Достапни линкови

Замрзнати цени, одмрзнати гласови


Архивска фотографија - Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши во посета на маркет
Архивска фотографија - Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши во посета на маркет

Неполн месец по замрзнати цени ќе се продаваат домати, пиперки, грав, банани... Анализите покажале дека овие производи се продавале со маржи и над 200 отсто. Бизнисмените негодуваа, а економските аналитичари не гледаат никаква стратегија и велат дека се работи за популистички мерки.

Од сега по замрзнати цени ќе може да се купат и банани, лимони, карфиол...

По замрзнувањето на цената на лебот, па потоа и тестенините, млечните производи, јајцата, оризот и хигиенските средства, владата на 3 април одлучи да ги ограничи цените и на дел од овошјето и зеленчукот.

Замрзнати се цените на 11 овошки и зеленчуци (домати, краставици, пиперки, кромид, карфиол, грав, леќа, банани, портокали, мандарини, лимони).

Сепак, се чини дека ефектот од замрзнувањето на цените на јужното овошје ќе биде незначителен, со оглед на тоа што граѓаните во просек јадат по килограм банани и помалку од половина килограм портокали месечно.

Според податоците на Царинската управа, минатата година во Македонија биле увезени над 23 милиони килограми банани, 8,2 милиони килограми лимони, 8,4 милиони килограми мандарини и скоро 10 милиони килограми портокали.

Ако тие количини се поделат на 12 месеци, па потоа и на 1,8 милиони жители, испаѓа дека секој граѓанин во просек месечно јаде по над 1 килограм банани, 370 грама лимони, 380 грама мандарини и 440 грама портокали.

Но тоа не е сè, листата може да се зголеми, а министерот за економија Крешник Бектеши побара помош од граѓаните тие да ја надополнат со производи на кои треба да им се замрзне цената.

Бектеши вели дека новата одлука ќе стапи на сила на 5 април, а ќе трае до крај на месецот. Сега на пример цената на бананите се движи од 79 до 91 денар, а со новата одлука не треба да се продаваат по цена повисока од 70 денари.

Инфографика - Замрзнати цени на 11 видови овошје и зеленчук во период од 5 до 30 април 2023
Инфографика - Замрзнати цени на 11 видови овошје и зеленчук во период од 5 до 30 април 2023

Маржи и до 250 отсто

Тој вели дека анализите покажале дека овие производи се продавале со големи маржи.

„Во тек на март достигнувале маржите, за жал, и до 200 - 250 отсто“, рече министерот на прес-конференција на 3 април.

Не е првпат владата да побара помош од граѓаните. Досега имало повици да пријавуваат несовесни трговци, екстремно зголемени цени, корумпирани административци, ладни радијатори…

Владата вели дека ова се мерки за помош на граѓаните, бизнисмените негодуваа, а економските аналитичари велат дека се работи за популистички мерки за политички маркетинг.

Економистот Арбен Халили вели дека не гледа стратегија во владините одлуки за замрзнување на цените на храната, туку само популизам.

„Замрзнувањето на цените не придонесува за економски развој на земјата, не придонесува за подобра состојба на стопанството. Замрзнувањето на цените се случува во период кога интензивно почнува да се зборува за избори и ова ќе им биде главен адут на властите, дека еве ние помогнавме на граѓаните, а нив не ги гледаат како граѓани, туку како гласови, а друга страна му штети на стопанството“, вели Халили.

Зелен пазар во Скопје
Зелен пазар во Скопје


Други економисти предупредуваат дека замрзнувањето може да предизвика задоцнета инфлација, слично како во Унгарија, зашто цените нагло ќе пораснат кога ќе прекине замрзнувањето.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека нема да дојде до нагло поскапување.

Цените на храната на меѓународниот пазар веќе цела година се намалуваат, но тој тренд не се следи во Македонија, а храната е за 25 отсто поскапа од лани.

Професор Марјан Петрески вели дека дури и да се оправдани мерките на Владата, тие треба да траат кратко.

„Ваквите мерки треба да се со цел да го стабилизираат пазарот. А понатаму да се напуштаат а пропо генералната дискусија дека помош во кризата треба да се канализира до најзасегнатите, додека дел од популацијата што може товарот да го сноси сама треба да се остави да го сноси сама“, изјави неодамна Петрески за Радио Слободна Европа.

Одлуката за замрзнати цени на останатата храна ќе важи до 31 мај, а можно е и да се продолжи тој рок, ако има нелогичности во цените, соопшти Владата.

Владата досега презеде низа мерки за ограничување на цените. Во јуни 2022 година ги ограничи маржите на основните прехранбени производи, а на 1 ноември им даде поевтина струја на фирмите што произведуваат масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, како и месната и живинарската индустрија. Но, оваа мерка траеше кратко, оти, како што посочи Владата, производителите не ги намалија цените на храната.

Големиот раст на цените на прехранбените производи е проблем во Македонија, како земја со највисока инфлација во регионот и една од највисоките во Европа.

Синдикатите, пак, реагираа дека замрзнувањето на цените е задоцнето, односно дека ова требало да се направи уште во септември лани, кога инфлацијата беше највисока.

Инфлацијата во земјава во февруари годинава изнесуваше 16,7 отсто, во однос на истиот месец лани. Во Европа, повисока инфлација од Македонија имаат само балтичките земји, Полска и Унгарија.

Храната насјкапа во Македонија

Просечната годишна инфлација во 2022 година во Македонија изнесувала 14,2 отсто, додека индексот на цените на мало бил зголемен за 12,6 проценти, според податоците на Државниот завод за статистика.

Најголем раст на индексот на трошоците е забележан току кај храната и безалкохолните пијалаци, кои за една година поскапеле за 20,9 проценти.

Откако почна замрзнувањето на цените на храната, Државниот пазарен инспекторат контролира дали се почитуваат владините одлуки. Досега инспекторите спровеле над 1800 инспекции и изрекле казни во вредност од над 2,5 милиони денари, околу 40 илјади евра.

Што направија другите?

Македонија не е единствената земја која со замрзнување на цените се обидува да ја заузда инфлацијата. Цени на основните прехранбени производи замрзнуваше и Србија, Хрватска, Унгарија и други земји во Европа, а повеќе земји од Европската унија ограничуваа цени на струја, гас, греење и горива.

Француската влада, во договор со трговските ланци, ги намали цените на 200 основни производи.

Грција одлучи сите супермаркети да мора да имаат по еден производ од секоја категорија по пониска цена.

Освен замрзувањето или ограничувањето на цените, европските влади почесто интервенираа со намалување на даноците и пакети помош за ранливите категории.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG