Достапни линкови

Криптоменувачниците во сива зона


Независната угостителска комора бара регулирање на трговијата со криптовалути, АТМ апарати за криптосредства и сопствена криптовалута. Гувернерката Ангеловска - Бежоска вели дека засега менувањето на криптовалути за кеш во менувачниците не е дефинирано во законот за менувачко работење.

Од 2 до 5 проценти се движи провизијата за размена на криптовалутите за пари во скопските менувачници. На интернет може да се најдат десетина менувачници кои нудат услуги за откупување на криптовалути и тргување со нив. Но, нивната работа е во сива зона, нити е дозволено и со закон уредено, нити е забрането.

Законодавците засега разгледуваат регулирање на виртуелните пари само во делот на спречување на перење пари и финансирање на тероризам со утврдување на механизми со кои ќе се врши контрола при потенцијални злоупотреби на виртуелни пари со помош на надзорен орган односно надлежна да биде Управата за финансиска полиција. Со ова остануваат многу прашања и натаму да бидат отворени, како што е заштитата на граѓаните од измама или под кои услови може да се размената за кеш криптовалутите на криптомати или во менувачници.

Гувернерката Анита Ангеловска -Бежоска вели дека ставот на Народна банка е дека е потребно посеопфатно регулирање на сегментот со виртуелните пари, затоа што се потребни јасни правилна игра. Причината за тоа е што досегашната нерегуларност на криптопазарот остава простор за големи ризици.

„Реално штом не е регулиран, не е забранет, но постојат и ризици, постојат можности за голема заработка, но постојат и ризици од голема загуба. Ние како Централна Банка во комуникацијата со јавноста јасно посочуваме дека тргувањето не е забрането, но самото по себе носи ризици за кои секој поединец треба да е свесен при носењето одлука за инвестирање“, вели Ангеловска - Бежоска.

Моментално поголемиот дел од трансакциите и инвестициите во криптосредства се одвиваат преку разни странски криптоменувачници или со размена на криптосредства меѓу физички лица при што не се води евиденција односно се нема контрола на готовинските текови на пари. Дел од македонските криптоменувачници работат само онлајн со критотргување. Но, менувачниците кои физички разменуваат криптовалути за денари или евра на рака, го прават тоа во сива зона, затоа што според законот за менувачко работење тие немаат право да го прават тоа. Но, во превод, тоа значи дека може да го прават ако се регистрирани во Централниот регистар дека вршат и други дејности без да прецизираат кои дејности.

Гувернерката на Народна Банка за легалноста во работењето со крипотвалути
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:42 0:00


„Субјектите кои што вршат менувачко работење, кои вршат менувачко работење, кои имаат лиценца од Централната банка за менувачко работење, тоа не значи дека ги вршат само тие активности, значи субјектот може да има лиценца да врши и други активности. Јас се фокусирав на прашањето менувачко работење. Размената за криптосредства за други валути не подлежи на дефиницијата за менувачко работење“, вели Ангеловска -Бежоска.

Македонскиот криптоексперт Дарко Симуновски неодамна за РСЕ изјави дека речиси во секој град може да се најде менувачница која ќе ти размени крипто за кеш.

„Најдобар начин за да се дојде до пара во рака, има неколку менувачници, ми се чини дека се околу седум или осум менувачници во Македонија, од кои има две - три во Скопје, има во Тетово, Струмица, Кичево и Битола. Може и преку Вестерн унион размена на пари. Ова се шири, се додека не се регулира тоа се опциите за луѓето кои поседуваат криптовалути да ги разменат за физички пари. Начинот е едноставен, кога некој поседува криптовалити, во менувачница им праќаш на нивната адреса криптовалути, а тие ти даваат кеш на рака, слично како размена на евро за франк или за денари“, вели Симуновски.

Ем на кафе, ем на крипто-берза
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Лиценца за менувачко работење освен менувачници можат да извадат и хотели или ресторани. Од независната угостителска комора во Владата доставија барање за регулатива според која законски ќе се регистрира македонска крипто менувачница, ќе се издадат македонски криптосредства – коини, односно криптосредства – токени за угостителската индустрија и законски ќе постават крипто АТМ апарати кај реномирани угостителски објекти низ повеќе градови.

Претседателот на угостителската комора Здравко Јосифовски вели дека поголем дел од нивните членки се заинтересирани спроведување на иницијативата.

„За жал, во изминатиов период иако имаше најави, во собраниска процедура е закон со кој само дел од работите за кои потегнавме иницијатива и дискутиравме ќе бидат овозможени и дозволени, се уште не е поминат, и во моментов за угостителите не постои никаква можност да се прифаќаат односно да се плаќа со криптовалути низ угостителските објекти низ Македонија“, вели Јосифовски.

Според сознанијата со кои располагаат од угостителската комора има повеќе од 50.000 регистрирани сметки со криптосредства во сопственост на македонски граѓани и на нив има околу половина милион евра инвестирани во криптовалути. Овие пари, како и парите на странците кои би ги користеле услугите во угостителските објекти со крипто средства, или пак официјално би ги разменувале на апаратите поставени во хотелско-угостителскиот сектор, според Независната угостителска комора, ќе го раздвижи туризмот и угостителството во земјава.

„Едно до барањата на комората е и воведување на сопствен македонски токен кој ќе го издадат угостителите, а ќе се пласира преку туристичка понуда во соседните држави и светот се со цел да им се овозможи на странците кои што сакаат да летуваат за одредени услуги кои би можеле да ги добијат при посетата на државата без разлика што тие не беа поврзани со конкретен датум кога ќе го направат тоа“, вели Јосифовски.

Речиси сите земји од регионот имаат одредена регулатива, за која Јосифовски вели дека е подобра од немање никаква.

Популарниот Егзит фестивал кој се одржува во Нови Сад, минатата година објави дека се приклучува кон, како што се вели во објавата, крипто револуцијата и дека ќе овозможи влезниците за фестивалот да се платат со криптовалути.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG