Достапни линкови

Лебот „замрзнат“, компаниите без повластена струја


Илустрација
Илустрација

Владата денеска ја замрзна цената на белиот и полубел леб од 450 грама на максимум 33 денари. Донесена е и одлука да се укине повластената струја за компаниите од прехранбената индустрија, затоа што не ги намалиле цените. Едни обвинуваат за популизам, други за воено профитерство.

Популистички потег за зголемување на личниот рејтинг на министерот за економија Крешник Бектеши или борба против „воените профитери“ меѓу производителите и трговците со храна?

На предлог на Министерството за економија, Владата одлучи да ја ограничи цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на максимум 33 денари. Пекарите се заканија дека ако одлуката биде усвоена, тие нема веќе да носат леб во продавниците.

Одлуките за лебот и укинувањето на повластената струја ги соопшти премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши.

„Владините мерки за поддршка не се донесоа за едни да бидат повластени на сметка на други, за некој да се богати, за поединци да имаат бенефит и за да се удри по џебот на граѓаните, туку со единствена цел – да се намалат цените на основните производи и да им се помогне на граѓаните“, рече премиерот Ковачевски.

Мелничарите вчера се заканија дека ако се замрзне цената на лебот, тие ќе го прекинат производството.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, ги повика пекарите на разговор, за да се снајде соодветно решение.

„Не е фер да се кажуваат невистини. Да не креираме хистерија за состојбата со лебот во Македонија“, рече министерот.

Укинувањето на субвенционираната струја на фирмите кои произведуваат основни прехранбени производи, е затоа што не го испочитувале џентлменскиот договор да ги поевтинат производите. Владата од ноември им понуди струја на фирмите кои произведуваат основни прехранбени производи неколку пати поевтина од берзанската. Лебот е само прв чекор, веќе работиме и на замрзнување на цените на другите основни производи, рече Бектеши.

„Со ова уште еднаш се покажува дека владата работи во интерес на граѓани и нема да дозволиме да има воени профитери во време на ваква голема криза“, рече Бектеши.

Аналитичарот Синиша Пекевски вели дека ограничувањето на цената нема да го реши проблемот со високите цени на храната. Ако веќе замрзнуваат, тогаш не треба да биде само лебот, туку сет на основни производи, вели тој.

„Популистичка мерка на министерот и на Министерството за економија. Сакаат само да покажат пред поголемиот број граѓани кои се во незавидна положба, кои имаат потпросечни примања и кои инфлацијата и кризата најмногу ги допира, еве да покажат дека реално сакаат да им овозможат основниот продукт да биде по некоја цена која може да биде прифатлива за нив“, вели Пекевски.

Според него, сепак не се работи за подготовка за избори, кои нема да се случат набрзо.

Пекарите веќе нема да прават леб?

Групацијата на пекарската индустрија во Стопанската комора на Македонија реагираше дека ако владата донесе одлука за замрзнување на цените, тие веќе нема да произведуваат леб, затоа што ќе работат со загуба.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираше дека замрзнување на цената на лебот е знак на немоќ на владата и знак на лошо раководење со економската политика што може да предизвика недостиг на пазарот.

Во изминатите денови премиерот Димитар Ковачевски и министерот Бектеши даваат спротивни изјави. Ковачевски вели дека владините мерки даваат резултат и храната поевтинува, Бектеши, пак, дека две третини од компаниите кои добиваат поевтина струја само си го зголемуваат профитот, а производите имаат иста цена. Но сепак новите мерки за цената на лебот и струјата на прехранбените компании ги соопштија заедно на прес-конференција

Разногласие во Владата за цените на прехрамбените продукти
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:38 0:00

Големиот раст на цените на прехранбените производи цела година е проблем во Македонија. Земјава има највисока инфлација во регионот и една од највисоките во Европа.

Инфлацијата ја „јаде„ храната

Храната во јануари била за 25 проценти повисока од истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Лебот и житата се поскапи за дури 40 проценти, месото за скоро 30, а млечните производи и јајцата за 36 отсто.

Владата презеде низа мерки за ограничување на цените, но со скромен успех. Од јуни, владата ги ограничи маржите на основните прехранбени производи, а од 1 ноември им дава поевтина струја на фирмите што произведуваат масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, како и месната и живинарската индустрија.

Глобалните цени на храната според индексот на ФАО (Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации) паѓаат десетти месец по ред и сега се дури и пониски од пред една година. Храната драстично поскапе во март, по почетокот на руската инвазија врз Украина, но оттогаш постојано поевтинува и сега е за 18 отсто поевтина од март.

Мелничарите, пак, велат дека се уште не ги дотрошиле скапите залихи кои ги набавиле. Додаваат дека во изминатата година платите на вработените, кои многу повеќе влијаат на крајната цена, многу пораснале поради недостигот на работна сила.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG