот.

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ветуваа вклучување на пензионерите во пазарот на трудот. СДСМ ветуваше формирање на комунална полиција под ингеренции на локалната власт во која ќе може да се ангажираат и пензионери, особено од полицијата и армијата, кои ќе продолжат да ја примаат пензијата, а ќе примаат и надоместок за ангажман. ВМРО-ДПМНЕ пак најавуваше можност за ангажирање на пензионери за сезонска работа без да ја изгубат својата пензија.

Според проценките на Државниот завод за статистика на крајот на минатата година требало да има работоспособно население од 1 682 800, но пописот покажа дека има 1,469,282, односно 200 илјади помалку работоспособни. Како работоспособно население се сметаат луѓето на возраст од 15 до 79 години.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG